Или за верата и трпезата.
Во Виена сум бил двапати. Ако не го сметам дремењето саат време на виенскиот аеродром со летот Скопје-Сараево на Кроејша ерлајнс (преку Виена и Загреб со еден авион! да присоберат уште некој патник!) летото 97ма со шестмесечно бебе во скут.
Првиот пат не бев нешто одушевен што ќе одам. Јули, најжешкото - па беше и некој топол бран по цела Европа, а тоа континенталната Австрија е бетер од Скопје во жегата. Кај нас е барем сув воздухот, таму имаат влажност ко у Лондон, па и 30 степени се речиси неподносливи за нас субмедитеранците. Додека да се навикнеме ;)
Нејсе - за време на првиот престој Во „Беч“ (долго ме чудеше тоа српско преведување на името на градот, додека на крај не сфатив дека Унгарците така си ја викале полупрестолнината во време на првата Австроунгарија, па овие така разбрале дека се вика) имав бајаги слободно време (речиси 3 слободни дена) и беше богородичниот пост, па не јадев во хотелот туку скитав по градот барајќи интернет-кафе (во хотелот имаше само дајал-ап, а никаде не можев да најдам локален број за пристап) и кафанче каде што служат нешто посно. Првата кафеана во којашто улетав беше, нормално, српска :). Изнакршив јазик швапски додека не го чув келнерот како на сета моја мака на шанкерката и ја кажува нарачката на српски ;) После си свртевме на „југословенски“, како што поранешните гастарбајтери го викаат српскохрватскиот, пошто не признаваат дека СФРЈ се распаднала (може и не чуле) и убаво се подруживме со келнерот - нормално, му објаснував зошто сум нарачал јадење без месо, јајца или млеко, а не сум вегетаријанец. Он беше као православен.
Првиот ден си го промрчев сам со себе. Изненадувањето од насловот следеше утрото во хотелот (бед енд брекфаст, а брекфастот шведска маса, ама не од нашите шведски маси, туку од нивните - долги едно 3-40 метра и распослани во 4 простории). Нормално, прво што зимам е кафе. Пу, јазк, си мислам, ај шо нема турско, ама ни еспресо, морам да го пијам тоа филтер цеденото. И така, си наточив два и пол деци „црна текучина“, зедов една кифла и отидов у ќошот за пушење, кога го пробав кафето... Леле, мајко. Да не можеш да се изнапиеш! Едно црно, па јако, па удара „дирек у џигер“, па вкусно - ко никогаш кафе да не сум пиел у живот. И така почнав да ги ценам Австријците. Ко кафеџија, си имам еден лакмусов тест за луѓето. Им го пробувам кафето што го прават и одма ги гледам што сорта се. А народ што прави такво филтер кафе... не е за потценуење.
После, се разбира, ја открив австриската кујна (90 посто срби ги држат кафаните, а во кујните им работат црнци, ама добро готват). Ако не сте постеле, не знаете колку е добро кога ќе откриеш ново посно јадење - пошто лишувањето од јака храна одвреме навреме го зајакнува сетилото за вкус. Со еден збор, Виена, како жена, ме освои преку стомакот и непцето.
Е, после тој културен шок (западњаци со добра кујна? ни на сон не сум помислувал) почнав да чепкам лево десно и да ги испитувам западноевропските кујни. Во текот на истражувањето ме просветли снаа ми (иначе Her Majesty's subject веќе втора година) - понашетана жена, за разлика од мене, којшто за планина да ми кажеш, одма обувам цокули и со леб и сол ќе поминам 100 км гудури и пустини, ама странства-манства никогаш не ми лежеле на срце; во дискусија со неа, ми кажа дека сите римокатолички народи имаат добра кујна, додека протестантските - подалеку од леб, компир и пача (инглиш пудинг) не стигнале. Причината? Проста. За протестантите е грев да уживаш во храната! Римокатолиците се слични на нас - трпеза си е трпеза, брат, грев е да НЕ уживаш во Богодаруваното изобилие. Само што ние четири пати годишно се потсеќаме на убавината на храната (преку лишување од неа - мислам, кој пости), а они си го тераат тоа без престан - и имаат култура на трпезата.
