23 January 2006

Науката и верата

Веднаш ќе кажам - науката и верата воопшто не се спротивставени.

Просветителските постулати дека христијанството е непријател на науката потекнува од западното искуство, не од источното. Под „просветителство“ мислам на лажното просветителство започнато од богоборечките мислители на француската револуција. Се разбира, за тоа вина има и папизмот и неговата Инквизиција - направена од страв дека клирот ќе ја изгуби својата власт врз луѓето (а каде има страв, нема љубов). Вистинското просветлување секогаш доаѓа од Бога - кај оние што сакаат и се подготвени да го примат.

Светите Отци се кој од кој пообразовани (во световна смисла - дека поминале школи). Еве, денес е св. Грегориј Ниски, братот на св. Василиј Велики. Тие се само двајца од високообразованите православни Свети Отци (Дополнение: До 1054 год. и Истокот и Западот се православни) . Св. Григориј Ниски ги изучил сите науки од тоа време (значи, не „студирал“ само природни науки или философија, туку сè заедно). Такво образование поминувале сите побогати луѓе во Средниот Век (кој е за нас Златно Доба, за разлика од западното средновековие кое, иако полно со побожност, направило повеќе беља отколку нешто добро - веќе зборував за Крстоносните војни). Самиот св. Кирил, од рамноапостолните браќа, пред да се замонаши бил Константин Философ (титула што ја добивале само најобразованите луѓе од ромејско време) и како најучен во царството, бил праќан секаде каде што требале учени луѓе (Багдад, Крим, Моравија, Рим). Да не зборувам за св. евангелист и апостол Лука, кој бил доктор (медицински). Тоа се само некои од примерите.

Гледиштето на Православната Црква за науката е јасно за секој што сака да го види - природните и општествените науки го испитуваат Божјото Создание - а научното созерцување на начинот и законитостите по кои функционира светот е еден од патиштата за познание на Бога. Се разбира, ако е проследено со страв Божји (што не е страв од „лошиот“ и суров татко што ќе ја казни секоја грешка, туку страв да не се повреди љубовта Божја преобилно излеана врз нас). Секој вистинољубив научник на крај доаѓа до Бога. И тоа од Њутн до Стивен Хокинг. Од другата страна ги имаме закоравените богоборци што се фатиле како пијани за стап за теоријата на еволуционизмот, меѓу кои и покојниот Крал Саган, најзаслужен за популаризирање на „Кант-Лапласовата“ теорема за настанувањето на светот „сам од себе“.

Е, кога сме кај еволуционизмот, ете пример за погрешен научен пристап. Еволуционизмот е измислен за да се отстрани Бог од светот. Тој е САМО теорија и досега не се најдени научни докази за неа (сите ткн. докази се побиени со милијарда други факти), па со вешто манипулирање на јавноста (порано тоа се викаше пропаганда) сега се има впечаток дека е званично стојалиште на целата наука. Еволуционист се познава по следново - не го интересираат фактите, го интересира само она што може да се протолкува како потврда за неговите умувања. Тоа што теоријата не држи вода никогаш не му е битно. Доказите за точноста на Библијата и за создавањето на светот и на сите созданија од семоќниот Бог ги плука без аргументи и ги отфрла како „бладања на религиозни фанатици“. (За креационизмот како научна гранка ќе зборувам во друга објава.)

Муабетот ми е ... еден богољубив научник е заинтересиран за вистината. Уште и ако е верник, Бог му го отвора умот да ги созерца најдлабоките тајни на Божјата промисла - и му дава неизмерна радост при тоа. И богословието (теологијата) како наука не е различна. Теологијата нема претходно одреден комплет догми па да ги пика сите факти во нивните рамки - баш напротив. До догмите (непроменливото учење на црквата) е дојдено со неколку векови утврдување во верата, со пролевање маченичка крв (не со бомбаши-самоубијци) за вистината, при што мотивот бил љубовта, а не желбата за расправање и докажување кој е попаметен. И понатаму врз тие догми се гради. Самиот св. Павле вели „испитувајте сè“... со Христовиот ум... и „ништо не е забрането, само не ми е сè полезно“ (парафразирам). Задачата на секој вистински верник е да ја бара вистината во сè и да го осветува светот. Пример за ова имате во огледите на владиката Методиј за пресадувањето органи во неделно Време (последниот од нив овде). Христијанството не би било христијанство ако постојано не го бара Бога во своето опкружување, затоа што е сè, само не статично.

