10 February 2006

Кој го мајмуносува човекот?

Дел од прекрасната статија на порталот на Премин за лажноста на еволуционистичкото учење:

А, сега да разгледаме едно елементарно научно прашање: какви се доказите за еволуцијата на човекот? Студирајќи историја на универзитетот, имав можност да ја изучувам историјата на првобитното општество, и паметам како предавачот ни раскажуваше прекрасни приказни за различните предци на човекот, кои беа набројувани околу дваесетина. Но, јас никако не можев да разберам, каде се реалните докази за вистинското постоење во далечното минато на сите видови на тие животни: нив на студентите никој не им ги покажа.

Всушност, ископаните научни сведоштва во полза на еволуцијата на човекот се состојат од: ископани остатоци од неандерталец (многу примероци); синантроп (неколку черепи); т.н. јавански, хејделбергски и пилтдаунски луѓе и пронајдоците во Африка (сите тие се крајно фрагментарни) и не многу други остатоци. Така, сите ископани сведоштва за еволицијата на човекот можат да се сместат во ковчег со размер на мал гроб, а и потекнуваат од месности многу оддалечени една од друга, при отсуство на веродостојни искажувања барем на релативна (а, камо ли апсолутна) возраст и без никакви укажувања на тоа, како тие разни луѓе помеѓу себе се поврзани по род или потекло.

Освен тоа, еден од тие еволуциони предци на човекот, пилтдаунскиот човек, како што подоцна се покажа, бил намерен фалсификат. Интересно е тоа што језуитот Тејар Де Шарден бил еден од откривачите на пилтдаунскиот човек - факт кој може да се најде во повеќето учебници. Тој го открил забот на тоа фабрикувано создание, кој веќе бил обработуван со намера да се корегира возраста на пронајдокот. Тоа откритие и било токму онаа алка што недостасува помеѓу човекот и мајмунот, заради што пилтдаунскиот фалсификат и бил сочинет од човечки и мајмунски коски. Тејар Де Шарден имал врска со откритието, но главно со интерпретацијата на некој пронајдоци на јаванскиот човек, кои биле фрагментарни. Важно, каде и да бил, тој наоѓал сведоштва, кои точно одговарале на неговите очекувања - а, имено, дека човекот произлегол ­од мајмунолики суштества.

Ако објективно со проучат сите ископувани сведоштва во полза на еволуцијата на човекот, тогаш ќе се покаже, дека убедливи или некакви разумни докази за таа еволуција - нема. Сите научни работи по овој проблем се сведуваат на полуфантастични измислици со невистинита реконструкција на устројството и битот на архаичните човекови општества, непотврдени со реални археолошки пронајдоци и други документирани извори. Но, сепак е општоприфатено дека постојат докази за еволуцијата, бидејќи луѓето сакаат да веруваат во тоа; тие веруваат во атеистичката материјалистичка философија, која бара човекот да биде настанат од мајмунолико суштество. Од сите ископани луѓе само неандерталецот (и, секако, кромањонецот, кој пак, може да се смета за современ човек) е вистинит; но, и тој е просто homo sapiens, различен од современиот човек не повеќе колку што современите луѓе се различни помеѓу себе. А, цртежите на неадерталскиот човек во учебниците по историја на првобитното општество се само мечти на уметниците кои претпоставуваат како би требало да изгледа примитивниот човек, поаѓајќи од еволуциската теорија.


Целиот напис е тука.

16 comments:

Драган Зајковски said...
This comment has been removed by a blog administrator.
Драган Зајковски said...

Се работи за руски автор. Тоа не мора, но во одредени случаи може многу да говори. Обично руските научници по 1990 г. имаат еден комплекс или навика. Најверојатно поради строгиот реал-социјалистички режим и 80 и кусур годишната идеологизирана историографија (со чесни исклучоци, пр. Машкин и др.), по падот на режимот во 1990 г. руските историчари одат во друга крајност. Се поголем број од нив се обидуваат со научни аргументи да го докажуваат она што не може научно да се докаже. Тоа се религиските догми. Но да не се фаќам за влакно у јајце. Важно е следново:

Прво, на колегата заборавиле да му кажат дека денес со методата Ц 14 речиси се што е од органско потекло може да се датира. А, оссвен Ц 14 постојат и други начини за приближно датирање.


