02 February 2006

Тотално изрезилено во преводот

По повод ткн. „превод“ на Chronicles of Narnia: The Lion, the Witch, and the Wardrobe од К. С. Луис на АЕА и Време.

Клинците дома се пресреќни - баба синоќа видела реклама на Сител дека последниот хит на Дизни/Буена Виста „Хрониките на Нарнија: Лавот, Вештерката и Креденецот“ конечно ќе игра во кино и во Скопје! Иако филмот го гледавме на ДВД (добра кино-копија :) и во варијантите на Би-Би-Си (во четири дела) и еден цртан (многу послаб) - им реков дека конечно доаѓа еден филм вреден да се види во кино и ќе ги носам.

За што се работи? Хрониките на Нарнија се дело на Клајв Стејплс Луис, Британец (англосаксонец, всушност) што од агностицизам (учење што вели „ОК, има Бог, ама јас не му се мешам во работата, нека не ми се меша ни Тој во мојата - нејќу да знам за Него“) станува христијанин - и тоа хардкор. Преобратувањето му дава голем креативен поттик и тој не само што пишува бројни теолошки огледи (имате поврзница горе на името), туку и почнува да пишува „фикција“ или „белетристика“ со христијанска тематика. Бил член на друштвенцето „Инклингс“, чиј најпознат член (кај нас) е Џ. Р. Р. Толкин (авторот на „Господарот на Прстените“) и од чија дружба произлегле и „Хрониките на Нарнија“ во седум книги. Како љубители на бајки, другарите се обложиле кој ќе напише подобра христијанска бајка. „Прстените“ сте ги гледале и можеби сте ги читале, време е да ја откриете „Нарнија“.

Јас ги открив летото Господово 2004, ги голтнав седумте книги за седум дена и им ги раскажував на децата после ручек, на трпеза, или приквечер, покрај огинче во дворот, и волшебноста на тој свет и мојата одушевеност ја префрлив и на нив. Што е толку убаво во книгите? Христијански и длабоко теолошки по себе, привлечни се и за луѓе што не се интересираат многу за таа димензија затоа што многу добро функционираат како класични бајки (подобро од „Господарот на прстените“, според мене).

Е, сега следи заплетот. Луис починал 1963 година, Бог да го прости, што значи дека во Европа неговите наследници имаат право на авторски дивиденди до 2013. Во САД до 2062. И, бидејќи сакав се да биде во ред, и бидејќи морав да ги преведам книгите од што ми се допаднаа, ги побарав авторските права од Харпер Колинс уште истото лето. Не ги добив, бидејќи немам никаква врска со АЕА и Време, што ми беше соопштено некаде во ноември 2006 (после 16 месеци по првата преписка) под изговор дека другиот понудувач имал подобар маркетиншки план. Ај, важи, нема проблем. Фала Богу што ќе излезе книгата на македонски, си реков.

Е, ништо од тоа. Книгата излезе, ама не на македонски. „Подобриот понудувач“ имал подобра маркетиншка понуда (можеби), ама заборавил производот да го направи убав и скапоцен. Преводот на насловот е: Авантурите во Нарнија: Лавот, Вештерката и ОРМАНОТ!!!

Ај, Авантурите во Нарнија убаво звучи - привлечно е маркетиншки. Ама што има привлечно во преведувањето на "wardrobe" (плакар, шифоњер, креденец, ОРМАР) со ОРМАН? Очигледно, преведувачот ни знае англиски, ни знае македонски. Ниту го гледал, ниту го читал „Волшебното самарче“, кадешто дејствието се случува на Караорман (црна ШУМА), а „шумкарите“ и „бандитите“ на секоја втора страница се кријат во „орманот“.

И, што сега? Ќе оди филмот, на децата ќе им се допадне (ќе ви се допадне и вам, ако сте по бајките), ќе ја побараат книгата - и ќе добијат уште еден „глуп бестселер“ бидејќи ОД СТАРТ ПРЕВОДОТ НЕ МУ ЧИНИ! Мене тоа ми е исто ко да се продава сирење со бруцелоза - отпрвин не ти е ништо и сирењето има супер вкус, ама кога ќе те фати болеста, едвај ќе се излечиш (ако се излечиш).

Сега сум во искушение да го шлапнам мојот превод на првиот дел (двапати прочитан, еднаш со проверен правопис и лекториран) на мрежава, ама не е тоа тоа. Бог вели „не враќај зло за зло“ и толку. Ми останува да се надевам дека нешто евентуално ќе се поправи во следните продолжетоци (дека ќе го повлечат овој бедниов превод, тешко) и дека прекрасната содржина ќе ги засени лошо преведените работи. И да го издадам комплетот во 2013 год. кога книгите на Луис ќе бидат во јавна сопственост.

П.С. Ова ќе го поврзам со полемиката што се разви по едноиздавачкиот „саем на книгата“ на Матица каде се стигнува преку овој блог.

2 comments:

Драган Зајковски said...

Ах да е само „Авантурите во Нарнија: Лавот, Вештерката и ОРМАНОТ“ единствениот пример. Проблемот е во тоа што има еден мал милион катастрофално лоши и утнати преводи. Стварно жалосно. Наместо од оригиналот се преведува од српско - хрватски преводи. Превод на превод. Која перверзија и непрофесионализам.

Ситуацијата да е позагрижувачка, непрофесионалноста и импровизацијата, да не кажам незнаењето, се присутни во сите сегменти на македонсково постсоцијалистичко општество. Само како пример од мојата бранша ќе ги земам книгите на Тупурковски за античка Македонија. Ај што пишува глупости и застарени работи. Настрана дури и катастрофалниот лош методолошки пристап на проблематиката и начинот на презентацијата. Транскрипцијата на повеќето топоними и имиња на историски населби му е утната 100%. Наместо Ајга пишува Еге.

Сите ама баш сите сегменти од македонското општество имаат сериозен проблем со вредносните критериуми. Живееме во општество без, односно, со искривени вредносни критериуми. Преведува кој стигне, објавува кој има повеќе врски во министерство, се вработува оној кој е од „поугледно“ семејство.

Една од причините за падот на Римската империја и воопшто на античкото општество е моралниот пад на неговите цивилизаторски вредности. Вредносниот систем е столбот на едно здраво општество.

Нашево општество, во милата ни Македонија, боледува од искривени и лажни вредности. Лекарот е архитект, архитектот е историчар, а историчарот е продавач на зелено пазарче.

И во конкретниов случај, иако не го знам преведувачот на „Авантурите во Нарнија: Лавот, Вештерката и ОРМАНОТ“ ставам 1.000 денари дека не е дипломиран филолог преведувач. или е економист, или е правник, или е архитект.

Клео said...

Кибиц,

јас сум преведувач и лингвист без завршен факултет, не е проблемот во школото.

Проблемот е во односот кон работата (и дарбата, се разбира). Сè што се работи без љубов и „колку да се сработи“ излегува без врска. Тоа е проблемот и со мојот „колега“ што се фатил за Нарнија. Не си ја сака работата. Повеќе од тоа нема да судам.