6 comments:

Драган Зајковски said...

,,Науката и верата воопшто не се спротиставени". Веројатно мислиш на догмите. Баш би сакал врз основа на научна методологија да ми го објасниш расцепувањето на морето при Егзодусот, потопот за кој нема митски остатоци кај северноевропските народи ниту релевантни археолошки докази, погубувањето на 10.000 новороденчиња во Витлеем за кои нема ниту археолошки ниту други наративни извори. Потоа баш ме интересираат твоите научни објаснувања за безгрешното зачнување, а посебно за телесното воскресение.

Или можеби римокатоличките папи во договор со масонеријата и еврејско - комунистичката клика потпомогнати од муслиманската реакција ги сокриле научните факти за да не држат во мрак.

,,Просветителските постулати дека христијанството е непријател на науката потекнува од западното искуство, не од источното". НЕ ТУКА НЕМА ФУНДАМЕНТАЛИЗАМ. Чисто научно и рационално размислување. Па овде биле клетите ни Турци. Тука пиле не пеело а камоли да се јави научна мисла. Ало?
,,Поради стравот од папизмот и Инквизицијата се јавило просветителството, па уште одозгора и лажно". Аферим, само што нема врска со фактите и разумот. Или јас погрешно те разбирам.

Ваљда е обратно. Поради стравот дека науката може да ја разниша привилегираната улога на римокатоличкото свештенство, Ватикан ја овластил Инквизицијата на прогон против све што е прогресивно.

,,Источните Свети Отци се кој од кој пообразовани (во световна смисла - дека поминале школи)". Прво, нема источни и западни свети отци. Таа терминологија е погрешна. Расколот е по 1054 г. а све што е пред тоа е заедничко и за Истокот и за Западот.
Второ, многу е погрешно да се верува дека во доцната антика и средниот век тогашните учени се здобивале со световно образование. Ако го учеле Хомер и обработувале Архимед не значи дека имале световно образование а уште помалку дека научно размислувале.
Трето, источните свети отци се најдобри, све друго е римокатоличко - еврејскомасонска - комунистичка багра. Ма не ОВА НЕ Е ФУНДАМЕНТАЛИЗАМ.

Еве на пример што правиме со Св.Августин. Тој според твоите критериуми би влегол во групата западни свети отци. Веројатно и он не бил начитан, впрочем како и Амброзиј.

Средниот век за Западот е црн, а за нас источњаците Златно Доба. Тука нема ни Ф од фундаментализам.

Е па ние ги имаме црквите, манастирите, уметноста, литургиите и сл., а на запад демек само Крстоносни војни и Инквизиција. Се гледа дека си бегал од часови по историја.

Тогаш што се Данте, Да Винчи, Микеланџело, Бокачо, што се катедралите, ходочасниците, што е Монте Касино, Бенедикт и сл. Упс забораиф. Тоа се измислици на римокатоличката еврејско - масонска пропаганда.

Ај да видиме што праела Византија и земјите од нејзиниот комонвелт (ах тој Оболенски) во времето кога на западњаците не размислуеле ништо сем да идат на Ерусалим и пљачкаат. Правоверниот и мошне источен Теодосиј наредил масакар врз посетителите на солунскиот хиподром. Ирина се женела трипути во исто време кога папите оргијале у Ватикан. Бугарскиот хан му ја исекол глаата на византискиот император и ја користел како пехар за пиење вода. Правоверниот и православен император ромејски наредил да се ослепат 15.000 други православни војници. Српските кралеви сите до еден православни се слепеле и ликвидирале меѓу себе. Еден друг српски крал ја зема византиската принцеза Симона за жена, со една мала забелешка, типката имала само 5 години. Не ова не е црн среден век, па западот ги има Крстоносците.

