06 March 2006

Интернетско-планинарски асоцијации


Човек ќе тргне на едно место, ќе се најде на сосема десетто. Како почна моето денешно играње асоцијација на Интернет (за планините, малку трпение).

За читање вести и она што ми е занимливо на Интернет го користам „Гугл ридер“ (Гугл има многу фин црно-бел дизајн, ми лежи), бесплатен читач на RSS feed-ови (повеќето сајтови - па и овој блог - имаат страница којашто ако се внесе во читачот на РСС, тој ја проверува што има ново од последната посета и дава список најнови статии и написи на сајтот од последната посета навака - може историјатот да иде до времето на запишувањето за услугата, ама немам време да копам толку длабоко). И таму најмногу вести (и занимливости) наоѓам од
digg.com (десно во поврзници - „мрежно копаничарење“). Е, таму гледам, списанието Вајад (Wired) направило избор на најшизички предмети во последниот мартовски број. И, таму, покрај каминот на вода (што чини 50.000 долари и бара тотално прежичување на електричната инсталација дома - му треба да има 60-амперска инсталација - а во Македонија стандардно е едно броило да држи до 40 ампери) видов дека некој тип патентирал ...
светулки во шише :). Ставиш три батерии во едно као капаче за шише, го вклучиш, и можеш да го користиш како ламба за читање или како батерија. Генијално! Е, истите тие „гјото дизајн“ направиле исто толку генијален држач за пиење од шише со една рака (проблемот кога ти се пие вода додека возиш точак - како да го одвртиш капачето). Добро било и за планинарење, па ги претставиле во некое
американско списание за планинари Бекпакер.ком. А, таму, пак, во рекламата на списанието, гледам нивниот уредник за приказни (feature editor) му текнало да помине
7 национални паркови за 7 дена додека го ранел бебето на цуцла :). Подетално - кликнете на седумките - па ќе видите дека се зезнал малку што отишол со другарка-фотограф (планинарењето знае да биде мошне напорно на психички план), но успешно го извршил планот и поминал вкупно околу 2500 км во возење и 50 км во пешачење!

И мојата прва реакција беше „леле, маршрута“, арно ама, прво ми текна на едно мое патешествие со побратимот Мите пред 10-тина години. Отидовме со воз до Битола (176 км - со воз 220). Од железничка до Копанки, планинарскиот дом на Пелистер што е над хотелот Молика, бевме пешки. Тоа се 13 км пешки, од кои 7 се угоре - висинска разлика 1000 метри (качување на Водно од Центар е 600 метри). Преспивање во Копанки, па до врвот на Пелистер и преку него до планинаркиот дом на Големо Езеро. Тоа се уште 3 километри - висинска разлика 500 (угоре) + 300 метри (удолу), ама по срт. Ни се погоди врвовите да бидат во облаци и се сеќавам на неверојатната тишина до горе (доживување слично на седење во глува соба - ги слушаш само ритамот на срцето и шумот на јурењето на крвта. И бревтањето :). Преноќување на Големо Езеро и утредента пешки до Крани, на Преспа. Уште 12 км (за малку ќе заакавме за Грција во тоа облаците), висинска разлика 1000 метри. Тазе лепешки од мечки што уште чуреа - само двапати. Во Крани подостанавме малку и се вративме со автобус, ама ако се споредиме со господинот уредник, имавме 400 км возење и 28 км пешачење (маршрутата Битола-Пелистер-Г. Езеро-Крани ја препорачувам на сите - тоа е еден од поубавите предели во Македонија.)

Добро, ај младешки подвизи. Туку, летоска направивме нешто слично со жена ми (трудна петти месец) и децата (5 комада во распон од 1 до 9 години). Пак отидовме до Битола (го прогласивме за центар на авантурата) и оттаму секој ден одевме на друго место. Комбето имаше 900 км на бројчаникот кога се вративме. За 5 дена - еден ден бевме до Зрзе, втор ден Отешево, трет ден до Пелистер, четврти ден - пак Преспа. Пелистерскиот марш беше најнапорен (и најубав за децата, првпат да бидат толку високо, со ранци на грб и со точен временски распоред - на планина нема шега :). Од паркингот под Молика свртевме круг преку Пали Снопје (се чита заедно), па назад (угоре) кон Копанки и долу до комбето. Само клинците поминаа 10 километри тој ден.

Ги мислев Америте пок`ниња како планинари (добро, човекот извозил бајаги за 7 дена), ама гос`н уредник направил нешто што јас го немам направено - фоторепортажа како тема на бројот во својот весник :). Да знам другпат што да правам кога идам во авантури.

За крај, Симеон покрај каменот-срце кај Ластојчин Камен.

15 February 2006

Средба = среќа

Си бил еден преведувач. Мајстор на својот занает. Живеел во културниот центар на светот. Преводите ги работел совесно и со страв Божји (оти бил верник) и не му недостигале ни работа, ни пари. По пар децении такво работење, дошло и признанието, нормално. Царот му пуштил абер дека е одбран во елитното друштво за најголемиот преведувачки потфат дотогаш - 70 врвни преведувачи да го преведат Светото Писмо од еврејски на елински, тогашната „лингва франка“. Секој добил по една книга да преведе и да редактира друга книга преведена од свој колега - за да нема ни најмала грешка. Секој добил краен рок, посебни одаи и целосно издржување плус хонорар за време на траењето на работата - да нема никаква грижа на светот и да си ја заврши работата на раат.

И, преведувачот седнал да работи. Си бил здрав, прав, верник, си ја познавал терминологијата и немал посебни проблеми со преведувањето. Односно, немал додека не дошол до 6-тото поглавје на книгата на пророк Исаија, 12 стих, каде што еврејскиот оригинал велел - буквално - „И девојка ќе зачне и ќе роди син“. Девојка овде го има старото значење на зборот, не денешното - односно девица. И, преведувачов го гледа стихов и не може да го преведе девојка со девојка. „Кај се видело и чуло девица да зачне? Мора авторот да мислел „млада жена“. Така ќе пишам“. И таман што го ставил перото на пергманетот, кога го заслепила сјајна светлина. Се појавил ангел Божји и му рекол - „Да не си се осмелил да смениш ни јота во преводот - пишува девојка, преведи девојка. И бидејќи си неверен, нема да видиш смрт додека пророштвото не се оствари“ - и исчезнал. Преведувачот, премрен, послушал. Го превел девојка со девојка и денес го имаме елинскиот превод на Стариот Завет (Септуагинтата) што е поточен и од оригиналот. И по завршувањето на преведувањето баталил и преведување и сè, се преселил во Ерусалим и се посветил на Бога.

Преведувач се вика Симеон, денес го знаеме како св. Симеон Богопримец. Царот се викал Птоломеј Филаделф (од македонската династија што владеела со Египет од александровиот генерал Птоломеј до Клеопатра VII, онаа што пуштила змија да ја апне откако го убиле Јулиј Кесар). Културниот центар на светот се викал Александарија.

И на денешен ден - кога св. Симеон имал 330 години - пророштвото на ангелот се остварило. Додека бил во ерусалимскиот Храм на молитва, во него влегла Девојката со својот Син - стар четириесет дена.

Човек што 300 години чека да се случи нешто не можел да не Го познае. Целиот радосен, заборавајќи на прастарите коски, пришол и го зел бебето и заблагодарил што Господ конечно го ослободува од службата (животот земен). Неговата молитва Црквата Божја ја кажува на секоја вечерна служба. Неговата молитва е израз на најголемата среќа што може да ја доживее човек- кога ќе се сретне со крајниот друг, инаков - Бог. Среќа што само ја насетуваме кога ќе се сретнеме вистински со друг човек - со суштество што ни е сродно по создание, а различно по личност. Средба на две срца во вистината.

За неверните Томи - како може човек да живее 330 години? - Просто, нашиот живот е во Божји раце. Дали ќе биде долг или краток, блажен или мачен - зависи од тоа како му служиме. Со Него 330 години се рај, а без Него и 3 минути можат да бидат пекол.

10 February 2006

Кој го мајмуносува човекот?

Дел од прекрасната статија на порталот на Премин за лажноста на еволуционистичкото учење:

А, сега да разгледаме едно елементарно научно прашање: какви се доказите за еволуцијата на човекот? Студирајќи историја на универзитетот, имав можност да ја изучувам историјата на првобитното општество, и паметам како предавачот ни раскажуваше прекрасни приказни за различните предци на човекот, кои беа набројувани околу дваесетина. Но, јас никако не можев да разберам, каде се реалните докази за вистинското постоење во далечното минато на сите видови на тие животни: нив на студентите никој не им ги покажа.

Всушност, ископаните научни сведоштва во полза на еволуцијата на човекот се состојат од: ископани остатоци од неандерталец (многу примероци); синантроп (неколку черепи); т.н. јавански, хејделбергски и пилтдаунски луѓе и пронајдоците во Африка (сите тие се крајно фрагментарни) и не многу други остатоци. Така, сите ископани сведоштва за еволицијата на човекот можат да се сместат во ковчег со размер на мал гроб, а и потекнуваат од месности многу оддалечени една од друга, при отсуство на веродостојни искажувања барем на релативна (а, камо ли апсолутна) возраст и без никакви укажувања на тоа, како тие разни луѓе помеѓу себе се поврзани по род или потекло.

Освен тоа, еден од тие еволуциони предци на човекот, пилтдаунскиот човек, како што подоцна се покажа, бил намерен фалсификат. Интересно е тоа што језуитот Тејар Де Шарден бил еден од откривачите на пилтдаунскиот човек - факт кој може да се најде во повеќето учебници. Тој го открил забот на тоа фабрикувано создание, кој веќе бил обработуван со намера да се корегира возраста на пронајдокот. Тоа откритие и било токму онаа алка што недостасува помеѓу човекот и мајмунот, заради што пилтдаунскиот фалсификат и бил сочинет од човечки и мајмунски коски. Тејар Де Шарден имал врска со откритието, но главно со интерпретацијата на некој пронајдоци на јаванскиот човек, кои биле фрагментарни. Важно, каде и да бил, тој наоѓал сведоштва, кои точно одговарале на неговите очекувања - а, имено, дека човекот произлегол ­од мајмунолики суштества.

Ако објективно со проучат сите ископувани сведоштва во полза на еволуцијата на човекот, тогаш ќе се покаже, дека убедливи или некакви разумни докази за таа еволуција - нема. Сите научни работи по овој проблем се сведуваат на полуфантастични измислици со невистинита реконструкција на устројството и битот на архаичните човекови општества, непотврдени со реални археолошки пронајдоци и други документирани извори. Но, сепак е општоприфатено дека постојат докази за еволуцијата, бидејќи луѓето сакаат да веруваат во тоа; тие веруваат во атеистичката материјалистичка философија, која бара човекот да биде настанат од мајмунолико суштество. Од сите ископани луѓе само неандерталецот (и, секако, кромањонецот, кој пак, може да се смета за современ човек) е вистинит; но, и тој е просто homo sapiens, различен од современиот човек не повеќе колку што современите луѓе се различни помеѓу себе. А, цртежите на неадерталскиот човек во учебниците по историја на првобитното општество се само мечти на уметниците кои претпоставуваат како би требало да изгледа примитивниот човек, поаѓајќи од еволуциската теорија.


