Денес, конечно, се решив да излезам на студов и да го свртам „патот на трите цркви“ (Богородица, Св. Димитрија, Св. Климент) да ги завршам работите што ги имав за неделава „у град“. Мојата населба (11. Октомври) е мошне центроцентрична, ама има еден неизграден дел тука кај пругите (порано тука садеа афион, жито и сончоглед) што дава можност за мирна прошетка поскраја од градските улици. Патот покрај пруги - целиот сончев, милина - само минус 4 - води до кејот на Вардар. И таму, кога свртев накај тоа новото сиво зградуриште на МВР (храмот на документите и исправите и јавниот ред и поредок - не можеа попембе боја да му шлапнат - барем да беше металик) го видов Вардар!
Не го видов Вардар - видов едно чудо вода што тече - што тече, јури - на температура на која „пингвини пијат антифриз“ и сите мои 70% вода во организмот изразија желба да се плиснам внатре. (на сликата е Дрим, ама „ју гет д пикча“ :)
Стварно, што е тоа со водата што толку ги привлекува луѓето? Може затоа што е првосоздадена (веднаш после ангелите, а пред земјата, да не зборам за живите организми). Има нешто толку древно во неа што ги влече сите, не само мене.
Што сум забележал на мостот кај МНТ. Таму, ако веќе одиш од другата страна на Вардар, ти доаѓа да преминеш на сред мост. Како токот на реката да те завлекува и тебе па МОРА да го поминеш мостот, па не знам што да е.
Во Белград пропуштив да отидам на устието на Сава во Дунав - ама ме возеше таксист што продал стан за да си земе куќичка покрај Дунав. Тоа ми го зборуваше додека се возевме покрај некоја од реките од која одблеснуваше сонцето и го имав истото чувство ко денес покрај Вардар. Всушност, додека го поминував мостот се чудев колку кубици вода поминуваат во секунда, па како тоа може да се пресмета, па откако пресметав, сфатив дека тоа е МНОООГУ ВОДА, бе! Едно поточе ко нашион Вардар (кој е претежно Треска додека поминува во Скопје, со троа Лепенец) тече со илјадници кубици во секунда. Што да кажеме за поголемине реки. Само Рашче (изворчето) дава милион кубици ДНЕВНО. Горе во Соње сме пресреќни што имаме половина кубик на ден - и тоа од што капе во бунарот. Каква криза со вода, вода има колку сакаш. Всушност, сè е само вода, едвај суво можеш да најдеш!
Се испозанесов. Туку, за привлечноста на водата. Не сум по дремењето со трска покрај или на вода, никогаш не ме повлекло. Ама сосема ги разбирам рибарите, затоа што јас го правам истото што го прават и тие (без влечкање стапови, конци и лигави бескичменици и леб) - гледам во водата што тече. Можам да ја гледам со саати (пошто секој момент е различна). Какви саати - имам така изденгубено којзнае колку време. Ај што ме влечат реките (не мора да биде река, доста е да е вода што тече - поточе - вода од чешма ми е доволна :)) туку привлечноста на секое количество вода поголемо од една чаша. Клинциве обожаваат да клумкаат шишиња (кое дете не е „водна жаба“ - ко да има земни). Секоја бара има привлечност, а камоли Дојран, Преспа или Охридско МОРЕ. А, морето е посебен муабет. Тоа не е вода, тоа е супа во која можеш да се бањаш, а да не ја извалкаш. Секоја вода како да му зборува на тоа исконското во нас - како преку неа да го препознаваме и почетокот и крајот и идниот век.
П.С. Кој ќе искоментира дека тоа се амебите и парамециумите во мене, самиот е амеба и парамециум. Јас сум човек. Создаден како нешто помалку од ангелите, а нешто повеќе од животните. И духовен и телесен. Микро и макро космос. Вода горе и вода долу - а јас во средина :)
No comments:
Post a Comment