Понатаму, еден православен феудалец, подоцна цар, ќе си ги убие тројцата браќа Арон, Мојсеј и Давид, внук му ќе си го ликвидита братучедот и зетот за прва братучетка, дедото и внукот Андроник ќе се испоубијат. Не тоа не е ни оддалеку еквивалентно со Крстоносците.
Прочитај ја Тајната Историја на Прокопиј.

Уствари не ја читај. Све ова е заговор на Ватикан. Исто како и теоријата за еволуција.

НЕМА НИТУ ТЕМЕН ЗАПАДЕН, НИТУ, ПАК, ЗЛАТЕН ИСТОЧЕН СРЕДЕН ВЕК. ИМА САМО ЕДЕН СРЕДЕН ВЕК. Колку едните биле идиоти, толку другите биле багра. Колку едните биле начитани и префинети и надарени, во иста мера другите биле софистицирани, мудри и инвентивни.

Уф претерав. Телеком ќе трие руки.

Anonymous said...

,,Науката и верата воопшто не се спротиставени". Веројатно мислиш на догмите.

(Лекторски - долните наводници на македонската тастатура во Пенџери се Шифт-2, горните на Шифт-3)

Не мислам на догмите. Мислам на начинот на којшто е дојдено до догмите - со логика и апофатика.

Апофатика - кој не знае - е начин за дефинирање на работите не со позитивно одредување (тоа е ТОА) туку со негативно (тоа НЕ Е ТОА). Произлегува од ФАКТОТ за неспознатливоста Божја - ние како созданија не можеме да го спознаеме Бог како битие исто како што „грнето не може да го спознае грнчарот“. Затоа богословските определби за Бога се за она што Тој не е. Многу добар метод (го користи и Шерлок Холмс, бај д веј). Кога ќе елиминираш сè што нешто или некој не е, доаѓаш до тоа што Е.

Кога сме кај англосаксонците - да не те побивам точка по точка - има еден многу убав изведен логичен доказ за вистинитоста на Библијата и на Исус Христос.

Кога човек го чита Новиот Завет, од зборовите на Господ може да извлече три суда.

1. Типот е луд.
2. Исус лаже.
3. Исус Христос е Синот Божји.

1. Исус цело време вели „Јас Сум Патот, Вистината и Животот“, „Кој поверува во Мене, верува и во Отецот Небесен“ итн. Кога некој човек денес би почнал да Ви зборува такво нешто, што ќе си помислите за него? Нормално, дека е луд. Истото го мислеле и Евреите, затоа и запнале да го распнат (зборувам за народот). Меѓутоа - Тој, кога доаѓаат кај него учениците Јованови да го прашаат кој е, едноставно им вели: „Кажете му дека слепи прогледуваат, болни оздравуваат и фатени проодуваат“. Доволен аргумент за секој познавач на Светото Писмо од тоа време дека дошол Синот Божји затоа што тоа е знак дека Христос се воплотил на Земјата. Ај, да речеме дека тоа бара вера. Земете го останатото што го збоорува Христос - ви личи ли тоа на блаботење на лудак? Напротив, зборува многу разумно и луцидно. Значи, отпаѓа првото, „типот“ не е луд.

2. Дали Исус лаже? Има ли кој било негов збор за кој би можеле да кажеме дека е лага (да ги ставиме настрана деловите каде што зборува за Себе)? Ако има една лага - цело време лаже. Лага јас не сум нашол.

3. Значи, ако горните две тврдења не се точни, останува третото. Христос ја зборува вистината. Следствено - целото Евангелие и целиот Стар Завет се вистинити. Следствено - чуму сомнеж во тоа?