Целиот напис е тука.

08 February 2006

Немир и гнев

Cartoon Muslim protests...

Баш цртанофилмски муслимански протести, само што не е смешно.

Веднаш ограда... Бидејќи не гледам вести и не читам весници, информациите ги цицам од радио и од Интернет. МРТВ се многу коректни во вестите и никаде не чув „пророкот“ Мухамед, за разлика од странските шпионски радија на македонски каде што го упророчија. Оградата ми е: Исламот го сметам за заблуда (прераскажано и погрешно сфатено христијанство од страна на еретички монаси што се мавтале по Арабија во тоа време во комбинација со тотален еготрип, троа опортунистички заклучоци за лични цели и еден куп суеверија - посовршена идеологија за владеење со народните маси не постои) и после Христос нема Пророци со големо П - сите крстени во името на Света Троица се повикани да бидат пророци на Вистината.

Второ - МПЦ многу убаво настапи со изјавите на архиепископот Стефан и митрополитот Наум, и точно е дека треба да се внимава на чувствата на другите луѓе, ама уште поубаво е објаснето како верско чувство НЕ МОЖЕ да се навреди на порталот на Премин.

Навредено е нечие его - што обично предизвикува гнев - и сега муслиманите покажуваат сила (слики од лондонските протести - од блогот на брат ми што случајно се нашол меѓу нив). Споменав во коментар кај кибиц, ќе објавам и тука - прексиноќа на Би-Би-Си слушав некоја будала што се нарекува имам што бара карикатуристите да им се екстрадираат на муслиманите да им суди муслимански суд! „Каква би била евентуалната казна?“, прашува водителот. „Па, најверојатно ќе бидат осудени на смрт, ама тоа не е важно, бидејќи и вие барате терористи да ви се екстрадираат за да им судат ваши судови“!!!

Логичен ви е аргументот? По таа логика јас може да барам секој муслиман (атеист, агностик, гностик, Евреин... додади кого сакаш) што за Исус ќе каже дека бил обичен човек да биде предаден на Црковен Суд за да се анатемизира. ИдиЈоти.

Од другата страна исто будали. САД уште не ја исклучува можноста за воен напад врз Иран, а тој иранскион претседател како да го сака тоа. Ќе се повторам - многу ме потсетува на Милошевиќ. Или чавка му го испила мозокот, или е многу добро платен.

Мене протестите и нивниот повод (погледнете само КОГА биле објавени карикатурите) ми се доказ за нешто друго - за состојбите на луѓето што не ја бараат вистината, туку го следат тоа што им одговара на телесните (психолошките) желби и на своето, наместо на Божјото. Не ми се допаѓа ни „милитантниот секуларизам“, како што беше наречено однесувањето на ЕУ од страна на о, толку праведните и нелицемерните САД и Британија, ама барем во него е зачувано правото на слобода на личноста... дури и до грев.

Боже, сврти го ова на добро.

05 February 2006

Жртвата како најголема љубов

„Никој нема поголема љубов од оваа: да ја положи душата своја за своите пријатели (ближни).“ Јован, 15,13.

Не само во војна, туку во секојдневниот живот.

Тоа го направи Христос на Крстот, на тоа сме повикани и ние.

И кој ме потсети на тоа? Не само претходната дискусија за самураите, туку и два филма што зборуваат токму за ова и што ги гледав деновиве - „Ефектот на пеперугата“ и „Дони Дарко“. Жртвата е единственото и крајно решение што го менува светот. Откажувањето од своето за да му се направи место на Бог да дејствува.

02 February 2006

Самураите и христијанството

Неверојатно што ќе најдеш во тоа „Нешенел џиогрефик“. Едно рамкиче од декемврискиот број 2003-та.

„Христијанството била главна религија во феудална Јапонија подолго од 50 години. Заедно со мускетите на португалските трговци кон средината на 1500-тите години, пристигнале и езуитските мисионери коишто го ширеле христијанското слово на најсиромашните селани, како и на самурајските земјопоседници што биле желни да добијат пристап до странските пушки и трговијата. Во 1559 год. еден езуитски презвитер допатувал во престолнината Кјото и го убедил шогунот Ашикага Јошитеру да им даде заштита и ослободување од даноците на мисионерите во целата земја. Христијанството се ширело до крајот на владеењето на Ода Нобунага, еден од великите јапонски самурајски водачи и до 1580 год. веќе имало околу 150.000 покрстени души. Во поголемите градови никнувале цркви и богословии, а самураите оделе по улиците со бројаници. Во битка, христијанските воини носеле крстови на штитовите и, додека се судирале мечевите, на бојните полиња одекувале извиците „Језу“ и „Санта Марија“.

Тие извици биле придушени во 1587 год., кога наследникот на Нобунага - Тојотуми Хидејоши - наредил езуитските презвитери да си одат од земјата во рок од 20 дена и целосно ја забранил нивната вера. Причината за овој ненадеен едикт не е јасна. Може бил загрозен од моќните христијански земјопоседници. Иако многу езуитски презвитери си отишле, забраната во голема мерка не била спроведувана. Десетици езуити продолжиле да проповедаат на речиси 300.000 следбеници, меѓу кои биле и некои од најблиските офицери на Хидејоши. Таквото прогледување низ прсти траело до 1611 год., кога службениците на Токугава Иејасу повторно ја отфрлиле христијанската вера. За три години црквите биле уништени, мисионерите биле затворени, а христијанските земјопоседници биле протерани. Многу христијански самураи ги изгубиле својата земја и својот статус, иако нивната вера се одржала до Шимабарскиот Бунт во 1637-38 год. Една група христијански самураи безземјаши се приклучиле на селанскиот бунт против еден суров земјопоседник во западна Јапонија. 20.000 души со месеци успешно бранеле еден напуштен замок од владината војска за која се смета дека броела 100.000 војници. Откако изгубиле илјадници војници, властите биле принудени да ги замолат холандските воени бродови да го бомбардираат замокот. Христијанските знамиња со врежани имиња на светители и зборовите „слава на благословените свети тајни“ паднале, бунтовниците биле масакрирани, а христијанските самураи конечно биле поразени.“

Да го цитирам Мики Манојловиќ од „Андерграунд“ - „Нема рата док брат не убије брата“. :(

Тотално изрезилено во преводот

По повод ткн. „превод“ на Chronicles of Narnia: The Lion, the Witch, and the Wardrobe од К. С. Луис на АЕА и Време.

Клинците дома се пресреќни - баба синоќа видела реклама на Сител дека последниот хит на Дизни/Буена Виста „Хрониките на Нарнија: Лавот, Вештерката и Креденецот“ конечно ќе игра во кино и во Скопје! Иако филмот го гледавме на ДВД (добра кино-копија :) и во варијантите на Би-Би-Си (во четири дела) и еден цртан (многу послаб) - им реков дека конечно доаѓа еден филм вреден да се види во кино и ќе ги носам.

За што се работи? Хрониките на Нарнија се дело на Клајв Стејплс Луис, Британец (англосаксонец, всушност) што од агностицизам (учење што вели „ОК, има Бог, ама јас не му се мешам во работата, нека не ми се меша ни Тој во мојата - нејќу да знам за Него“) станува христијанин - и тоа хардкор. Преобратувањето му дава голем креативен поттик и тој не само што пишува бројни теолошки огледи (имате поврзница горе на името), туку и почнува да пишува „фикција“ или „белетристика“ со христијанска тематика. Бил член на друштвенцето „Инклингс“, чиј најпознат член (кај нас) е Џ. Р. Р. Толкин (авторот на „Господарот на Прстените“) и од чија дружба произлегле и „Хрониките на Нарнија“ во седум книги. Како љубители на бајки, другарите се обложиле кој ќе напише подобра христијанска бајка. „Прстените“ сте ги гледале и можеби сте ги читале, време е да ја откриете „Нарнија“.

Јас ги открив летото Господово 2004, ги голтнав седумте книги за седум дена и им ги раскажував на децата после ручек, на трпеза, или приквечер, покрај огинче во дворот, и волшебноста на тој свет и мојата одушевеност ја префрлив и на нив. Што е толку убаво во книгите? Христијански и длабоко теолошки по себе, привлечни се и за луѓе што не се интересираат многу за таа димензија затоа што многу добро функционираат како класични бајки (подобро од „Господарот на прстените“, според мене).

Е, сега следи заплетот. Луис починал 1963 година, Бог да го прости, што значи дека во Европа неговите наследници имаат право на авторски дивиденди до 2013. Во САД до 2062. И, бидејќи сакав се да биде во ред, и бидејќи морав да ги преведам книгите од што ми се допаднаа, ги побарав авторските права од Харпер Колинс уште истото лето. Не ги добив, бидејќи немам никаква врска со АЕА и Време, што ми беше соопштено некаде во ноември 2006 (после 16 месеци по првата преписка) под изговор дека другиот понудувач имал подобар маркетиншки план. Ај, важи, нема проблем. Фала Богу што ќе излезе книгата на македонски, си реков.

Е, ништо од тоа. Книгата излезе, ама не на македонски. „Подобриот понудувач“ имал подобра маркетиншка понуда (можеби), ама заборавил производот да го направи убав и скапоцен. Преводот на насловот е: Авантурите во Нарнија: Лавот, Вештерката и ОРМАНОТ!!!

Ај, Авантурите во Нарнија убаво звучи - привлечно е маркетиншки. Ама што има привлечно во преведувањето на "wardrobe" (плакар, шифоњер, креденец, ОРМАР) со ОРМАН? Очигледно, преведувачот ни знае англиски, ни знае македонски. Ниту го гледал, ниту го читал „Волшебното самарче“, кадешто дејствието се случува на Караорман (црна ШУМА), а „шумкарите“ и „бандитите“ на секоја втора страница се кријат во „орманот“.

И, што сега? Ќе оди филмот, на децата ќе им се допадне (ќе ви се допадне и вам, ако сте по бајките), ќе ја побараат книгата - и ќе добијат уште еден „глуп бестселер“ бидејќи ОД СТАРТ ПРЕВОДОТ НЕ МУ ЧИНИ! Мене тоа ми е исто ко да се продава сирење со бруцелоза - отпрвин не ти е ништо и сирењето има супер вкус, ама кога ќе те фати болеста, едвај ќе се излечиш (ако се излечиш).

