15 February 2006

Средба = среќа

Си бил еден преведувач. Мајстор на својот занает. Живеел во културниот центар на светот. Преводите ги работел совесно и со страв Божји (оти бил верник) и не му недостигале ни работа, ни пари. По пар децении такво работење, дошло и признанието, нормално. Царот му пуштил абер дека е одбран во елитното друштво за најголемиот преведувачки потфат дотогаш - 70 врвни преведувачи да го преведат Светото Писмо од еврејски на елински, тогашната „лингва франка“. Секој добил по една книга да преведе и да редактира друга книга преведена од свој колега - за да нема ни најмала грешка. Секој добил краен рок, посебни одаи и целосно издржување плус хонорар за време на траењето на работата - да нема никаква грижа на светот и да си ја заврши работата на раат.

И, преведувачот седнал да работи. Си бил здрав, прав, верник, си ја познавал терминологијата и немал посебни проблеми со преведувањето. Односно, немал додека не дошол до 6-тото поглавје на книгата на пророк Исаија, 12 стих, каде што еврејскиот оригинал велел - буквално - „И девојка ќе зачне и ќе роди син“. Девојка овде го има старото значење на зборот, не денешното - односно девица. И, преведувачов го гледа стихов и не може да го преведе девојка со девојка. „Кај се видело и чуло девица да зачне? Мора авторот да мислел „млада жена“. Така ќе пишам“. И таман што го ставил перото на пергманетот, кога го заслепила сјајна светлина. Се појавил ангел Божји и му рекол - „Да не си се осмелил да смениш ни јота во преводот - пишува девојка, преведи девојка. И бидејќи си неверен, нема да видиш смрт додека пророштвото не се оствари“ - и исчезнал. Преведувачот, премрен, послушал. Го превел девојка со девојка и денес го имаме елинскиот превод на Стариот Завет (Септуагинтата) што е поточен и од оригиналот. И по завршувањето на преведувањето баталил и преведување и сè, се преселил во Ерусалим и се посветил на Бога.

Преведувач се вика Симеон, денес го знаеме како св. Симеон Богопримец. Царот се викал Птоломеј Филаделф (од македонската династија што владеела со Египет од александровиот генерал Птоломеј до Клеопатра VII, онаа што пуштила змија да ја апне откако го убиле Јулиј Кесар). Културниот центар на светот се викал Александарија.

И на денешен ден - кога св. Симеон имал 330 години - пророштвото на ангелот се остварило. Додека бил во ерусалимскиот Храм на молитва, во него влегла Девојката со својот Син - стар четириесет дена.

Човек што 300 години чека да се случи нешто не можел да не Го познае. Целиот радосен, заборавајќи на прастарите коски, пришол и го зел бебето и заблагодарил што Господ конечно го ослободува од службата (животот земен). Неговата молитва Црквата Божја ја кажува на секоја вечерна служба. Неговата молитва е израз на најголемата среќа што може да ја доживее човек- кога ќе се сретне со крајниот друг, инаков - Бог. Среќа што само ја насетуваме кога ќе се сретнеме вистински со друг човек - со суштество што ни е сродно по создание, а различно по личност. Средба на две срца во вистината.

За неверните Томи - како може човек да живее 330 години? - Просто, нашиот живот е во Божји раце. Дали ќе биде долг или краток, блажен или мачен - зависи од тоа како му служиме. Со Него 330 години се рај, а без Него и 3 минути можат да бидат пекол.

3 comments:

Драган Зајковски said...

Ете ме мене со моите цепидлачења и тупења.
Кога се пишува за класичниот период поверодостојно е да се употребува терминот Хебреи >хебрејски и Хелени >хеленски отколку Евреи и Елини.

Птолемај Филаделф не е цар туку крал:)))) Етимологијата на титулата „цар“ е изведена од титулата Каесар>Цезар> цар. Оваа титула ја носат единствено римските императори почувајќи од Август, а потоа ја превземаат и византиските императори како наследници на Римската империја. Затоа и Византијците за цело време, се до 1453 г., се нарекуваат Ромеи, демек Римјани,а, пак, византиските императори, покрај другите, ги носат и римските титули вклучувајќи ја и тутулата цезар (каесар). А и „клетите“ Турци вилаетот го именувале како румелиски демек римски, т.е. ромејски во османо - турска транскрипција.

Поточно за титулата на Птолемај. Кралевите од македонската династија во Египет (Птолемаиди) ја носеле титулата фараон.
by the way кралевите од двете династии во Македонија, Аргеадите и Антигонидите, во грчките извори се означени со титулата басилевс, т.е. basileios.

И уште една цепидлака и тупење.
„Клеопатра не ја апнува змија откако го убиле Гај Јулие Цезар“, туку се самоубила откако разбрала дека Марко Антониј т.е. нејзиниот последен љубовник е мртов. Сепак ниту ова е не е главниот мотив. Главниот мотив да се самоубие е да го избегне срамот да биде одведена во Рим од страна на
Октавијан Август кој имал намера да ја „шета“ по улиците на „вечниот“ град како дел од неговиот триумф, врзана во синџири; како што тоа му се случило на нејзиниот сонародник, последниот македонски крал Персеј, неколку стотина и кусур години пред неа.
Можеби ова е цепидлачење, тупење и што ти уште не. Се согласуем. Професионална деформација:)))) Ама за ова кај нас на факс се паѓа на испит. Озбилно. Сепак факсот оставил длабоки последици и нус ефекти по моето ментално здравје, а јас мислев дека времето лечи сфе:)))) Инаку што се однесува до мене имаш чиста 10 за текстов.

