Википедија пристојно ја покрива темата, ќе ви го дадам само уводот, а вие читајте понатаму ако ви е интересно:
Крстоносните војни се повеќе воени походи - обично поттикнати од папитe - што се случиле во временскиот период од XI до XIII век. Првобитно тоа биле римокатолички обиди да се повратат Ерусалим и Светата Земја од муслиманите, но некои биле насочени против други Европејци, како на пример IV Крстоносна војна против Цариград, Албигенската Крстоносна војна против Катарите во Јужна Франција (француска варијанта на богумилството - натемаго - кај нас ги толчеле главно српскиот крал Милутин и ромејската династија Комнени) и Северните Крстоносни војни.
Второ, расколот меѓу Исток и Запад не се случил наеднаш и радикално во 1054 год., званичниот датум, туку бил процес што траел со векови. При првиот поголем судир бил меѓу повластољубивите папи и цариградскиот Патријарх св. Фотиј (820-891 лГ), еден од најсветлите ликови во историјата на Црквата и најзаслужен што и ние сме православни денес - по негов благослов се пратени св. Кирил (Константин Философ) и Методиј и во Багдад, и на Крим, и кај Хазарите, и, конечно, во Моравија, за да продолжи нивното дело и во нашите краишта. Спорот во IX век завршил со доаѓање на православен папа на римскиот престол.
Голем број папи биле православни до X век, ама односите се влошувале со векови и кулминирале токму со таа злогласна IV Крстоносна војна. На шега се вели дека папската була за анатема на Источната Црква била фрлена на престолот на Св. Софија (фамозната 1054 год.) бидејќи папскиот претставник во Цариград Хумберт бил навреден што не му било даден место „достојно на неговиот лик и дело“, ама односите и по таа случка не заладиле цели 200 години. Во долниот извадок од „Вистината е една“ има цитат од св. Нектариј Егински, светител од XX век (починал 1920 год.), од неговата „Историска студија за причините на расколот (шизмата)“
...Крстоносните походи, особено IV Крстоносна војна, се конечни „довршители“ на дефинитивниот расцеп и раздвојување на источната и западната Црква. Тоа во наше време го тврдат и многу историчари на Црквата (на пр. Георгиј Флоровски и др.), но св. Нектариј до тој заклучок дошол многу порано, проучувајќи ја самостојно историјата на XII и XIII век. Тој, како историчар, заклучува дека западните крстоносци, кои за своето освојување на Цариград и за поробувањето на Источната Црква добиле благослов од папите (особено од Инокентиј III и неговиот Латерански собор во 1215 год.), всушност се конечните разурнувачи и на последните односи и општења што се` уште постоеле меѓу Источната и Западната Црква. За тоа пишува покарактеристично: „Една од најважните причини за конечното отуѓување на Западот од Истокот биле вооружените походи на крстоносците, коишто минувале низ самодржавноста на Византија и на крај завладеале со неа преку лукавото поробување на Цариград. Антиохиските и Цариградските патријарси, прогонети од своите области од страна на Франците (односно крстоносците), тогаш живееле во Цариград; заземањето на Сирија од страна на крстоносците за нив било исто толку неподносливо како и самиот турски јарем“ (II книга, 93). Крстоносците со своето однесување и непочитувањето до безбожност на се` православно предизвикувале неподнослива болка и длабоко негодување на верниот православен народ на Исток. Најстрашен бил IV крстоносен поход, при кој папата Инокентиј не само што не ги спречил неделата на крстоносците во Цариград и по другите православни краишта, туку и целосно ги благословил крстоносците и нивните насилства над православните светињи и совести. Тој со крстоносците пратил „мноштво епископи, свештеници и монаси“ да го обратат под негова власт „шизматичкиот“ Исток (II 96-100). Тие, по зборовите на св. Нектариј, „нови евангелски апостоли на Христовиот намесник (папата)“ не дошле на Исток да ги просветат Турците, туку, „заземајќи ги Источните земји, ги прогонувале православните епископи од нивните престоли, ги гонеле клириците што не им се потчинувале ним и на папата и ги грабале престолите и пределите православни“ (II, 100). Конкретно, светителот ги наведува мачењата и страдањата за Православието на монасите и клириците на Кипар, во манастирот Кантара, кадешто во 1231 год. од римокатоличката ерархија пострадале игуменот Јован и 13 монаси и свештеномонаси.
Оттогаш на Западната Црква и` се случуваат и хуманизмот и ренесансата (како што вели о. Г. Флоровски - Христос беше сведуван на човек додека не остана само човекот - хуманизмот) и Инквизицијата и глупавото отфрлање на науката и сите киксови и отпадии до ден денешен (што некои недоволно информирани луѓе крстени во православната вера мислат дека се заслуга на православната Црква).
Едно треба да се знае - православната Црква никогаш нема фрлено анатема на римокатолицизмот од проста причина - доволно е само еден папа да се покае за Рим да се врати во лоното на Едната, Соборна, Вселенска и Апостолска Црква. Извесни чекори се преземени во последно време. Од минатата година, по 30-годишните теолошки дискусии меѓу православните и римокатолиците, римокатоличките катехизиси (учебници по вероучение) во САД веќе не го содржат еретичкото „и од синот“ - filioque - во Символот на Верата, а папата Јован Павле II дури се оградуваше од декретот за папската непогрешивост (донесен 1870 год.). Меѓутоа, има уште проблематични места во учењето на римокатоличката Црква без чие исправање едноставно не може да има никакво соединување или „унија“ меѓу Исток и Запад.
Во Википедија пишува уште и дека покојниот Јован Павле се извинил за грабежот и дивеењето во Цариград 1204. За пустошот што го направиле Норманите НА ПАТ за Цариград низ македонските краишта... (ќе ви го кажам насловот на книгата од којашто го дознав ова - ја има и на македонски - кога ќе ја откопам) ...не стигна да ни се извини, Бог да го прости.
И, да не заборавам - филмот „Царството Небесно“ е за I крстоносен поход, II е скокнат (пошто никој не ни стигнал до Ерусалим) и има кратко наговестување за III. Четворката може евентуално филмски да ја обработи и до даска да ја упропасти Оливерчо Каменот (во кој конечно ќе се разоткрие заговорот на византијците што бил успешно спречен и осуетен од страна на витезите од запад ;)
Христос се роди, за сите да се просветлат. Амин.
1 comment:
Првиот посериозен раскол межу Рим и Константинопол е т.н. акациска шизма во V век.
Post a Comment