Сега сум во искушение да го шлапнам мојот превод на првиот дел (двапати прочитан, еднаш со проверен правопис и лекториран) на мрежава, ама не е тоа тоа. Бог вели „не враќај зло за зло“ и толку. Ми останува да се надевам дека нешто евентуално ќе се поправи во следните продолжетоци (дека ќе го повлечат овој бедниов превод, тешко) и дека прекрасната содржина ќе ги засени лошо преведените работи. И да го издадам комплетот во 2013 год. кога книгите на Луис ќе бидат во јавна сопственост.

П.С. Ова ќе го поврзам со полемиката што се разви по едноиздавачкиот „саем на книгата“ на Матица каде се стигнува преку овој блог.

28 January 2006

Изгубено во преводот

Италијанскиот Романсиер и философ Умберто Еко еднаш има кажано „Преведувањето е вештина на неуспехот“. Како и при секој вреден труд, преведувањето мисли, идеи и вистини од еден јазик или култура на друг е исполнето со промашувања и грешки, но тој процес на пробување и грешење донесува подлабок увид и подобри преводи.

Преведување е работата што ја вршиме кога се обидуваме да ја поделиме нашата вера со некој друг. Тоа е работата што Самиот Бог ја прави уште откога објавил „Нека биде светлина“ на почетокот. Бог бил вреден и целисходен во преведувањето на Својата порака на љубовта и спасението за Своето човечко создание. Сè што има сторено, направено, речено и прикажано е чин на љубовен превод на Неговата мудрост и грижа во облици разбирливи за нас. Нашите гревови нè отуѓуваат од Неговото вечно постоење во несебична љубовна благост, толку често што едноставно не разбираме.

Тоа љубовно дело на нашиот Татко кулминирало со испраќањето на Неговиот Син, преведувајќи го Словото во плот во Витлеемските јасли пред толку многу години. Христос, нашиот Господ Исус, ја исполнил Својата божествена мисија поразувајќи ги најлутите непријатели на нашите души – гревот, смртта и Сатаната – правејќи ги вечно видливи и реални вистинската природа и Личност на нашиот Татко полн со љубов.

Пред Исус да ги остави своите ученици, ним им пренел, а преку ним и нам, да продолжат да ја преведуваат Неговата порака за спасение на целиот свет. На Педесетница, Исус дури ни го испратил Божествениот Свет Дух, така што секој верник може да стане дел од Телото Христово – Црквата – и да го умножува присуството Исусово до сите краеви на земјата.

Така, сега секому од нас му е дадена чудесната задача да им ја преведува својата вера на своите пријатели и соседи. Тоа не е опција, не е дури ни барање. Тоа е Христовата заповед секому од нас и на Неговата Црква на земјата.

Еве три увиди што може да ни помогнат постојано да го прифаќаме својот дел во преведувањето на Христовата порака во нашето секојдневие.

Прво – Преведувањето е лично. Св. Павле им вели на Коринтјаните: „Вие сте нашето писмо, напишано во нашите срца, кое го познаваат и читаат сите луѓе; вие се јавувате како Христово писмо, составено преку нашата служба, напишано не со мастило, туку со Духот на живиот Бог, не на камени плочки, туку врз телесни плочки на срцето“. (2 Кор. 3,2-3). Факт е дека го „преведувате“ она во што вистински верувате на оние околу себе со начинот на којшто го живеете своето секојдневие. Со тоа нашите избори не се само израз на нашата лична слобода, туку начини на кои можеме и ја прикажуваме и преведуваме својата вера (или, не дај Боже, невера) на нашиот свет. Бог не ни пратил само книга да читаме. Самиот дошол во Христа да биде воплотен превод на Вистината што можат сите да ја видат, а сега и ние сме повикани лично да ја живееме вистината што ја објавуваме кога ќе кажеме „Верувам . . . “

Второ – Преведувањето е целисходно. Секаде кадешто отишла Црквата, станала вера на локалното население. Како што Евангелието на Црквата се движело од народ до народ, тешката задача за преведување на Светото Писмо, богослужбените книги и молитвите на верата била вршена со јасно чувство за мисионерство кај верните што ја вршеле таа работа. И тоа е чувството за целисходност што и ние треба да го усвоиме кога сакаме да ја „вдомиме“ верата во својот народ. Целисходното преведување на верата за нашиот народ никогаш не смее да биде само една од задачите на Црквата. Тоа е ПРВЕНСТВЕНА и најважна задача на верните тука и сега.

Конечно – Преведувањето е моќно. Преведувањето е важно затоа што функционира. Тоа значи дека преведувањето на нашата вера во нашиот свет е и тешко, болно и предизвик, но нема поважна работа од тоа. Делото на соопштувањето на нашата вера на начини што нашиот свет може да ги разбере ги менува и преведувачот и слушателите. Тоа ме прави почувствителен за потребите на моите слушатели и, на крај, нè преобразува и мене и заедницата околу мене. Токму таа задача за жив превод најдобро нè повикува кон зрела вера во Христа и кон пат исполнет со љубовна служба кон другите. Никогаш нема да направите ништо поважно од преведувањето на Верата Христова на својот свет. Никогаш!

Понекогаш концептите на Христовата порака му се преведуваат на нашиот свет на изненадувачки начини. Христијаните ги користеле говорот, музиката, поезијата, приказните и уметноста за да ја соопштат Исусовата порака на овој свет. А, сепак, секој може да живее христијански добродетелно и смирено – што е најдобриот превод на нашата вера.

Неделава јас и Еми ќе седнеме заедно со една од нашите омилени гостинки, К. Фредерика Метјуз-Грин, да разговараме за К.С. Луис и неговото дело на отворање на вистините на Евангелието да бидат достапни за светот преку неговите фантастични романи за земјата Нарнија. Слушајте нè.

До следната недела,
Ваш за ширење на Православието,
отец Крис Метропулос

(ѕирнете го линкот десно за православното радио)


27 January 2006

На денешен ден

...малку подлабоко во историјата,

Света Нина Грузиска

Волфганг Богољуб Моцарт

и

Свети Сава Српски (јес да бил скар со македонските цареви и со Охридската Архиепископија, ама да не бевме ние широки, не ќе бевме Македонци :)).

26 January 2006

Вода

Денес, конечно, се решив да излезам на студов и да го свртам „патот на трите цркви“ (Богородица, Св. Димитрија, Св. Климент) да ги завршам работите што ги имав за неделава „у град“. Мојата населба (11. Октомври) е мошне центроцентрична, ама има еден неизграден дел тука кај пругите (порано тука садеа афион, жито и сончоглед) што дава можност за мирна прошетка поскраја од градските улици. Патот покрај пруги - целиот сончев, милина - само минус 4 - води до кејот на Вардар. И таму, кога свртев накај тоа новото сиво зградуриште на МВР (храмот на документите и исправите и јавниот ред и поредок - не можеа попембе боја да му шлапнат - барем да беше металик) го видов Вардар!


Не го видов Вардар - видов едно чудо вода што тече - што тече, јури - на температура на која „пингвини пијат антифриз“ и сите мои 70% вода во организмот изразија желба да се плиснам внатре. (на сликата е Дрим, ама „ју гет д пикча“ :)

Стварно, што е тоа со водата што толку ги привлекува луѓето? Може затоа што е првосоздадена (веднаш после ангелите, а пред земјата, да не зборам за живите организми). Има нешто толку древно во неа што ги влече сите, не само мене.


Што сум забележал на мостот кај МНТ. Таму, ако веќе одиш од другата страна на Вардар, ти доаѓа да преминеш на сред мост. Како токот на реката да те завлекува и тебе па МОРА да го поминеш мостот, па не знам што да е.

Во Белград пропуштив да отидам на устието на Сава во Дунав - ама ме возеше таксист што продал стан за да си земе куќичка покрај Дунав. Тоа ми го зборуваше додека се возевме покрај некоја од реките од која одблеснуваше сонцето и го имав истото чувство ко денес покрај Вардар. Всушност, додека го поминував мостот се чудев колку кубици вода поминуваат во секунда, па како тоа може да се пресмета, па откако пресметав, сфатив дека тоа е МНОООГУ ВОДА, бе! Едно поточе ко нашион Вардар (кој е претежно Треска додека поминува во Скопје, со троа Лепенец) тече со илјадници кубици во секунда. Што да кажеме за поголемине реки. Само Рашче (изворчето) дава милион кубици ДНЕВНО. Горе во Соње сме пресреќни што имаме половина кубик на ден - и тоа од што капе во бунарот. Каква криза со вода, вода има колку сакаш. Всушност, сè е само вода, едвај суво можеш да најдеш!

Се испозанесов. Туку, за привлечноста на водата. Не сум по дремењето со трска покрај или на вода, никогаш не ме повлекло. Ама сосема ги разбирам рибарите, затоа што јас го правам истото што го прават и тие (без влечкање стапови, конци и лигави бескичменици и леб) - гледам во водата што тече. Можам да ја гледам со саати (пошто секој момент е различна). Какви саати - имам така изденгубено којзнае колку време. Ај што ме влечат реките (не мора да биде река, доста е да е вода што тече - поточе - вода од чешма ми е доволна :)) туку привлечноста на секое количество вода поголемо од една чаша. Клинциве обожаваат да клумкаат шишиња (кое дете не е „водна жаба“ - ко да има земни). Секоја бара има привлечност, а камоли Дојран, Преспа или Охридско МОРЕ. А, морето е посебен муабет. Тоа не е вода, тоа е супа во која можеш да се бањаш, а да не ја извалкаш. Секоја вода како да му зборува на тоа исконското во нас - како преку неа да го препознаваме и почетокот и крајот и идниот век.


П.С. Кој ќе искоментира дека тоа се амебите и парамециумите во мене, самиот е амеба и парамециум. Јас сум човек. Создаден како нешто помалку од ангелите, а нешто повеќе од животните. И духовен и телесен. Микро и макро космос. Вода горе и вода долу - а јас во средина :)

25 January 2006

Зимски чуда

Првото чудо го снимив синоќа околу 25 часот и 30 минути (додека ги слушав оние будалите на Сити Радио). Рано не станувам за да ги фатам чудесијата на прозорците (а вечер слушам и парното не го исклучувале, значи нема шанса да ги фатам отсабајле, на поубава светлина), па го штракнав ова во ноќен режим на камерата.



Што е тоа? Папрат? Фрактал? Никако да се изначудам на Бог како математичар. Кога ни влезе првата 386-ка во куќата, што мислите, што правеше? Рендаше фракталчиња по цела ноќ :)

Во зимски чуда спаѓа и задолжителното седење дома и играњето игри во затворено. Еве еден резултат.


Така ќе ми изгледаше куќата да не ми беше готов проектот.

И да, третата слика е резултатот од летните игри, ама пак спаѓа во зимски (заради одложените резултати ;) )



Го обожавам ова студеното, штета што ќе помине за два-три дена.