Библијата во целина Црквата ја смета за Боговдахновено дело - значи, го пишувале луѓе во одреден историски период вдахновени од Светиот Дух. Некои делови може да не ни се јасни, ама во тој случај верникот не посегнува по „научни докази“, туку се моли за Бог да го просветли да може да го разбере Писмото. Ако не може, знае дека има луѓе (наречени Светители) што биле просветлени да го разберат и со кои може да ги спореди своите мисли и сфаќања. Процесот на споредувањето на своите расудувања и мисли со расудувањата и мислите на Светите Отци се нарекува „очистување на умот“ и вклучува и бајаги редовен молитвен живот, пост и внимавање на себе.

научни објаснувања за безгрешното зачнување

Просто - слегол Светиот Дух во утробата на Дева Марија и таа зачнала :)

Вака, тука се поставува едно просто прашање - што е чудо? Бог ги создал природните закони не за светот да функционира механички, туку ние, преку нивната убавина и совршеност, да можеме да го спознаеме Творецот на сè. Чудо, според ова, е директна Божја интервенција во физичкото ниво на стварноста што е спротивно на природните закони. Со тоа Тој не ги поништува нив, туку едноставно се пројавува како Оној што има власт над сè.

И блогов се вика „чудо“, ако не си забележал. Чуда имаш насекаде околу себе, треба само да се свртиш. Мене сè уште ми е најголемо чудо зачнувањето на еден обичен човек. Зошто? Малку математика - колкави се шансите еден од милионите сперматозоиди да продре до јајце-клетката и сите одбрани што ги има пред неа? Најмалку милион на еден. Тоа не е шанса, математички тоа е НЕВОЗМОЖНОСТ. Самото твое постоење по себе е чудо над чудата, бидејќи не би можел ни еден здив да земеш без дејството на Светиот Дух - чудо со секој здив.

К`о мал многу сакав да го читам „Сириус“ - збирка научнофантастични приказни. Јес да се отрув со милијарда теории и фикции, ама во еден од последните броеви уредникот имаше уводник што ми ја објасни мојата глад по тоа „романче“. Во него зборуваше за „зачудноста“, на хрватски, односно способноста на човек да се зачудува и да се чуди - способност што ја има секое дете до одредена возраст. Без таа способност светот ја губи својата волшебност и привлечност, а и Господ вели: „кој не се смири како ова дете, нема да влезе во Царството Божјо“. Ете една особина што треба да се негува и никогаш да не се губи - детското во нас е токму способноста за зачудување.

Затоа и ќе си дозволувам да го созерцувам чудното околу мене и за тоа да пишувам на блогот.

Клео said...

10.000 новороденчиња во Витлеем

14.000.
http://mpc.org.mk/Kalendar/prolog.asp?id=2174

ги сокриле научните факти

Фактите се откриваат од црковни извори.

Па овде биле клетите ни Турци. Тука пиле не пеело а камоли да се јави научна мисла.

Отоманскиот јарем го задушил развојот на Црквата и на научната мисла. Развојот бил некаде до Крали Марко - средновековие е од IX до XV век, ако не се лажам. И таа одредница потекнува од ЗАПАДНАТА наука - тотално схоластичка и рационална од причини што тука нема да ги наведувам.

прогон против све што е прогресивно.

Точно си сфатил, освен едно: зборот „прогресивно“. Го користиме сите што сме воспитани и пораснати во доминација на еволуционизмот и начинот на размислување што тој го наметнува (човекот настанал од мајмун, значи синот е попаметен од таткото, значи јас сум попаметен од татко ми и дедо ми и прадедо ми - која глупост). Прогресивни (напредни) биле и комунистите и просветителите и рационалистите - а Црквата е, нели, назадна, затоа што се грижи за луѓето и природата наместо да ги искористува и уништува.

Да појаснам - еволуција (развој) постои во духовниот живот. Еволуционизмот се обидува тоа да го преслика во физичкиот живот. Според него, секоја наредна генерација е повешта и „понапредна“ бидејќи се „развива“, нели.