Точно е дека постои сериозна полемика околу автентичноста на пилтдаунскиот и пекиншкиот човек. но само во поглед на датирањата.

Второ, колегата пишува:„...потекнуваат од месности многу оддалечени една од друга, при отсуство на веродостојни искажувања барем на релативна (а, камо ли апсолутна) возраст и без никакви укажувања на тоа, како тие разни луѓе помеѓу себе се поврзани по род или потекло...„.

Тоа што остатоците се најдени на релативно поголеми оддалечености не е никаков аргумент во корист на сомнежот околу нивната автентичност. Асполутно никаков. Која е поентата во врска со нивната оддалеченост едни од други?!? Зарем некој може да очекува дека во палеолитот праисториските населби биле сконцентрирани на ограничен простор, да речеме само во Европа, или само во Азија, или само во Африка. Глупости.

Возраста на скелетните остатоци не може со сигурност да се определи поради оскудноста на остатоците. Не може да се одреди возраст без целосно сочувана карлица, над и подлактица, Целосно сочуван череп и сл. но не е точно дека кај сите скелети ова е правило. Кај некои со релативна сигурност може да се определи нивната старост. сигурно тоа му го кажале на колегата на факс.

Дали биле исти по род може единствено сигурно да се утврди со анализа на DNK. Рака на срце и со некои други компаративни методи, но истите се многу несигурни и оттука дискутабилни. Кога ќе се најде доволно сочуван скелет за да од него може да се земе неконтаминирана DNK тогаш ќе говориме за генетскиот код и сродноста на тие праисториски луѓе меѓу себе. Во основа не ја гледам потребата од такво докажување. А и се сомневам дека некогаш воопшто ќе се најде неконтаминирана DNK од праисторискиот човек. Навистина не гледам како генетското сродство може да се употреби како аргумент во дискусијата за исправноста на теоријата на Дарвин. Се работи за хуманоиди и тоа е факт.

Освен ако идејата на колегата не е споредување на DNK-та на праисторискиот човек со DNK-та на праисториските мајмуни. Но тоа е апсурдно. Не може да се инаправат такви анализи од проста причина што нема, ниту ќе има сочувана DNK на било кое животно од тој период. Дали знае колегата за колкав временски период се работи? На научниците кои се бават со таа проблематика тешко им е да најдат неконтаминирани примероци на DNk од класичната антика, а не пак од палеолитот.

Во краен случај, самиот обид преку сомневањето во автентичноста на археолошко-антрополошките показатели да се негира целата дарвинова теорија е најблаго речено несериозно. Тоа во никој случај не може да му даде научен легитимитет на библискиот мит за постанокот на светот. Хебрејскиот мит за создавањето на светот не е ниту најстариот ниту единствениот таков. Постар, барем во пишана форма, од хебрејскиот се сумерскиот, бабилонскиот, асирскиот, хетскиот, египетскиот, маискиот, индускиот, кинескиот.

Кој од овие митови е поавтентичен? кој од нив е единствениот точен? Тоа прашање е работа на верско убедување, а не на научно објаснување. Ставот на науката по прашањето за различните митови за настанокот на светот е јасен. Сето друго е теологија.

Едноставно невозможно е со научни аргументи, а особено со помош на историската наука, да се докажува дека светот е создаден за 7 дена, дека сите раси потекнуваат од синовите на Ное, дека глобалниот потоп навистина историски е потврден, дека јазиците се измешани при обидот за градење на кулата во Бабилон, и други слични старозаветни митови. Кој може со научен аргумент да ја потврди историчноста на еден куп старозаветни личности. Почувајќи од Адам, Аврам, неговите синови, Мојсеј и др.

Притоа да не бидам погрешно сватен!!! Стариот Завет по одредени прашања е првокласен извор за најстарата историја не само за Хебреите туку и за другите народи на истокот. Но само доколку се исчистат митските елементи од него. Морето се расцепило и низ него поминале Хебреите предводени од Мојсеј. Кој тоа може научно да го објасни. Додуша нешто се обидуваат научно да објаснат Јеховините сведоци ама некако не им иде од рука. А и нешто гледав на Дискавери. Паднал метеор, во оригиналните текстови наместо море пишувало река и слични глупости. Пак ќе напишам, теолошките догми не можат да се бранат со научни аргументи.

