Од отец Кристофер Метропулос,
пренесено од билтенот на православното радио „Дојдете, примете ја светлината“, сите емисии се снимаат и може да ги слушате и преку интернет. Само кликнете тука.
Пред некој ден заглавив во сообраќајниот метеж, и тоа зад еден автомобил што имаше залепено една од илјадниците налепници со порака на задниот дел. На оваа пишуваше „Омразата не е семејна вредност“. Сосема се согласив со пораката, но таа ме замисли за одредени многу тешки зборови што ги има изговорено Исус во Евангелијата.
Нашата современа култура (во случајов, американската, а наскоро и кај нас – прим. АЗ) е опседната со „семејните вредности“ и тоа многу добра фокусна точка, но не ако ги сведеме семејните вредности на сентименталната наивност што создава фантазија за семејниот живот. Нашата Православна вера нè повикува да живееме во стварноста, осветлени со Божјата вечна премудрост. Ние не ги затвораме очите пред болните вистини на совремието, туку ги пренасочуваме своите животи за да живееме според мудроста на Црквата. Исус ја одразува токму оваа вистина со некои вџашувачки изјави во Евангелијата.
Во 14 поглавје на Евангелието по Лука, евангелистот ни го прикажува Исус како го поучува наородот, помагајќи му и нему и нам да ја увидиме вистината претходно кажувајќи приказна. Ни претставува еден измислен водач на заедницата што поканил многумина на гозба со него и неговото семејство. Но, мнозина ја одбиваат поканата и смислуваат изговори зашто не можат да дојдат. Конечно, човекот го праќа својот слуга: „Излези по патиштата и оградите и убеди ги да дојдат, за да се наполни мојот дом!“ (Лука 14,23)
Исус ја користи оваа приказна за да ги опише Божјите „семејни вредности“. Му го кажува следново на народот: „Ако некој дојде при Мене и не го намрази татка си или мајка си, жена си и децата свои, браќата и сестрите, па дури и душата своја, тој не може да биде Мој ученик. И, кој не го носи својот крст и не оди по Мене, не може да биде Мој ученик“. (Лука 14,26 - 27) Тоа се навистина тешки зборови.
Еве три размислувања што може да ни помогнат да ги примениме овие тешки зборови во својот живот. Нека ни помогнат јасно да го чуеме она што Господ го кажал тогаш, и уште повеќе денес.
Прво, вистинските семејни вредности почнуваат со Бога. Исус се служи со многу силни зборови за да нè оттргне од нашата склоност кон егоцентричност и поедноставена сентименталност (патетика – прим. АЗ). Тој знае дека ако радикално не си го пренасочиме размислувањето, ќе ги сведеме своите односи со луѓето на првото чувство што ќе ни се појави во моментот или на некоја лична корист. Сите наши односи со луѓето мора да се втелемени врз примарниот однос меѓу Бога и нас. Ако тој однос е слаб, тогаш токму таа слабост ќе ги зарази сите наши останати односи.
Второ, вистинските семејни вредности истекуваат од Бога. Кога ќе разберам дека мојот однос со Бога е темелот на мојот живот, тогаш и САМО тогаш можам правилно да си ги вреднувам односите со брачниот сопатник, со своите деца, со своите родители и сите останати мои односи. Бидејќи сме создадени по образ (лик) Божји за да бидеме по Негово подобие (слични на него), интимното и целосно познавање на Бога ми помага да се познаам себеси и сите околу мене - коишто исто се создадени според Неговиот образ. Освен што тоа е Христовиот начин за целосно да се посветам Нему, Исус ми го дава и самиот клуч што ми треба за да ги поставам сите свои односи во правилна перспектива. Токму тој клуч што недостига ги сведува „семејните вредности“ на обично и просто учење како да се снајдеш во околината и со другите. Вистинските и богоугодни „семејни вредности“ се многу помоќни и го менуваат животот.
Конечно, вистинските семејни вредности враќаат кон Бога. Тоа радикално пренасочување на нашето размислување и однесување не само што ни го покажува патот кон живот преобразен од Божјата благодат, туку ни нуди и моќен начин за откривање на Божјата благодатна покана секому околу нас за враќање кон Бога – нашиот Творец и Создател. Но тоа не може да се случи додека не решиме да Му веруваме на Христа и на она што го зборува и додека не си го подредиме животот според Божјите вистински семејни вредности.
Пред да се обесхрабрите од тешкотијата на овој предизвик, имајте на ум дека никој од нас не може да направи ништо без благодатта Божја што ни дава увид, сила и поттик фактички да живееме според оваа наизглед парадоксална мудрост. За вистински да го љубам своето семејство како што треба, не смеам да го љубам повеќе одошто Го љубам Бога. Ако го љубам повеќе отколку што го љубам Бога, семејството ми станува идол. И, на крај, воопшто нема да го љубам вистински.
Сите помагала за преобразување на нашето размислување и на нашиот живот се во Црквата. Божествените Свети Тајни, молитвите, Литургијата - сите тие се направени така што ни помагаат да го втемелиме својот живот врз љубовта Божја и да врежеме светла патека во своето срце и ум за оваа вечна мудрост.
Неделава повторно ќе ни дојдат на гости д-р Дејвид и д-р Мери Форд за серијата емисии посветени на дарот на бракот како духовен пат кон обожувањето. Придружете ни се, ќе научиме уште нешто за Житијата на Светителите што се во брак.
No comments:
Post a Comment