Црквата вели друго - Во Едем, Адам и Ева го поседувале совршеното знаење и познавање. Со првиот грев губат дел од благодатта. Секоја наредна генерација прави свои гревови и губи сè повеќе благодат. Значи, станува и послаба и понемоќна и поглупава. Затоа го имаме Преданието (традицијата) - што е пренесување на знаењата на предците од колено на колено. Со отфрлувањето на Преданието (на пример, кај протестантите) се губат и вековните знаења и се јавува потреба од „преиспитување“ на Преданието. Накратко - како што сме сите будали и наместо да учиме од туѓите грешки, ги повторуваме и правиме свои. Оваа цивилизација, овој XXI век, воопшто не е напреден. Напротив, како што секој може да види, од тој пусти прогрес е пореметена и климата и животот и природата - цело создание се бунтува против тој „напредок“.

Да напредува може само ЛИЧНОСТ во својот духовен живот - и тоа со многу подвизи. Сè друго е суета и политика.

Расколот е по 1054 г. а све што е пред тоа е заедничко и за Истокот и за Западот.

I stand corrected. Имаш право, ја дополнив и објавата во таа смисла. Благодарам.

Ако го учеле Хомер и обработувале Архимед не значи дека имале световно образование а уште помалку дека научно размислувале.

Аха, значи сè почнува од... кој е првиот научник, просветли ме?

Нема ништо ново под сводот небесен по создавањето на светот, да го парафразирам псалмопевецот. Сè е само суета. И минливост. Еве, на пример, научните теории. Колку е трајноста на една теорија? Нема деценија да не се дојде до некое ново, ground-breaking откритие.

Извини, повеќе сакам да се држам за трајното и вечното.

Биди поздравен

Драган Зајковски said...

Јас никаде ниту велам, ниту верувам дека Црквата генерално е реакционерна институција. Ниту Православната ниту Римокатоличката, ниту протестантите.

Првата вистинска научна мисла во областа на историографијата (само за неа можам да зборуем)се јавува во XIX век со утврдувањето на научните методи кои таа ги користи при своите истражувања и врз основа на кои доаѓа или треба да доаѓа до објективни научни сознанија.

Црковните догми се прашање на безрезервна вера. ниту безгрешното зачнување, ниту вокресението не можат да се објаснат врз основа на научната методологија. Се работи за безрезервна вера. Или веруеш или не. Трето нема.

Искрено благодарам за советот со апострофите - стварно сум информатичко прваче.

И у основа иако пишуем свашта кога сум споен, сепак малку и сум брз на тастатура. Не се знаеме да ценам дали си навистина си фундаменталист или не. Врз основа на она што го читам твоите текстови според мој вкус и разбирање имаат извесна доза на фундаментализам. Тоа е тоа. Леле ова звучи као исповед. Sorry.

Клео said...

Црковните догми се прашање на безрезервна вера.

Точно, ама и до нив се дошло со научно богословско истражување и расудување - со Божја помош, се разбира. Сите „догми“ = непроменливи учења на Црквата - се утврдени со општа согласност (консензус) на Светите Отци на Вселенските Собори и запечатени со Светиот Дух. Догмите се прочистувале долго време и се научно обработени бидејќи христијанството го освоило „рационалниот“ елински свет (не грчки, туку наследството на културата што ја раширил Ацето Македонски), на кој и ние му припаѓаме. Свет на рационални, но и побожни луѓе. Од таа синтеза на умот и срцето произлегле сите одлуки и апостолското Предание. Тоа го подразбирам кога ќе кажам „Исток“. Под „Запад“ подразбирам преовладување на умот, односно рационализам (поради тоа несреќно „доба на разумот“ што настапува од 1500-та година). Мене, иако сум поминал низ рационалистичкиот систем на образование (социјалистички, марксистички, ленинистички, сеедно), ми се буни целото битие ако за нешто треба да размислувам само со умот, бидејќи за природен центар на мојата личност го чувствувам срцето (не како физички орган и не како центар на душевното/телесното, туку како духовно средиште).

Тоа му доаѓа како - умот може да донесува одлуки на своите совети и собори, ама ако не помине на повисока инстанца - во срцето (иако гравитациски е подолу) - предметот се враќа на доработка :).

Ај, шо муабети изнапраивме :)

Anonymous said...

„Малку математика...“

The swimmers are very motivated :)