Клео said...

Ај, кога се вратив на интернет, да се обидам да одговорам.

1. Методата C-14 не е апсолутно сигурна и точна.

http://home.tiac.net/~cri/1997/c14note.html

Заклучокот на статијата е: Сигурноста е помала од 5%

2. „Хуманоиди“ е клучен збор. За хуманоиди денес ги сметаат и шимпанзата (неделава баш налетав некаде на предлог шимпанзата да се вбројат во човечката раса - поголема небулоза, здравје).

3. Во статијата од „Троичник“ што е ставена на Премин убаво си пишува - само од кромањонецот (крапинскиот човек) има целосни остатоци - а тој е homo sapiens, значи ист како нас.

4.

самиот обид преку сомневањето во автентичноста на археолошко-антрополошките показатели да се негира целата дарвинова теорија е најблаго речено несериозно.

Не си ми јасен. Ако само еден клучен доказ од некоја теорија не држи вода, целата теорија паѓа во вода. Донски ти пречи што си ја врти водата на својата воденица со недооформени аргументи, а истата таква постапка кај дарвинистите не? Не се тоа, како што викаат браќата Англосаксонци, double standards?

5.

Хебрејскиот мит за создавањето на светот не е ниту најстариот ниту единствениот таков. Постар, барем во пишана форма, од хебрејскиот се сумерскиот, бабилонскиот, асирскиот, хетскиот, египетскиот, маискиот, индускиот, кинескиот.

За мене хебрејскиот мит не е мит, туку вистина. Д-р Д. Расел Хамфриз (D. Russel Humphreys) во 1994 ја има издадено книгата Starlight and Time - Solving the Puzzle of Distant Starlight in a Young Universe во која, врз основа на Библијата и на делата на Ајнштајн и Хокинг (воопшто теоријата на релативноста и на црните дупки) прв дава една издржана креационистичка космологија (докажлива и математички, и физички). Последното „достигнување на науката“ - теоријата на нишките (string theory - на Интернет ја има целата научно-популарна серија - ако си по математиката) - воопшто не е во спротивност со креационизмот - напротив.

6. Светот е создаден за 6 дена, не за 7.

7. Ное имал 3 сина - Сим, Хам и Јафет. Од Сим се семитите (Арапите и Евреите), од Јафет јафетовците (белата раса, меѓу нив и ние), од Хам хамовците („жолтите“ и „црните“). Подетално за генеалогијата на народите тука.

8. Со „Јеховини сведоци“ (што не знаат ни кој е Јахве), како што си моментално поткован за дискусии, не почнувај муабет ни под разно. Ова е пријателски совет, не велам дека си незнајко. Прати ги кај мене ;)

Драган Зајковски said...

Точно е тоа дека C-14 не е апсолутна точна и сосема сигурна метода, но само за период постар од 30 до 35.000 години. За периодот пред тоа, со отклонување од 50 до 150 години плус или минус, C-14 методата е најсигурната за датирање на предмети од органско потекло. Поентата е следна: ако Ц-14 методата не може да се употреби за датирање на археолошките остатоци од најстариот палеолит, значи дека истите се постари од 30.000 години. Притоа за да се дојде до релативно поточно датирање на овие остатоци се користат други методи, на пр. палинологијата.

Точно е и тоа дека само од кромањонецот се најдени целосни остатоци. Но факт кој потврдува дека и остатоците на т.н. пекиншки човек, стар отприлика меѓу 35.000 и 1.000.000 години, се од „разумно суштество“ е што во близина на пронајдениот череп е најдено огниште и камени орудија. Значи недвосмислено се работи за „разумно“ суштество. Тој според антролошките показатели, иако е сличен на мајмунот, сепак неговиот разум, т.е. употребата на огнот и камените орудија, го прават разумно суштество различно од животните.
Со пронаоѓањето на пилтдаунскиот човек палеонтолозите, или барем еден голем дел од нив, сметаат дека конечно е најден линкот меѓу homo sapiensot и хуманоидните мајмуни.

