Италијанскиот Романсиер и философ Умберто Еко еднаш има кажано „Преведувањето е вештина на неуспехот“. Како и при секој вреден труд, преведувањето мисли, идеи и вистини од еден јазик или култура на друг е исполнето со промашувања и грешки, но тој процес на пробување и грешење донесува подлабок увид и подобри преводи.
Преведување е работата што ја вршиме кога се обидуваме да ја поделиме нашата вера со некој друг. Тоа е работата што Самиот Бог ја прави уште откога објавил „Нека биде светлина“ на почетокот. Бог бил вреден и целисходен во преведувањето на Својата порака на љубовта и спасението за Своето човечко создание. Сè што има сторено, направено, речено и прикажано е чин на љубовен превод на Неговата мудрост и грижа во облици разбирливи за нас. Нашите гревови нè отуѓуваат од Неговото вечно постоење во несебична љубовна благост, толку често што едноставно не разбираме.
Тоа љубовно дело на нашиот Татко кулминирало со испраќањето на Неговиот Син, преведувајќи го Словото во плот во Витлеемските јасли пред толку многу години. Христос, нашиот Господ Исус, ја исполнил Својата божествена мисија поразувајќи ги најлутите непријатели на нашите души – гревот, смртта и Сатаната – правејќи ги вечно видливи и реални вистинската природа и Личност на нашиот Татко полн со љубов.
Пред Исус да ги остави своите ученици, ним им пренел, а преку ним и нам, да продолжат да ја преведуваат Неговата порака за спасение на целиот свет. На Педесетница, Исус дури ни го испратил Божествениот Свет Дух, така што секој верник може да стане дел од Телото Христово – Црквата – и да го умножува присуството Исусово до сите краеви на земјата.
Така, сега секому од нас му е дадена чудесната задача да им ја преведува својата вера на своите пријатели и соседи. Тоа не е опција, не е дури ни барање. Тоа е Христовата заповед секому од нас и на Неговата Црква на земјата.
Еве три увиди што може да ни помогнат постојано да го прифаќаме својот дел во преведувањето на Христовата порака во нашето секојдневие.
Прво – Преведувањето е лично. Св. Павле им вели на Коринтјаните: „Вие сте нашето писмо, напишано во нашите срца, кое го познаваат и читаат сите луѓе; вие се јавувате како Христово писмо, составено преку нашата служба, напишано не со мастило, туку со Духот на живиот Бог, не на камени плочки, туку врз телесни плочки на срцето“. (2 Кор. 3,2-3). Факт е дека го „преведувате“ она во што вистински верувате на оние околу себе со начинот на којшто го живеете своето секојдневие. Со тоа нашите избори не се само израз на нашата лична слобода, туку начини на кои можеме и ја прикажуваме и преведуваме својата вера (или, не дај Боже, невера) на нашиот свет. Бог не ни пратил само книга да читаме. Самиот дошол во Христа да биде воплотен превод на Вистината што можат сите да ја видат, а сега и ние сме повикани лично да ја живееме вистината што ја објавуваме кога ќе кажеме „Верувам . . . “
Второ – Преведувањето е целисходно. Секаде кадешто отишла Црквата, станала вера на локалното население. Како што Евангелието на Црквата се движело од народ до народ, тешката задача за преведување на Светото Писмо, богослужбените книги и молитвите на верата била вршена со јасно чувство за мисионерство кај верните што ја вршеле таа работа. И тоа е чувството за целисходност што и ние треба да го усвоиме кога сакаме да ја „вдомиме“ верата во својот народ. Целисходното преведување на верата за нашиот народ никогаш не смее да биде само една од задачите на Црквата. Тоа е ПРВЕНСТВЕНА и најважна задача на верните тука и сега.
Конечно – Преведувањето е моќно. Преведувањето е важно затоа што функционира. Тоа значи дека преведувањето на нашата вера во нашиот свет е и тешко, болно и предизвик, но нема поважна работа од тоа. Делото на соопштувањето на нашата вера на начини што нашиот свет може да ги разбере ги менува и преведувачот и слушателите. Тоа ме прави почувствителен за потребите на моите слушатели и, на крај, нè преобразува и мене и заедницата околу мене. Токму таа задача за жив превод најдобро нè повикува кон зрела вера во Христа и кон пат исполнет со љубовна служба кон другите. Никогаш нема да направите ништо поважно од преведувањето на Верата Христова на својот свет. Никогаш!
Понекогаш концептите на Христовата порака му се преведуваат на нашиот свет на изненадувачки начини. Христијаните ги користеле говорот, музиката, поезијата, приказните и уметноста за да ја соопштат Исусовата порака на овој свет. А, сепак, секој може да живее христијански добродетелно и смирено – што е најдобриот превод на нашата вера.
Неделава јас и Еми ќе седнеме заедно со една од нашите омилени гостинки, К. Фредерика Метјуз-Грин, да разговараме за К.С. Луис и неговото дело на отворање на вистините на Евангелието да бидат достапни за светот преку неговите фантастични романи за земјата Нарнија. Слушајте нè.
До следната недела,
Ваш за ширење на Православието,
отец Крис Метропулос
(ѕирнете го линкот десно за православното радио)
No comments:
Post a Comment