И, да, проста споредба. И Австријците и Германците се Шваби, така? Ама, чул некој за германска кујна? Тешко. Да не ги споменувам Французите, Шпанците, Португалците и нивните колонии по светот. Тоа било трчање по зачини за да не им плаќаат на Енглезиштана 100 евра за грам бибер, не друго.
Ќе се вратам пак на Виена. Сега втората званична посета (пак во пости, пред едно месец дена). Нормално, таму каде што се раниме све месишта и супи (не за товење, туку баш вкусни ручеци, ама не за мене :() Арно ама, паузите за ручек повторно ги искористив конструктивно. Во еден српско-интернационално-виенски ресторан го пробав најубавото рижото на свет (со бакалар, ми се чини). Внатре имаше тазе сечкани магдонос, нане и ким. Па еден сос со лук (без лук таму нема јадење, наши луѓе ептен :) - првиот залак ми беше чиста екстаза. Второ откровение - во кинеско-виенски ресторан нарачувам нешто „без месо, јајца или млеко“. Јас зборев англиски, кинезот германски (го прашувам - ду ју спик инглиш? Јес, јес, оф корс - и продолжува да ти зборува на германски), ама се разбравме. У ствари, он мене ме разбра, јас него не. Нарачав „гемузе“ (похован зеленчук плус јаболко и сливи, испадна на крај) и ми носи четири погачици со салата од свежа зелка во едно чиниче. (е, да, салата од свежа зелка во Виена не моеш да најдеш, пошто ја киселат во тегли, сецкана и во сол, така што доаѓа како скисната на крај) и си викам - добро, кинески ресторан, никад не сум бил, веројатно ова е главното јадење. И пред мене сол, бибер, зејтин, оцет, табаско и... нешто што личи на ајвар, ама има семки како од везени пиперки! И ајвар беше, верувале или не. И тоа со везени пиперки! Кинески! После Словенците ќе патентирале ајвар - појма немаат. Кинезите можат да ни го топнат од пред нос сосе патент. Полуто имам пробано само дома - крај. Си се најадов јас со погачиците (ко соленки беа) и тоа кинескиот ајвар и зелката, кога ... дојде вистинското гемузе :) Една лонгплејка со секој можен зеленчук на светот (похован сам во себе, нели, во цептер). Се прејадов, онака посно, што би се рекло - пошто не можев да се смирам додека не го изедов „ајварот“. Филтер кафе нема, ама...
Си одам од Виена и нешто ми е штуро - кој ќе ја пие тоа нашана кафеава „сака“ по филтер-кафето во хотелчето? Мислам, само за информација, у самопослуга не влегов освен еднаш, и на крај памет не ми беше да барам кафе - имам тешки периоди на глупост. Фала Богу, аеродромот има два километри фри-шопови меѓу кои, се разбира, продавници за кафе, цигари и чоколада :) Земав само полкило Wiener Kaffee во зрно, ама ене го, уште ми трае. Дури купив две мелници од зелено пазарче (за тазе мелено за сабајлечкото) пошто не ми се дава во „кафе“ да ми го мелат (ќе го прими мирисот на нашиот „сантос“) - едната меле крупно, а другата ситно (албанска, од оние месинганите топуци што се вртат, баба ми така си мелеше кафе). Ја користам крупната - ем повеќе мириса, ем ми остануваат парчиња да си грицкам кога ќе го допијам (нема класичен талог, нормално). Се мислам што ќе правам по месец дена, кога ќе ја средиме залихава, ама гледа Господ, ќе се најде чаре.
И, тоа ми беше муабетот пред крајот на Божиќниот пост. Без асолна вера ни асолна трпеза не можеш да имаш.
Христос се роди!
1 comment:
Лути рани ми ископа.. ебаго.. :(
Post a Comment