Историјата како наука не се занимава со постанокот на човекот, ниту со докажувањето на дарвиновата теорија. Тоа е работа на палеонтолозите, биолозите и сл. Затоа искрено јас сум лаик по овие прашања и можам да говорам за она што сум имал прилика да го прочитам, а ми изгледало за научно прифатливо.
Најверојатно дарвиновата теорија сеуште има проблем околу докажувањето на некои нејзини делови. Но со пронаоѓањето на пилтдаунскиот човек барем работите стануваат појасни во полза на Дарвин.

Се согласуваме дека митот за потопот сведочи за вистински настан. Прашањата се: дали се работи за глобален настан; и кое е неговото потекло. Архелошките ископувања посведочиле поплава од големи размери отприлика 3000 години пред Христа но само на територијата на Сумер, значи Јужна Месопотамија, т.е. Јужен Ирак. Најстариот досега пишан документ за митот за потопот е сочуван во митот за Гилгамеш најден во Асирија, Бабилон и на други места (делови од плочките биле наоѓани на разни локации и така е направена реконструкција на текстот). Според имињата на боговите и настаните отсликани во истиот со сигурност се знае дека се работи за многу постар мит од сумерско потекло. Преку Сумерците, митот е превземен од Бабилонците, Асирците, а подоцна и од Хебреите и Хелените. Како илустрација е ширењето и развојот на писмото. Првото писмо се јавува во Сумер, а оттаму со модификации го превземаат другите народи, прво, оние кои живеат на тој простор а потоа и другите. Дури и хеленскиот алфабет, линеарот А и линеарот Б, не се оригинални туку превземени и модифициран од феникиското писмо.
Фактот дека во митологијата на северно европските народи не постои мит за потоп, а нема ниту археолошки докази, говори дека опишаниот потоп кај Гилгамеш, кај митот за Девкалион и во Библијата, имал регионален а не глобален карактер. Се работи за еден ист настан со оригинално сумерско потекло и локален карактер. Значи, ако се отфрли глобалниот карактер на потопот, Стариот Завет е апсолутно точен.

А, пак, што се однесува до Јеховините сведоци, благо да се изразам, се луди. Тоа е мое лично мислење и навистина го мислам тоа. Се работи за еден вид на полуаријански Талибанци. Навистина со нив, впрочем како и со Талибанците :))) не може да се води дискусија. Ама баш за ништо. Иако себеси се сметам за толерантен, сепак за Јеховините сведоци имам навистина лошо мислење. Типовите лажат. Читаат нешто што не постои, си додаваат самите делови во Новиот и Стариот Завет, шират параноја и сл. Не било крст било столб. Кое незнаење и глупост. Па има сочувани фрагменти од најстарите примероци евангелија. Нека земат и нека прочитаат да видат дали е крст или столб. Уствари совршено јасно ми е што е намерата. „Фраерите“ не веруваат во телесното воскреснување затоа имаат потреба од фалсификување на евангелијата и отфрлањето на крстот. Освен тоа, од она што сум имал прилика да го прочитам од нивните „книжулиња“, се работи за некој вид полуаријанска апокалиптична секта или култ. Но поконкретно за нив во друга прилика. Ако се имаат во предвид општествено - политичките, а посебно социјалните прилики во САД во периодот по завршувањето на Граѓанската војна, период кога се формирани „сведоците“, тогаш воопшто не ме изненадува целата нивна „догма“ и учење. Толку за нив. Не заслужуваат повеќе.

Клео said...

E, bi, фала многу, ми уништи недела дена дискусија со Кибиц. Книгата ја чував за крај ;)

Отец Тимотеј прв ми ги склопи работите, а потоа почнав да копам. Интернетот изобилува со аргументи и против-аргументи (кого го интересира). Космологијата на Хамфрис (книгата што ја споменувам) е фактички почеток на крајот на еволуционизмот - едноставно немаат маж што може со факти да се спротивстави на кој било постулат на креационизмот. Се надевам дека ќе имам време во блокчево да чкртнам повеќе за сè што имам ископано досега.

Драган Зајковски said...