23 January 2006

Русија се закачи со Англија

Откако и удри шамар на Европа со потсекнувањето на доставата на природен гас, по закачката околу санкциите против Иран, „мечката“ за`рже и накај Обединетото Кралство. Подетално тука.

Извештајот објавен на руската телевизија е дипломатски скандал - но на што рипа Би-Би-Си? На декретот на Путин со кој се скратува можноста странци да пумпаат пари во невладиниот сектор во Русија бидејќи, колку што човек може да види од скорешната историја (Србија, Грузија, Украина, Узбекистан), тоа служи само за подривање на постојните режими во Евроазија. Сега, повторно очекувано, и НВО-ата (покрај Би-Би-Си) врескаат дека се повредуваат човековите права и слободи, ама јас имам друго прашање: Што би направила некоја западноевропска земја кога би знаела дека Русија плаќа „петта колона“ во нивните земји со цел да се сруши Владата?

Не сум некој голем русофил (и Русија има своја вина за поделбата на Македонија), ама подривањето на сувереноста на која било земја (земете го само нашиот пример од почетокот на XXI век) ја подрива стабилноста на функционирањето на светот. Потребно е да има некој столб во борбата против глобализмот (читај американизацијата) на светот - чисто затоа што свет во кој сите би биле „Американци“ би бил страшно здодевен и суров.

Науката и верата

Веднаш ќе кажам - науката и верата воопшто не се спротивставени.

Просветителските постулати дека христијанството е непријател на науката потекнува од западното искуство, не од источното. Под „просветителство“ мислам на лажното просветителство започнато од богоборечките мислители на француската револуција. Се разбира, за тоа вина има и папизмот и неговата Инквизиција - направена од страв дека клирот ќе ја изгуби својата власт врз луѓето (а каде има страв, нема љубов). Вистинското просветлување секогаш доаѓа од Бога - кај оние што сакаат и се подготвени да го примат.

Светите Отци се кој од кој пообразовани (во световна смисла - дека поминале школи). Еве, денес е св. Грегориј Ниски, братот на св. Василиј Велики. Тие се само двајца од високообразованите православни Свети Отци (Дополнение: До 1054 год. и Истокот и Западот се православни) . Св. Григориј Ниски ги изучил сите науки од тоа време (значи, не „студирал“ само природни науки или философија, туку сè заедно). Такво образование поминувале сите побогати луѓе во Средниот Век (кој е за нас Златно Доба, за разлика од западното средновековие кое, иако полно со побожност, направило повеќе беља отколку нешто добро - веќе зборував за Крстоносните војни). Самиот св. Кирил, од рамноапостолните браќа, пред да се замонаши бил Константин Философ (титула што ја добивале само најобразованите луѓе од ромејско време) и како најучен во царството, бил праќан секаде каде што требале учени луѓе (Багдад, Крим, Моравија, Рим). Да не зборувам за св. евангелист и апостол Лука, кој бил доктор (медицински). Тоа се само некои од примерите.

Гледиштето на Православната Црква за науката е јасно за секој што сака да го види - природните и општествените науки го испитуваат Божјото Создание - а научното созерцување на начинот и законитостите по кои функционира светот е еден од патиштата за познание на Бога. Се разбира, ако е проследено со страв Божји (што не е страв од „лошиот“ и суров татко што ќе ја казни секоја грешка, туку страв да не се повреди љубовта Божја преобилно излеана врз нас). Секој вистинољубив научник на крај доаѓа до Бога. И тоа од Њутн до Стивен Хокинг. Од другата страна ги имаме закоравените богоборци што се фатиле како пијани за стап за теоријата на еволуционизмот, меѓу кои и покојниот Крал Саган, најзаслужен за популаризирање на „Кант-Лапласовата“ теорема за настанувањето на светот „сам од себе“.

Е, кога сме кај еволуционизмот, ете пример за погрешен научен пристап. Еволуционизмот е измислен за да се отстрани Бог од светот. Тој е САМО теорија и досега не се најдени научни докази за неа (сите ткн. докази се побиени со милијарда други факти), па со вешто манипулирање на јавноста (порано тоа се викаше пропаганда) сега се има впечаток дека е званично стојалиште на целата наука. Еволуционист се познава по следново - не го интересираат фактите, го интересира само она што може да се протолкува како потврда за неговите умувања. Тоа што теоријата не држи вода никогаш не му е битно. Доказите за точноста на Библијата и за создавањето на светот и на сите созданија од семоќниот Бог ги плука без аргументи и ги отфрла како „бладања на религиозни фанатици“. (За креационизмот како научна гранка ќе зборувам во друга објава.)

Муабетот ми е ... еден богољубив научник е заинтересиран за вистината. Уште и ако е верник, Бог му го отвора умот да ги созерца најдлабоките тајни на Божјата промисла - и му дава неизмерна радост при тоа. И богословието (теологијата) како наука не е различна. Теологијата нема претходно одреден комплет догми па да ги пика сите факти во нивните рамки - баш напротив. До догмите (непроменливото учење на црквата) е дојдено со неколку векови утврдување во верата, со пролевање маченичка крв (не со бомбаши-самоубијци) за вистината, при што мотивот бил љубовта, а не желбата за расправање и докажување кој е попаметен. И понатаму врз тие догми се гради. Самиот св. Павле вели „испитувајте сè“... со Христовиот ум... и „ништо не е забрането, само не ми е сè полезно“ (парафразирам). Задачата на секој вистински верник е да ја бара вистината во сè и да го осветува светот. Пример за ова имате во огледите на владиката Методиј за пресадувањето органи во неделно Време (последниот од нив овде). Христијанството не би било христијанство ако постојано не го бара Бога во своето опкружување, затоа што е сè, само не статично.

22 January 2006

Совршениот сендвич

Рецепт, не е за стипси што глумат дека се домаќини.

Што ти треба?

1. Глад. Најдобар зачин. Се става умерено, не повеќе од 5-6 саати, јас ставам 4.

2. Леб. Полубел со три рецки од Жито Лукс. Подобар леб немало (нит` е бел, нит` е интегрален, нит` е препечен, нит` е влажен, трае три дена минимум и не мувлосува, а како двопек е феноменален). Се сече на кришки дебели не повеќе од 10 мм. На граница на тенки. Се сече со добро наострен рецкав нож за леб.

3. Мајонез. Домашен, Томи, Витанез, не е битно. Важно е да е со јајца. Се мачка на ДОЛНОТО парче во тенок слој. Не многу тенок, не многу дебел. Никако не смее да се разлева кога ќе се загриза. Се мачка со лажица.

4. Печеница. Чадена на дрва. Домашна или од Тинекс (рефусот или од Лијановиќи, која е малку посолена). Две парчиња - нека ви ги исечкаат ако е од рефусот.

5. Сирење. Мешано од Здравје, Радово. Може и овчо полномасно. Две мали парчиња, одат врз двете парчиња печеница.

Врз сето тоа иде СУВОТО парче леб. Се пие со пиво или со вода - строго „комуналка“ локална.

Ми требаа 30 години да научам како се прави.

21 January 2006

Кумот професор, Протестантот, Коцкарот, Ѕверот и Вештерката :)...

беа на крштевката на Андријана и многу убаво си поминаа. Беа и Бабата и петте „турбини на љубовта“, а благодатта ги обли сите со љубов.

Кога сме кај благодатта, мало дополнение на претходната објава, во врска со календарот.

Секоја година, на Велигден (православниот) ерусалимскиот Патријарх влегува сам во Црквата на Воскресението во Ерусалим со една свеќа (Турците праќале стражи да се осигураат дека православните не прават некоја финта, а не сум бил лично за да ви кажам дали денес Евреите праќаат војска внатре). Точно на полноќ, Светиот Дух слегува во вид на благодатен оган и ја пали свеќата, па тој излегува надвор и ги пали свеќите на верните што се собрани таму. Секоја година. Кога ерусалимскиот Патријарх влегува таму. Не слегува само ако има еретички ерарх внатре - а нема слезено и една година кога Ерусалимската Патријаршија го прифатила грегоријанскиот календар (Кибицер, најди која е и кажи ни) и се обидела да го прослави Велигден кога не му е време. Веднаш се поправиле, се разбира.

Друга потврда мене не ми треба.

Има едно книжуле за Благодатниот Оган што е премногу долго за да го оставам тука, па кога ќе најдам домаќин што да го чува во електронски облик, ќе ви оставам тука поврзница.

Бог се јави.

Коментаторски коментар

Друже историчар,

бидејќи си распослан во три објави, еден колективен одговор на твоите коментари.

1. Тоа дека сум грешник, точно е, Бог нека прости, а јас ќе се трудам да се исправам.

2. За да бидеме браќа, треба да сме од иста вера. „Исус се јави“ не викаат браќата во Христа (првпат го слушам овој поздрав што имплицира дека Исус не е Синот Божји кој дојде на земјата).

Понатаму, си забележал и на твојот блог, календарот не е догматско прашање. Ама сите појавности (феномени) имаат повеќе димензии, а јас ја обработувам духовната димензија на „прашањето“. Како поминува времето, сè повеќе е јасно дека инсистирањето Православната Црква да го смени календарот е политичко прашање. Прочитај ја повнимателно објавата, за тоа и зборувам. Последен став на Руската, Српската, Ерусалимската и Македонската Црква е дека евентуално може да се прифати „третиот“ календар што ќе го донесе некоја комисија на ОН - ама не би се обложил на тоа. Впрочем, православните Цркви што го прифатија грегоријанскиот календар го прифатија само делумно - во превод, фиксните празници се слават по граѓанскиот календар, а пасхалијата (Велигден и празниците поврзани со него) останува по јулијанскиот. Не е прашање „кога“ ќе се прифати, јас и „мојата компанија“ одговараме пред други авторитети, не пред световни, макар биле начитани.

Кога сме кај начитаноста - си читал, секоја чест, ама информациите не служат само да се пренесуваат, туку и да се толкуваат. Разликите во толкувањата зависат од методот што се користи за толкување (сега мешам историја со информатика, ама мене и онака сите науки ми се едно поради Единствениот нивни Творец). Мојот метод е да ги испитам сите спротивставени мислења за да дојдам до вистината - затоа што Вистината единствена ме интересира. Затоа ќе повторам - Црквата со својот воскресенско-центричен календар го осветува времето - само така може да има смисла.

Друг проблем со начитаноста - начитан човек не мора да биде мудар. Ако умот не е обожен, облагодатен со Светиот Дух, џабе се сите книги на светот, бидејќи умот што е осветлен само со створената светлина на световното познание, наместо со нестворената Божја светлина, може само да се заплетка во своите несовршености и умувања и сиот тој труд да биде јалов. Пример за тоа е напуштањето на Ѓон Вранишковски и неговите другарчиња на единствената Црква во Македонија што сведочи за Христа со љубов, а не со легализам. Главите исчуреа од премногу читање и погрешно насочена ревност (наместо кон поправање и исправање на своите несовршености, кон „поправање и исправање и наоѓање мани“ кај другите - омилена замка на ѓаволот). Премногу легализам - и умот се затемнува и го бара своето, наместо божјото, и срцето се скаменува.