Црковната традиција околу староста на Св.Симеон Богопримец е подоцнежна и не е потврдена во библиските новозаветни текстови. Значи и Црквата остава простор за дискусија во врска со ова прашање.

Ете гледаш колку историјата е досадна наука, а оние кои ја „упражњаваат“ (демек историчарите) се жив удав. Се нешто цепидлачат:)))

Озбилно - супер текст кој тера на размислување. Ниту една единствена грешка во преводот на септуангата. Историски факт пар екселанс. Тоа е навистина нешто. А и друго прашање, според која верзија, хебрејската или септуангата, св. браќа Кирил и Методиј ја превеле библијата на старословенски. На пример Матковски се сомневал дека Светите браќа имале хебрејско потекло. Наспроти него, Црноризец, а и житијата недвосмислено говорат дека „...книгите ги преведоа од хеленски...“.

Клео said...

Кибиц,

бидејќи како примарен извор ја користам Библијата (македонскиот синодален превод) одредниците Евреи и Елини ми се намерни (иако знам за разликувањето што го прават класичарите кај нас). Ама тука и ти си недоследен. К`о што реков еднаш, пишуваш Ајга наместо Ега, а упорно тераш по латинска транскрипција (Бабилон наместо Вавилон и басилевс наместо василевс).

Се уважува дека Птоломеј (пак за инат на класичарите) не бил цар, туку крал. Во Библијата „цар“ се користи дури и за цареви на градови - ама добро :)

И за Клеопатра се извинувам - ја знам историјата што ја кажував, малку си ја поедноставив тука.

За староста на св. Симеон - ако во житијата пишува 330 години (или 360) - едно е сигурно - бил постар од 300 години. Други докази не ми требаат.

Црковнословенскиот превод на Стариот Завет е од Септуагинтата. Тоа бил Стариот Завет на Црквата во 9 век (добро, тука е и Вулгатата, ама тој превод е малку понепрецизен). Дали св. Кирил и Методи биле Евреи, Словени или Ромеи, воопшто не е важно затоа што биле христијани. „Во Христа нема ни роб, ни слободен, ни Евреин, ни Елин“. Мене ми се допаѓа да мислам дека биле Македонци ;)

Би,
пошто чепкаш кајшто боли - за македонскиот синодален превод на Библијата ќе ти кажам само едно - одличен беше и преводот од 1990-та, и редакцијата од 2000-та е добра. Не е преведена од англиски, нека не те лаже никој. Преведувана е од црковнословенски, руски, бугарски, германски и англиски. Јас и самиот сум деформиран поради занаетот (преведување) - па зедов да ги споредувам оригиналите (и црковнословенскиот и елинскиот), а и со феноменалниот последен англиски превод што го користи православната Црква во Америка. Точно дека имаше недоследности во имињата (поправено е во ревидираната верзија), а знае да биде и тешко разбирлива на некои места - ама преводот е теолошки толку прецизен што, во споредба со него, англискиот, којшто е појасен за современиот човек, може вода да му носи.

Впрочем, ревизијата беше вршена токму од елитата на нашето богословие (која стои рамо до рамо со кои било современи богослови) и токму со споредување со оригиналите. Прашај кој било од нив, ќе ти посведочи колку е боговдахновен македонскиот превод (извршените корекции се токму исправки на недоследностите и благо граматичко осовременување на поархаичните реченици).

Драган Зајковски said...

за Бабилон или Вавилон. Се работи за историска граматика и фонетика. Нема врска со латинска или грчка транскрипција. До времето на Ираклиј во грчкиот фонетски систем, а со тоа и во грчкиот алфабет, го нема гласот „в“. Со реформата на Ираклиј знакот „бета“ почнал фонетски, наместо "б" да се чита „в“. Затоа пред времето на Ираклиј се чита Бабилон а не Вавилон, барбари а не варвари итн.

Ајга во изворите е напишана како Aigai. Аналогно на ова се транкрибира како Ајга.

Еге или Ега како транскрипција за Aigai се среќава кај Циле, и е резултат на чисто незнаење. Типот не знае старогрчки ниту латински и оттука не користи оригинални извори туку само современа литература. Методолошки многу погрешно, но нејсе. Најголемиот дел од користената литература кај Циле е англиска, а таму Ајга во англиска транскрипција е напишана како Aegae или фонетски „еиге“. Оттука Циле поаѓајќи од англиската транскрипција, а поради непознавање на изворите, Ајга ја транскрибира како Еге.

Веројатно на тебе како на професионалец подобро ти се познати овие работи од мене.

Инаку за другото 100% се согласуваме. Особено за тоа дека воопшто не е важен етничкиот бекграунд на Св.Кирил и Св. Методиј туку нивното дело. Во овој контекст - и Св. Климент бил во служба на бугарската Црква и двор, ПА ШТО!!! ГОЛЕМА ШТИКЛА!!! Единствено важно е неговото дело и културна и секаква друга оставштина во македонската историја и црковен идентитет на македонскиот народ.

И нешто околу македонскиот современ превод на библијата. Јас мислам дека е ОК иако на некои места има архаизми. Мене на пример далечен ми е зборот осле. Нели е подобро магаренце? И не е Ефесјаните и Колосјаните туку правилно треба да е Ефешаните и Колошаните. Инаку, по таа аналогија наместо велешани би било велесјани.