Покајте се, оти се приближи Царството Небесно.
Тоа се зборовите со кои св. Јован Крстител ги повикувал луѓето да се сменат затоа што се „последни времиња“, а со тие зборови и нашиот Господ Исус Христос ја почнува својата проповед по крштевањето (од св. Јован) и 40-дневниот пост во пустината.
Што се случило (т.е. што се СЛУЧУВА) на Богојавление. Исус полни 30 години, „легална“ возраст за човек да стане учител во било што, а камоли во Божјите науки, и оди кај последниот старозаветен пророк (по Воскресението сите христијани се пророци) да го „исполни“ Законот и да ја преземе „штафетата“ на објавувањето на Царството Небесно (Kingdom of Heaven за амерофилите). Св. Јован ги крштева со вода сите души што се отворени за вистината и што се подготвени за доаѓањето на Спасителот (Месијата) и им кажува дека по него доаѓа „Оној што ќе крштева со Свет Дух“. И токму тоа се случува во моментот кога св. Јован трипати го потопува Исус во водите на реката Јордан (трикратното потопување во вода е токму значењето на зборот „ваптизмо“, што на нашки се вика „крштевање“). Во моментот кога Христос излегува од водите, на Него слегува Светиот Дух како гулаб (најубав приближен опис на она што се случило има во филмот „The Miracle Maker“, руско-англиски анимиран филм што се наоѓа по видеотеките, имав чест да му го средам преводот и да го дадам во Телма за емитување).
Значи, баталете празноверија како она дека на „Водици“ се отвора небото и ако протнеш глава низ прозорец на полноќ и посакаш нешто, ќе ти се исполни. Небото е отворено за оние што се отворени за Вистината и Патот и Животот секој ден, само кој да погледне нагоре со духовните очи.
Секој што е крстен во Православната Црква и денес го поминува истото што ни го оставил Христос. Се крштева со трикратно потопување во вода и се помазува со Светиот Дух. Сите ние стануваме „христоси“ (помазаници) - и на нас останува дали ќе го исполниме дарот што ни се дава тогаш.
Наместо П.С.: Богојавленската вода (онаа што се свети после литургија во сите цркви) е вода за крштевање (во ранохристијанската Црква и во првите векови по озваничувањето на христијанството како вера во Римското Царство постоела категоријата „катихумени“ или „огласени“. Тоа биле (а има такви и денес) што три години се подготвувале за крштевањето - учеле за верата, и на Божиќ, Богојавление и Воскресение масовно се крштевале). Тоа значи дека 1. со молитвата е осветена за изгонување на нечистите сили; и 2. колку сакаш остави ја да седи во шише, макар и со години, не се устојува - заради својствата што ги добива од слегувањето на Светиот Дух врз неа. Православна куќа без богојавленска вода... е исто што и специјалци на непријателска територија без договорено извлекување со хеликоптери (отприлика :) ).
„Кога во Јордан се крштеваше, Господи, се потврди поклонувањето на Света Троица: гласот на Отецот посведочи за Тебе и Те нараче Свој сакан Син: и Духот во вид на гулаб ја потврди вистината со тоа сведоштво. Се јави, Христе Боже, и го просвети светот, слава Ти.“
1 comment:
Терминологијата ,,...првите векови по озваничувањето..." ми се чини за погрешна. Посоодветна е ,,првите векови по признавањето на христијанството за рамноправна религија во Римската Империја". Може ова ќе ти изгледа како барање на влакно у јајце но ова е добронамерна сугестија.
Институцијата катехумени се ,,губи" уште во кон крајот на IV век или поточно во деценијата по 392 година кога со Едиктот на Теодосиј I христијанството станало единствена допуштена религија во Римската Империја. Рака на срце причините за ова освен од политичка се и од практична природа т.е. големиот степен на морталитетот кај малите деца.
Post a Comment