Ме радува што има луѓе како тебе, се гледа дека срцето не ти е скаменето, па да даде Бог да дојдеш до Вистината, Патот и Животот. Но како што јас не би сакал да бидеш ист како мене, немој ни ти да очекуваш јас да бидам ист како тебе. Во своите толкувања секогаш дозволувам да навлезе Светиот Дух, и да има помалку од мене, а повеќе од луѓето што знам дека ги испитале работите во Христа (Светите Отци од Преданието и современите богослови).

И да, дека катихуменатот „бил укинат бидејќи имало голема смртност кај децата“ е типичен „научнички“ аргумент. Христијаните што имаат чеда знаат зошто ги крштеваат како бебиња - за да може личноста да почне со духовен живот под закрила на Света Троица уште од најмала возраст (најмногу преку причестувањето со Телото и Крвта Христови). Црквата, фала Богу, тоа го увидела одамна.

18 January 2006

Бог се јави - Навистина се јави!

Покајте се, оти се приближи Царството Небесно.

Тоа се зборовите со кои св. Јован Крстител ги повикувал луѓето да се сменат затоа што се „последни времиња“, а со тие зборови и нашиот Господ Исус Христос ја почнува својата проповед по крштевањето (од св. Јован) и 40-дневниот пост во пустината.

Што се случило (т.е. што се СЛУЧУВА) на Богојавление. Исус полни 30 години, „легална“ возраст за човек да стане учител во било што, а камоли во Божјите науки, и оди кај последниот старозаветен пророк (по Воскресението сите христијани се пророци) да го „исполни“ Законот и да ја преземе „штафетата“ на објавувањето на Царството Небесно (Kingdom of Heaven за амерофилите). Св. Јован ги крштева со вода сите души што се отворени за вистината и што се подготвени за доаѓањето на Спасителот (Месијата) и им кажува дека по него доаѓа „Оној што ќе крштева со Свет Дух“. И токму тоа се случува во моментот кога св. Јован трипати го потопува Исус во водите на реката Јордан (трикратното потопување во вода е токму значењето на зборот „ваптизмо“, што на нашки се вика „крштевање“). Во моментот кога Христос излегува од водите, на Него слегува Светиот Дух како гулаб (најубав приближен опис на она што се случило има во филмот „The Miracle Maker“, руско-англиски анимиран филм што се наоѓа по видеотеките, имав чест да му го средам преводот и да го дадам во Телма за емитување).

Значи, баталете празноверија како она дека на „Водици“ се отвора небото и ако протнеш глава низ прозорец на полноќ и посакаш нешто, ќе ти се исполни. Небото е отворено за оние што се отворени за Вистината и Патот и Животот секој ден, само кој да погледне нагоре со духовните очи.

Секој што е крстен во Православната Црква и денес го поминува истото што ни го оставил Христос. Се крштева со трикратно потопување во вода и се помазува со Светиот Дух. Сите ние стануваме „христоси“ (помазаници) - и на нас останува дали ќе го исполниме дарот што ни се дава тогаш.

Наместо П.С.: Богојавленската вода (онаа што се свети после литургија во сите цркви) е вода за крштевање (во ранохристијанската Црква и во првите векови по озваничувањето на христијанството како вера во Римското Царство постоела категоријата „катихумени“ или „огласени“. Тоа биле (а има такви и денес) што три години се подготвувале за крштевањето - учеле за верата, и на Божиќ, Богојавление и Воскресение масовно се крштевале). Тоа значи дека 1. со молитвата е осветена за изгонување на нечистите сили; и 2. колку сакаш остави ја да седи во шише, макар и со години, не се устојува - заради својствата што ги добива од слегувањето на Светиот Дух врз неа. Православна куќа без богојавленска вода... е исто што и специјалци на непријателска територија без договорено извлекување со хеликоптери (отприлика :) ).

„Кога во Јордан се крштеваше, Господи, се потврди поклонувањето на Света Троица: гласот на Отецот посведочи за Тебе и Те нараче Свој сакан Син: и Духот во вид на гулаб ја потврди вистината со тоа сведоштво. Се јави, Христе Боже, и го просвети светот, слава Ти.“

15 January 2006

Календари

или за времето и вечноста

Секоја година околу Божиќ (римокатолички, се разбира) се слушаат истите гласови – зошто, бе, ние славиме ПОДОЦНА од католиците, зошто да не го смени Црквата календарот та и ние да си гнетеме печено прасе ко цел нормален свет? (демек, Црквата не принудува да бидеме ненормални).

За грегоријанска нова година истите тие гласови се прејадени и препиени за да можат да зборуваат, па стивнуваат - околу Василица веќе не се бунат. Имаат уште еден повод за гурманлак. За календарот, малку подолу, ама се ми се чини дека тие гласови всушност сакаат, преку своите телесни желби, да принудат еден дел од населението (оној на кој не му е проблем да си го помине посно 1 јануари по нов стил) да се повинува на нивните желби и страсти и да направи уште еден мал (но битен) чекор кон унијатството (кое е секогаш втора точка на дискусиите на истите тие гласови). Унијатство денес значи задржување на „театарскиот“ дел од црковните обреди и суштинско повинување на волјата на римската столица (не велам на папата, затоа што папизмот е посилен од него) – што е фактичко газење врз своето минато и хектолитрите маченичка крв пролиена во битката против римското погрешно сфаќање на црковноста. И, да, „црковњаците“ - како што ги викаше блаженоупокоениот арчбишоп Михаил - никогаш немале проблем со посната грегоријанска нова година (и онака сите си поминуваат без врска на 1 јануари, Василица отсекогаш била повесела и покул за славење).

Добро, ќе си рече некој (зашто гласовите навистина знаат да заглушат) - што се толку важни тие 13 дена? Што не го прифати Црквата „новиот“ календар? Јас на тоа би прашал друго – што не се врати „црквата“ на „стариот“ календар? Не е точен астрономски? Не би рекол. Секој што ја познава астрономијата добро знае дека астрономите воопшто не го есапат грегоријанскиот календар – бидејќи е многу, многу, многу неточен. Погледнете една обична астрономска таблица и ќе ја видите ставката „јулијански ден“. Зошто? Малку историја (како акумулирано искуство на човештвото).

Календари има разни. Тие имаат една основна цел – мерење на времето. По создавањето на небесните тела, што Господ ни ги дал да ги одредуваме деновите и времињата (четвртиот ден од создавањето) човекот си го мери времето, обично од зајдисонце до зајдисонце (постариот начин) или од изгрејсонце до изјгрејсонце (вообичаен начин) или од полноќ до полноќ (хуманистичко-ренесансен начин). Календар е договорна работа – некој некогаш се договорил денот да има 24 часа, секој од по 60 минути, секој од по 60 секунди (има и други начини да се подели времето, секој знае од искуство) – и тоа е денес прифатено „глобално“. Тоа не им пречи на Евреите да си го држат лунарниот календар, ниту на Кинезите својот календар, ниту на Индусите својот календар, ама сите го прифаќаат универзалното глобално време (кое, сепак, и покрај желбите на некои, уште го дели времето на „пред Христа“ и „лето Господово“ - т.е. BC и AD - само во бившокомунистичките земји се вели „пред нашата ера“ - п.н.е. и „нашата ера“ - н.е.).

Сега следи прашањето – па зошто, тогаш, Црквата не го прифати тој универзален договор? Што е толку проблем „да се усогласи“ со светот (пошто, нели, е назадна и реакционерна општествена сила)?

Такво прашање може да постави само полуписмен човек (односно, полуинформиран, како што е најновата номенклатура на писменоста). Одговорот е – Црквата не го мери времето. Црквата е богочовечки организам (организација е безлично, организам е поточен опис) што го сведочи присуството на ВЕЧНОСТА во времето. Божјото присуство во времето. Односно, времето, коешто има својство на минливост и неповратност, Црквата го осветува воведувајќи ја вечноста во секојдневието. Како? Многу едноставно - најважен настан за целокупното човештво е Воскресението. И во Црквата сето време е воскреснато - тоа е средиште на животот на Црквата и со Воскресението, кое е првото директно навлегување на вечноста во историјата, се мери се и секој.

Грегоријанскиот календар се нарекува така папата Грегор/Гргур (не знам која му е бројката и нема да ви кажам кога бил папа), којшто бил толку искомплексиран и во толку незгодна политичка ситуација поради глупостите што ги изнаправила западната Црква дотогаш, решил да и повладее на науката и да го врзе календарот со пролетната рамнодевица, наместо со Воскресението. И затоа, со декрет, го поместил 1 јануари за 12 дена (не е грешка, за 12 дена. Денес разликата е 13 заради астрономската разлика меѓу јулијанскиот - „стариот“ и новиот календар. Некаде за 5-60 години разликата ќе биде 14 дена). Оттогаш и календарот се корегира така што 21 март секогаш да се паѓа кога е пролетната рамнодневица. „Па, нели е така поправилно“, ќе рече некој? Да беше поправилно, ќе го прифатеа и астрономите (за понаучните детали околу овие два календара, видете во Википедија, овде муабетот е друг).

Факт е дека разликата од тие 13 дена во календарот одразува и една друга, духовна стварност. Во првите векови е воспоставено правилото Велигден (Воскресение) да се слави секогаш 1. во недела 2. по првата полна месечина 3. по пролетната рамнодневица. 4. И после еврејската Пасха (за потсетување – Христос е распнат во петок, пред еврејската Пасха, којашто секогаш се паѓа во сабота, а воскреснува утредента, во недела). Јулијанскиот календар остава простор да се исполнат овие четири услови (православните Цркви што по 1924 почнаа да го прифаќаат грегоријанскиот календар се раководат според јулијанската пасхалија). Грегоријанскиот календар не дозволува вакво нешто – се случува често Велигден римокатолиците да го слават пред еврејската Пасха (премин, де, Евреите го слават преминот од Египет во ветената земја под раководство на Мојсеј, а ние го славиме преминот од смрт во живот под раководство на Христос – првиот премин е праобраз (праслика) на вечниот премин). Така ем одат против каноните на Црквата, ем ја утнуваат работата есхатолошки (исто ко да слават 1 мај - за нив ќе биде сеедно и кога ќе го фиксираат „Истер“ на 15 април - не дај Боже така да биде, ама натаму идат).

Во превод – грегоријанскиот календар го враќа паганството, против кое, повторно, е пролеана маченичка крв и се врзува за природен феномен (како тој да не е под власта на Бога). Или - наместо воскресенско-центричен, календарот го прави сонце-центричен. Христијанството не е култ на сонцето, туку заедница на вистино- и христо- и богољупци.

Животот во осветеното време (литургиско – во кое секоја недела се слави Воскресението со свечено заедничко дело на верните собрани околу светата Трпеза) го осветува и животот. Тоа сум го искусил и затоа го знам. Тоа е тајна што не може да се објасни додека не се искуси. И затоа - повторно –

Нека ни е благословена годинава Господова што ни е дадена за спасение, та од (при)времени да станеме ВЕЧНИ.

14 January 2006

Среќна Нова Година

Пишувајќи во радоста на светлите денови на зимската Пасха од Божиќ до Богојавление, оваа година да ни биде уште поубава од претходната. Благослов Божји на сите!

Со дополнение на еден одговор на една „виртуала“ - реплика на реплика:

Кога ги гледаме страданијата на милиони човечки битија, не можеме да останеме бесчувствителни. На кој начин можеме да им помогнеме? Според христијанскиот поглед на светот, оваа трагедија на земјата е последица на непослушанието. Адам ја побара божествената состојба, вечниот живот, прекинувајќи ја врската со својот Отец и Создател. Христос - Човекот, прв во историјата на човештвото се искачи на Голгота: ја избра најмачната смрт, за да го избрише ова проклетство. Да се реши некој да Го следи Христа, значи да се изложи себеси на страданија. Тоа е неизбежно! Претпоставувајќи дека сме една клетка во големото тело на човештвото, од почетокот на создавањето на светот, и доколку животот на светот поминува во нас, ја живееме трагедијата на човештвото како наша трагедија.

И на албански (без краткото „е“, сори)

Kur i shohim vuajtjet e milionrave genie njerezore, nuk mund te jemi te pandjeshem. Ne cilen menyre mund t'i ndihmojme? Sipas veshtrimit kristian te botes, kjo tragjedi ne toke eshte si rrjedhoje e mosbindjes. Adami e kerkoi gjenden e Perendise, jeten e perjeteshme, duke e nderprere lidhjen e vet me Atin dhe Krijuesin. Krishti - Njeriu i pare ne gjithe njerezimin u ngjit na Golgote; e zgjodhi vdekjen me te mundimshme, qe ta fshije kete malkim. Te vendose dikush qe ta ndjeke Krishtin, do te thote te eksponoje vetveten te vuajtje. Ajo eshte e pashmangshme! Duke supozuar se jemi nje qelize ne trupin e madh te njerezimit qe nga fillimi i krijimit te botes dhe ne qofte se jeta e botes kalon tek ne, e jetojme tragjedine e njrezimit sikur te jete tragjedia jone.

Старец Софрониј во двобројот 31-32 на „Премин“ од декември 2005.

12 January 2006

„Семејните вредности“ и Евангелието

Од отец Кристофер Метропулос,
пренесено од билтенот на православното радио „Дојдете, примете ја светлината“, сите емисии се снимаат и може да ги слушате и преку интернет. Само кликнете тука.

Пред некој ден заглавив во сообраќајниот метеж, и тоа зад еден автомобил што имаше залепено една од илјадниците налепници со порака на задниот дел. На оваа пишуваше „Омразата не е семејна вредност“. Сосема се согласив со пораката, но таа ме замисли за одредени многу тешки зборови што ги има изговорено Исус во Евангелијата.

Нашата современа култура (во случајов, американската, а наскоро и кај нас – прим. АЗ) е опседната со „семејните вредности“ и тоа многу добра фокусна точка, но не ако ги сведеме семејните вредности на сентименталната наивност што создава фантазија за семејниот живот. Нашата Православна вера нè повикува да живееме во стварноста, осветлени со Божјата вечна премудрост. Ние не ги затвораме очите пред болните вистини на совремието, туку ги пренасочуваме своите животи за да живееме според мудроста на Црквата. Исус ја одразува токму оваа вистина со некои вџашувачки изјави во Евангелијата.

Во 14 поглавје на Евангелието по Лука, евангелистот ни го прикажува Исус како го поучува наородот, помагајќи му и нему и нам да ја увидиме вистината претходно кажувајќи приказна. Ни претставува еден измислен водач на заедницата што поканил многумина на гозба со него и неговото семејство. Но, мнозина ја одбиваат поканата и смислуваат изговори зашто не можат да дојдат. Конечно, човекот го праќа својот слуга: „Излези по патиштата и оградите и убеди ги да дојдат, за да се наполни мојот дом!“ (Лука 14,23)

Исус ја користи оваа приказна за да ги опише Божјите „семејни вредности“. Му го кажува следново на народот: „Ако некој дојде при Мене и не го намрази татка си или мајка си, жена си и децата свои, браќата и сестрите, па дури и душата своја, тој не може да биде Мој ученик. И, кој не го носи својот крст и не оди по Мене, не може да биде Мој ученик“. (Лука 14,26 - 27) Тоа се навистина тешки зборови.

Еве три размислувања што може да ни помогнат да ги примениме овие тешки зборови во својот живот. Нека ни помогнат јасно да го чуеме она што Господ го кажал тогаш, и уште повеќе денес.

Прво, вистинските семејни вредности почнуваат со Бога. Исус се служи со многу силни зборови за да нè оттргне од нашата склоност кон егоцентричност и поедноставена сентименталност (патетика – прим. АЗ). Тој знае дека ако радикално не си го пренасочиме размислувањето, ќе ги сведеме своите односи со луѓето на првото чувство што ќе ни се појави во моментот или на некоја лична корист. Сите наши односи со луѓето мора да се втелемени врз примарниот однос меѓу Бога и нас. Ако тој однос е слаб, тогаш токму таа слабост ќе ги зарази сите наши останати односи.

Второ, вистинските семејни вредности истекуваат од Бога. Кога ќе разберам дека мојот однос со Бога е темелот на мојот живот, тогаш и САМО тогаш можам правилно да си ги вреднувам односите со брачниот сопатник, со своите деца, со своите родители и сите останати мои односи. Бидејќи сме создадени по образ (лик) Божји за да бидеме по Негово подобие (слични на него), интимното и целосно познавање на Бога ми помага да се познаам себеси и сите околу мене - коишто исто се создадени според Неговиот образ. Освен што тоа е Христовиот начин за целосно да се посветам Нему, Исус ми го дава и самиот клуч што ми треба за да ги поставам сите свои односи во правилна перспектива. Токму тој клуч што недостига ги сведува „семејните вредности“ на обично и просто учење како да се снајдеш во околината и со другите. Вистинските и богоугодни „семејни вредности“ се многу помоќни и го менуваат животот.

Конечно, вистинските семејни вредности враќаат кон Бога. Тоа радикално пренасочување на нашето размислување и однесување не само што ни го покажува патот кон живот преобразен од Божјата благодат, туку ни нуди и моќен начин за откривање на Божјата благодатна покана секому околу нас за враќање кон Бога – нашиот Творец и Создател. Но тоа не може да се случи додека не решиме да Му веруваме на Христа и на она што го зборува и додека не си го подредиме животот според Божјите вистински семејни вредности.

Пред да се обесхрабрите од тешкотијата на овој предизвик, имајте на ум дека никој од нас не може да направи ништо без благодатта Божја што ни дава увид, сила и поттик фактички да живееме според оваа наизглед парадоксална мудрост. За вистински да го љубам своето семејство како што треба, не смеам да го љубам повеќе одошто Го љубам Бога. Ако го љубам повеќе отколку што го љубам Бога, семејството ми станува идол. И, на крај, воопшто нема да го љубам вистински.

Сите помагала за преобразување на нашето размислување и на нашиот живот се во Црквата. Божествените Свети Тајни, молитвите, Литургијата - сите тие се направени така што ни помагаат да го втемелиме својот живот врз љубовта Божја и да врежеме светла патека во своето срце и ум за оваа вечна мудрост.

Неделава повторно ќе ни дојдат на гости д-р Дејвид и д-р Мери Форд за серијата емисии посветени на дарот на бракот како духовен пат кон обожувањето. Придружете ни се, ќе научиме уште нешто за Житијата на Светителите што се во брак.

10 January 2006

Уште нешто за крстоносците

Како дополнение на точката бр. 2 од пред 2 објави, а и бидејќи лектира овој период ми е „Вистината е една - Светите Оци за римокатолицизмот“ (ЛИО, 2001 - на српски), мал осврт кон крстоносните војни и расколот меѓу Источната и Западната Црква.

Википедија пристојно ја покрива темата, ќе ви го дадам само уводот, а вие читајте понатаму ако ви е интересно:

Крстоносните војни се повеќе воени походи - обично поттикнати од папитe - што се случиле во временскиот период од XI до XIII век. Првобитно тоа биле римокатолички обиди да се повратат Ерусалим и Светата Земја од муслиманите, но некои биле насочени против други Европејци, како на пример IV Крстоносна војна против Цариград, Албигенската Крстоносна војна против Катарите во Јужна Франција (француска варијанта на богумилството - натемаго - кај нас ги толчеле главно српскиот крал Милутин и ромејската династија Комнени) и Северните Крстоносни војни.

Второ, расколот меѓу Исток и Запад не се случил наеднаш и радикално во 1054 год., званичниот датум, туку бил процес што траел со векови. При првиот поголем судир бил меѓу повластољубивите папи и цариградскиот Патријарх св. Фотиј (820-891 лГ), еден од најсветлите ликови во историјата на Црквата и најзаслужен што и ние сме православни денес - по негов благослов се пратени св. Кирил (Константин Философ) и Методиј и во Багдад, и на Крим, и кај Хазарите, и, конечно, во Моравија, за да продолжи нивното дело и во нашите краишта. Спорот во IX век завршил со доаѓање на православен папа на римскиот престол.

Голем број папи биле православни до X век, ама односите се влошувале со векови и кулминирале токму со таа злогласна IV Крстоносна војна. На шега се вели дека папската була за анатема на Источната Црква била фрлена на престолот на Св. Софија (фамозната 1054 год.) бидејќи папскиот претставник во Цариград Хумберт бил навреден што не му било даден место „достојно на неговиот лик и дело“, ама односите и по таа случка не заладиле цели 200 години. Во долниот извадок од „Вистината е една“ има цитат од св. Нектариј Егински, светител од XX век (починал 1920 год.), од неговата „Историска студија за причините на расколот (шизмата)“

...Крстоносните походи, особено IV Крстоносна војна, се конечни „довршители“ на дефинитивниот расцеп и раздвојување на источната и западната Црква. Тоа во наше време го тврдат и многу историчари на Црквата (на пр. Георгиј Флоровски и др.), но св. Нектариј до тој заклучок дошол многу порано, проучувајќи ја самостојно историјата на XII и XIII век. Тој, како историчар, заклучува дека западните крстоносци, кои за своето освојување на Цариград и за поробувањето на Источната Црква добиле благослов од папите (особено од Инокентиј III и неговиот Латерански собор во 1215 год.), всушност се конечните разурнувачи и на последните односи и општења што се` уште постоеле меѓу Источната и Западната Црква. За тоа пишува покарактеристично: „Една од најважните причини за конечното отуѓување на Западот од Истокот биле вооружените походи на крстоносците, коишто минувале низ самодржавноста на Византија и на крај завладеале со неа преку лукавото поробување на Цариград. Антиохиските и Цариградските патријарси, прогонети од своите области од страна на Франците (односно крстоносците), тогаш живееле во Цариград; заземањето на Сирија од страна на крстоносците за нив било исто толку неподносливо како и самиот турски јарем“ (II книга, 93). Крстоносците со своето однесување и непочитувањето до безбожност на се` православно предизвикувале неподнослива болка и длабоко негодување на верниот православен народ на Исток. Најстрашен бил IV крстоносен поход, при кој папата Инокентиј не само што не ги спречил неделата на крстоносците во Цариград и по другите православни краишта, туку и целосно ги благословил крстоносците и нивните насилства над православните светињи и совести. Тој со крстоносците пратил „мноштво епископи, свештеници и монаси“ да го обратат под негова власт „шизматичкиот“ Исток (II 96-100). Тие, по зборовите на св. Нектариј, „нови евангелски апостоли на Христовиот намесник (папата)“ не дошле на Исток да ги просветат Турците, туку, „заземајќи ги Источните земји, ги прогонувале православните епископи од нивните престоли, ги гонеле клириците што не им се потчинувале ним и на папата и ги грабале престолите и пределите православни“ (II, 100). Конкретно, светителот ги наведува мачењата и страдањата за Православието на монасите и клириците на Кипар, во манастирот Кантара, кадешто во 1231 год. од римокатоличката ерархија пострадале игуменот Јован и 13 монаси и свештеномонаси.

Оттогаш на Западната Црква и` се случуваат и хуманизмот и ренесансата (како што вели о. Г. Флоровски - Христос беше сведуван на човек додека не остана само човекот - хуманизмот) и Инквизицијата и глупавото отфрлање на науката и сите киксови и отпадии до ден денешен (што некои недоволно информирани луѓе крстени во православната вера мислат дека се заслуга на православната Црква).

Едно треба да се знае - православната Црква никогаш нема фрлено анатема на римокатолицизмот од проста причина - доволно е само еден папа да се покае за Рим да се врати во лоното на Едната, Соборна, Вселенска и Апостолска Црква. Извесни чекори се преземени во последно време. Од минатата година, по 30-годишните теолошки дискусии меѓу православните и римокатолиците, римокатоличките катехизиси (учебници по вероучение) во САД веќе не го содржат еретичкото „и од синот“ - filioque - во Символот на Верата, а папата Јован Павле II дури се оградуваше од декретот за папската непогрешивост (донесен 1870 год.). Меѓутоа, има уште проблематични места во учењето на римокатоличката Црква без чие исправање едноставно не може да има никакво соединување или „унија“ меѓу Исток и Запад.

Во Википедија пишува уште и дека покојниот Јован Павле се извинил за грабежот и дивеењето во Цариград 1204. За пустошот што го направиле Норманите НА ПАТ за Цариград низ македонските краишта... (ќе ви го кажам насловот на книгата од којашто го дознав ова - ја има и на македонски - кога ќе ја откопам) ...не стигна да ни се извини, Бог да го прости.

И, да не заборавам - филмот „Царството Небесно“ е за I крстоносен поход, II е скокнат (пошто никој не ни стигнал до Ерусалим) и има кратко наговестување за III. Четворката може евентуално филмски да ја обработи и до даска да ја упропасти Оливерчо Каменот (во кој конечно ќе се разоткрие заговорот на византијците што бил успешно спречен и осуетен од страна на витезите од запад ;)

Христос се роди, за сите да се просветлат. Амин.





08 January 2006

Новогодишниот хит

ФрутиЛупс - 1 јануари - далеку од динамитките и огнометите. А од денес, со моите музички злодела можам да ја малтретирам и публиката на интернет!

Пријатно :)

Powered by Castpost

На репертоарот овој Божиќ

Благодарение на еден пост на блогот на Дарко156, ми се отвори цел еден свет. Данке, Дарко :)

Пред Божиќ одбивам да подлегнам на потрошувачката манија, ама отпорот секогаш ми попушта кога се работи за филмови. И така, се частев 1 +3 филма. Едниот му го мотнав на другар ми Кољо од „Икона“, а трите ги купив од теткицата пред Тинекс у Кисела Вода. Следат детали:

1. Хрониките на Нарнија - Лавот, Вештерката и Плакарот.

Направен по првиот од 7-те романи на Клајв Стејплс Луис (агностик што на стари години го има откриено Христа и христијанството и од богопорекнувач станал богозналец - го има извадено логичкиот доказ за вистинитоста на Христос и има објавено еден куп христијански романи и теолошки огледи - малку е климав во некои моменти - сепак е англиканец - ама е многу јак во логиката). Книгите ги открив летоска и не само што ги симнав преку Е-муле, не само што ги купив на англиски од книжарница во Виена, туку и ги барав правата за превод на македонски од Харпер Колинс (пошто чоекот починал 1958, Бог да го прости, неговите наследници имаат право да ги цедат авторските права уште три години). Правата не ги добив (ги добија и ги упропастија АЕА заедно со Време) ама преводот на книгата ќе го објавам тука - кога ќе дојде време. Децата ми ја обожаваат цела серија, не можат да и` се наситат. Штета што не се најде од мајка роден да го донесе филмот да го гледаме во кино, па морав да гледам копија „биоскоп-добар“ од „кинотеката“ кај Камени Мост.

Нема да го опишувам филмот - мора да се гледа. Луис му бил другар на Толкин и отприлика во исто време ги напишале „Господарот на прстените“ и „Нарнија“. Облогот бил кој ќе напише подобра христијанска бајка. Погледнете ја првата Нарнија и сами пресудете.

Да не заборавам - Дизни (БуенаВиста) не го „обичам“ многу, да не кажам има анатема од Покахонтас наваму, ама се искупија со ова дело (башка што им се исплатеше :))

2. Царството Небесно (не сакам ни да го изговорам преводот под кој одеше во кино - човек да жали по времињата кога Ацо Македонија Филм се думаше по три дена под кое име да ги пушти филмовите во дистрибуција) на Ридли Скот (имате поврзница преку насловот на филмот, не ви ставам друга)

Крстоносците се една од главните причини што православните не се мирисаат многу со римокатолиците уште од времето кога се одвива филмот (12 век - кога Латините не само што го освоиле Ерусалим, туку се квакнале и во Цариград на едно 50 години - муслимани-православни, кој да ги разликува ;). Филмот е тотална холивудска антицрковна (главен негативец и кукавица во филмот е „Патријархот“, всушност локалниот папски заменик) и антихристијанска пропаганда (демек крстоносците донеле меѓурелигиозна толеранција и хуманизам и ренесанса на „заостанатиот“ Исток уште на тоа време), ама јас, ко загрозен цивилизацијоман (уште ја немам четворката, ама ќе ја имам наскоро) паднав на сцените на одбраната на Ерусалим (Саладин - кого во филмот го превеле ко Салахадин - и Сарацените - кои во преводот се оптегаат од Сарасени до Шарани - го напаѓаат Ерусалим од источната порта... да не ви опишувам, кој види, ќе разбере за што зборувам). Ми се допадна што Темпларите се негативци у филмот. 5 ѕвездички само поради тоа (непријателот на моите непријатели е мој пријател, нели :)

3. Небо со боја на ванила (шо ако е стар филмот, кога е добар?) на Камерон Кроу

Том Круз - слушам дека бил ментално заостанат ко мал, демек веќе не е - е сајентолог (онаа сектана што ви убацува ливчиња со реклами за книгите на Хабард секој месец - кој отиде кај нив, гадно се заебал) - значи уште е морон затоа што врв на духовноста му е развојот на науката и билдањето самодоверба (одма се гледа што е што - „верата“ удира на несигурни искомплексирани деца од 3-40 години заразени со еволуционистичките небулози од основно - колку да се сопнат и да не ги сфатат работите како што треба). Арно ама, Холивуд многу го сака и го пушта да игра во филмови по книги и раскази на Филип К. Дик (кој не го читал, одма да си ја исправи грешката) и во добри филмови како овој.

Филмот е приказна за себенаоѓањето на личноста. Приказната (на православните некогаш им треба секташ да им отвори очи) е генијална и на рамниште со Матрикс, само што е на поличносно ниво. Човек поминува тешки маки додека се осознае, а откако се осознае и прифати себеси. Не мора да биде како во филмот, ама секоја искрена душа ќе се најде во него. МОРА да се гледа. Башка што мене ми помогна да си ги средам односите (да не кажам „да се простам“) со еден многу битен човек за Скопјево.

Има уште една добра смешка во врска со филмот. Јас го гледав пред жена ми. Синоќа и улетав у сред проекција - ја гледам целата напната („тешко ми е, види колку му е тешко на човеков, има демон во него“ - и имаше право) и почна да ме прашува „ова го сонува, нели?“ Има ли поголем ќејф од одговорот „а, може го сонуваше и тоа претходното“ - мегазлоч ;).

4. Венецискиот трговец

Шекспир е цар. Точка. Благодарение на преведувањето филмови, имав задоволство да преведувам 5 филмови направени според негови дела (односно, да ги адаптирам адаптациите на Ацо Шопов од руски за титли - да може да ги прочита човек за 3 секунди она десетерците :). Шекспир ми го отвори англискиот јазик, ми го отвори секој јазик. Култот кон него придонесува и Англосаксонците внимателно да ги прават филмските адаптации на неговите дела и никогаш да не промашуваат. Лектира за студенти по англиски, лектира за студенти по О(пшта) К(омпаративна) К(нижевност), лектира за секој љубител на доброто пишување. За секој писател. За секој филмољубец. Си го својатаат неопаганите, си го својатаат христијаните, и секој со право. Ако ви кажат дека бил педер, лажат. Доволно е да му прочитате еден сонет и ќе видите - човек со таква душа не застранува во противприроден блуд - повеќе во природен ;)

За другите добри филмови од мојата колекција, наскоро :)

06 January 2006

За виенското кафе

Или за верата и трпезата.

Во Виена сум бил двапати. Ако не го сметам дремењето саат време на виенскиот аеродром со летот Скопје-Сараево на Кроејша ерлајнс (преку Виена и Загреб со еден авион! да присоберат уште некој патник!) летото 97ма со шестмесечно бебе во скут.

Првиот пат не бев нешто одушевен што ќе одам. Јули, најжешкото - па беше и некој топол бран по цела Европа, а тоа континенталната Австрија е бетер од Скопје во жегата. Кај нас е барем сув воздухот, таму имаат влажност ко у Лондон, па и 30 степени се речиси неподносливи за нас субмедитеранците. Додека да се навикнеме ;)

Нејсе - за време на првиот престој Во „Беч“ (долго ме чудеше тоа српско преведување на името на градот, додека на крај не сфатив дека Унгарците така си ја викале полупрестолнината во време на првата Австроунгарија, па овие така разбрале дека се вика) имав бајаги слободно време (речиси 3 слободни дена) и беше богородичниот пост, па не јадев во хотелот туку скитав по градот барајќи интернет-кафе (во хотелот имаше само дајал-ап, а никаде не можев да најдам локален број за пристап) и кафанче каде што служат нешто посно. Првата кафеана во којашто улетав беше, нормално, српска :). Изнакршив јазик швапски додека не го чув келнерот како на сета моја мака на шанкерката и ја кажува нарачката на српски ;) После си свртевме на „југословенски“, како што поранешните гастарбајтери го викаат српскохрватскиот, пошто не признаваат дека СФРЈ се распаднала (може и не чуле) и убаво се подруживме со келнерот - нормално, му објаснував зошто сум нарачал јадење без месо, јајца или млеко, а не сум вегетаријанец. Он беше као православен.

Првиот ден си го промрчев сам со себе. Изненадувањето од насловот следеше утрото во хотелот (бед енд брекфаст, а брекфастот шведска маса, ама не од нашите шведски маси, туку од нивните - долги едно 3-40 метра и распослани во 4 простории). Нормално, прво што зимам е кафе. Пу, јазк, си мислам, ај шо нема турско, ама ни еспресо, морам да го пијам тоа филтер цеденото. И така, си наточив два и пол деци „црна текучина“, зедов една кифла и отидов у ќошот за пушење, кога го пробав кафето... Леле, мајко. Да не можеш да се изнапиеш! Едно црно, па јако, па удара „дирек у џигер“, па вкусно - ко никогаш кафе да не сум пиел у живот. И така почнав да ги ценам Австријците. Ко кафеџија, си имам еден лакмусов тест за луѓето. Им го пробувам кафето што го прават и одма ги гледам што сорта се. А народ што прави такво филтер кафе... не е за потценуење.

После, се разбира, ја открив австриската кујна (90 посто срби ги држат кафаните, а во кујните им работат црнци, ама добро готват). Ако не сте постеле, не знаете колку е добро кога ќе откриеш ново посно јадење - пошто лишувањето од јака храна одвреме навреме го зајакнува сетилото за вкус. Со еден збор, Виена, како жена, ме освои преку стомакот и непцето.

Е, после тој културен шок (западњаци со добра кујна? ни на сон не сум помислувал) почнав да чепкам лево десно и да ги испитувам западноевропските кујни. Во текот на истражувањето ме просветли снаа ми (иначе Her Majesty's subject веќе втора година) - понашетана жена, за разлика од мене, којшто за планина да ми кажеш, одма обувам цокули и со леб и сол ќе поминам 100 км гудури и пустини, ама странства-манства никогаш не ми лежеле на срце; во дискусија со неа, ми кажа дека сите римокатолички народи имаат добра кујна, додека протестантските - подалеку од леб, компир и пача (инглиш пудинг) не стигнале. Причината? Проста. За протестантите е грев да уживаш во храната! Римокатолиците се слични на нас - трпеза си е трпеза, брат, грев е да НЕ уживаш во Богодаруваното изобилие. Само што ние четири пати годишно се потсеќаме на убавината на храната (преку лишување од неа - мислам, кој пости), а они си го тераат тоа без престан - и имаат култура на трпезата.

И, да, проста споредба. И Австријците и Германците се Шваби, така? Ама, чул некој за германска кујна? Тешко. Да не ги споменувам Французите, Шпанците, Португалците и нивните колонии по светот. Тоа било трчање по зачини за да не им плаќаат на Енглезиштана 100 евра за грам бибер, не друго.

Ќе се вратам пак на Виена. Сега втората званична посета (пак во пости, пред едно месец дена). Нормално, таму каде што се раниме све месишта и супи (не за товење, туку баш вкусни ручеци, ама не за мене :() Арно ама, паузите за ручек повторно ги искористив конструктивно. Во еден српско-интернационално-виенски ресторан го пробав најубавото рижото на свет (со бакалар, ми се чини). Внатре имаше тазе сечкани магдонос, нане и ким. Па еден сос со лук (без лук таму нема јадење, наши луѓе ептен :) - првиот залак ми беше чиста екстаза. Второ откровение - во кинеско-виенски ресторан нарачувам нешто „без месо, јајца или млеко“. Јас зборев англиски, кинезот германски (го прашувам - ду ју спик инглиш? Јес, јес, оф корс - и продолжува да ти зборува на германски), ама се разбравме. У ствари, он мене ме разбра, јас него не. Нарачав „гемузе“ (похован зеленчук плус јаболко и сливи, испадна на крај) и ми носи четири погачици со салата од свежа зелка во едно чиниче. (е, да, салата од свежа зелка во Виена не моеш да најдеш, пошто ја киселат во тегли, сецкана и во сол, така што доаѓа како скисната на крај) и си викам - добро, кинески ресторан, никад не сум бил, веројатно ова е главното јадење. И пред мене сол, бибер, зејтин, оцет, табаско и... нешто што личи на ајвар, ама има семки како од везени пиперки! И ајвар беше, верувале или не. И тоа со везени пиперки! Кинески! После Словенците ќе патентирале ајвар - појма немаат. Кинезите можат да ни го топнат од пред нос сосе патент. Полуто имам пробано само дома - крај. Си се најадов јас со погачиците (ко соленки беа) и тоа кинескиот ајвар и зелката, кога ... дојде вистинското гемузе :) Една лонгплејка со секој можен зеленчук на светот (похован сам во себе, нели, во цептер). Се прејадов, онака посно, што би се рекло - пошто не можев да се смирам додека не го изедов „ајварот“. Филтер кафе нема, ама...

Си одам од Виена и нешто ми е штуро - кој ќе ја пие тоа нашана кафеава „сака“ по филтер-кафето во хотелчето? Мислам, само за информација, у самопослуга не влегов освен еднаш, и на крај памет не ми беше да барам кафе - имам тешки периоди на глупост. Фала Богу, аеродромот има два километри фри-шопови меѓу кои, се разбира, продавници за кафе, цигари и чоколада :) Земав само полкило Wiener Kaffee во зрно, ама ене го, уште ми трае. Дури купив две мелници од зелено пазарче (за тазе мелено за сабајлечкото) пошто не ми се дава во „кафе“ да ми го мелат (ќе го прими мирисот на нашиот „сантос“) - едната меле крупно, а другата ситно (албанска, од оние месинганите топуци што се вртат, баба ми така си мелеше кафе). Ја користам крупната - ем повеќе мириса, ем ми остануваат парчиња да си грицкам кога ќе го допијам (нема класичен талог, нормално). Се мислам што ќе правам по месец дена, кога ќе ја средиме залихава, ама гледа Господ, ќе се најде чаре.

И, тоа ми беше муабетот пред крајот на Божиќниот пост. Без асолна вера ни асолна трпеза не можеш да имаш.

Христос се роди!

01 January 2006

Блогоманијачка блогосферска блого(по)луција

Денес, онака мазохистички, се расчитав македонски блогој на дајал-ап, пошто сум на зимување одонаде Крстот. Не ми се веруе!

Се распишале Македонциве навлечени на интернет, и тоа кој од кој пописмено. После некој ќе каже дека образованието не ни чинело. Од блогови на англиски можеш само да си го расипеш јазиков, од нашиве... правопис можеш да направиш :)

Ај да се уозбилам, шо би рекле у мое сеело (пардон, маало). Прво, именката „блог“ ја сретнав во исклучително негативна конотација. Се бунеа баговци, повлечени од американските плуежно-њујоршко-семитски интелектуалци, дека интернетот се задушил бидејќи секој Мурто со тастатура си пишуе дневник на интернет. Два дена после тоа, гледам брат ми отворил блог (и тоа не на блогер). [nota bene - не ставам линкови до наведените места на интернет затоа што сум некултурен и невоспитан, иако пазам на јазикот - а и затоа што тоа е непишана норма на блоговите, па анти-Норма (Џин - ака М.М., без тоник) длабоко во мене одбива да се потруди околу тоа)]. Тоа беше пред 10 месеци, така нешто.

ДОПОЛН: Јок, моја грешка. Какви десет месеци, тоа беше лани (т.е. преклани - 2004). Обидувајќи се да живеам во вечноста, заборавив на времето :) Или сум ја затурил и краткорочната и долгорочната меморија негде успут. Всушност - баш ме интересира дали некој памти онака, календарски. Таков човек, освен баба Мица, којашто е Гугл пред Гугл кога се однесува до поблиски и подалечни роднини и пријатели и познаници што ги сретнала барем една секунда во животот, не сум сретнал.

На крајот на октомври 2005 пукна бомбата со АДСЛ-от (има „риикеп“ на англиски малку подолу, кој разбира) па да не го задушувам блогот на ортаците од р-еволуција, склепав свој на истиот домаќин (и, нормално, уште не сум го поминал во ДримвИверот за да заличи на нешто). Значи, спаѓам во кошот блогер-прагматичар, ако сте по кошарката.

Пред две-три недели првпат купив Неделно Време и... што да видам! Геро, онака татковски, отворил цела страна за блогери (пошто наведените, ко секое нормално „пичлеме“, пардон мај френч, на љубов реагирале со плукање). Леееле фрка после тоа. Ене ги сеаа главнине сурати у Форум плус, иако блогерките веројатно би биле поинтересни за сликање (да, не само што сум мрзлив, туку сум и мушка шовинистичка свиња, сакам да гледам само убавини).

И, сега, зошто го пишувам ова? Па, две причини. Прво, ми се допаднаа неколку македонски блокчиња (искрено, поголем придонес за ширењето на македонската култура и уметност не сум видел У ЖИВОТ). Второ, ми се кристализира сопствено мислење за блоговите - ЈЕС! АЈ ЛАЈК ИТ! шо би рекол кумко Јанко. Кој пишува, треба да пишува. Така барем ќе развие стил, а богами ќе научи и троа македонЦки.

Трета од двете горенаведени причини е „блог у најава“ - има да ги експлоатирам ова бесплатниве сервери на блоггер до даска - за да го поделам она што ми излегува од преполното срце. Како ми тргна со ФрутиЛупсот, морам да поделам некоја емпетројка со светот. Сфе оупен сорс, оф корс. Само да најдам бесплатни дремеж-мегабајти (знам и кај да барам, нема гајле).

Е, толку за почеток на грегоријанска Н.Г. (добра беше старата, уште подобра ќе биде новата). Посно е сега, па сум краток ;) Ако некој не разбрал пола од напишаното - ич да не му е гајле, не е лузер. Појќе ќе биде дека не ми се објаснувало.