Книгата на протореј Тимотеј не сум имал прилика да ја прочитам. Искрено кажано прв пат слушам за неа. Баш би било убаво да ми кажете дали може да се најде во универзитетска или можеби у библиотека на теолошки. Или можеби ја има на интернет. Не би било ОК да коментирам нешто што не сум прочитал.
Инаку во контекст на дискусијава и тоа најдобронамерно. По којзнае кој пат ќе повторам дека многу е тешко, речиси невозможно со научна методологија да се објаснат црковните догми. Или веруваш или не.Ова важи за сите религии. Со која научна методологија ќе ја докажат реинкарнацијата? Со која научна метода ќе се докаже расцепувањето на морето? Со која научна метода ќе се докаже откровението на Мухамед?
Се е прашање на чиста вера.

Клео said...

За библиотеките не знам, ама ја има во книготеката Икона карши Соборен (во кулата на бивши Камел). Во меѓувреме, може да прогуглаш на тема genesis flood proof - има развиена дебата на тема дали потопот бил локален или по целата земја.

Anonymous said...

Претпоставувам дека сеуште немате гласано за тоа кој ви е омилен „праисториски човек“?

Клео said...

Развигорче,

убаво си ги поврзал „праисториските човеци“ со расизмот, секоја чест. Но не сум по анкетите, благодарам. :)

Anonymous said...

Во поглед на еволуцијата, како теолошка расправа, ја препорачувам книгата "Православни поглед еволуција"(или така некако...), од јеромонах Серафим Роуз.
Книгата е всушност, преписка меѓу отец Серафим и грчкиот богослов д-р Александар Каломирос. Достапни се писмата на отец Серафим и писмата на д-р Каломирос, па може да се види извлекувањето различни заклучоци од исти изворници.

Кога се работи за отец Серафим, неговиот живот, барем за мене, е репер за многу дилеми на современиот човек. Но, другпат за тоа.

Клео said...

Влатко,

книгата на отец Серафим Роуз (Православниот поглед на еволуцијата) ми беше прата што ми ги отвори очите во врска со еволуцијата. Ми се отворија очите и за Каломирос (дотогаш ме пленеше, Бог знае зошто).

Втората што ме „воведе“ во креационизмот како наука беше книгата на отец Тимотеј Сељски (се споменува тука во коментарите).

Е, после тоа, бидејќи сум чепкало, ги најдов креационистите на Интернет, а денес може да се каже дека креационизмот созреа како наука - види го само линкот до ООПАРТ (изместени артефакти - на www.s8int.com). Башка има и издржана космолошка теорија (веќе го споменав D. Russel Humphreys).

Како што не може да се разобличи еретик без доволно познавање на лажното учење и уште поголемо познавање на Вистината, така и за разобличување на еволуционистите и за муабет со луѓето излажани дека еволуционизмот е наука мора да се имаат издржани аргументи. Нив, фала Богу, ги има многу.

Клео said...

И да, отец Серафим е добра поддршка за секој современ христијанин затоа што ја исполнил основната задача на секој православен - да го осветува светот и да му го враќа на Бога (наместо да се плаши или да бега од него - во бегање не спаѓа одењето во манастир).

Anonymous said...

Александар,

веројатно Каломирос те пленел заради тоа што храбро пишувал против екуменизмот. Мислам дека негови написи имаше преведено и издадено во ДОМОСТРОЈ, не знам точно кој број, знам дека имаше посветено цел број на екуменизмот(во формата под која денес вообичаено се подразбира) и негова критика.

И самиот отец Серафим, на почеток на писмото му се обраќа, ми се чини, како на богослов кој го цени, токму поради неговите погледи кон екуменизмот.

Ама ја забркал работата после, тргнувајќи по Шарден. Тоа...

Поздрав.

Клео said...

Баш тоа... :)

Во контекст на истиот муабет (којшто денес го водевме со еден брат на агапето по литургијата во „маалската црква“), како што Каломирос има свој придонес за богословието, истото ми се случи и со Зизјулас - кој има можеби најсветоотечки оглед за личноста во христијанството, ама сè после тоа му е забег.

Заклучокот беше - тие го дале најдоброто од себе за Црквата, да даде Господ сè друго да им се покрие.

Во истиот контекст - нека ни служи за смирение што на нашето Предание нè потсетуваат обратен езотерик (о. Серафим), обратен агностик (Клајв Стејплс Луис со „Хрониките на Нарнија“) и обратени евангелисти/методисти (Петар Е. Гилквист - подетално тука). Всушност, фала Богу за тоа.

Anonymous said...

Многу ми е жал шо во една прилика пропуштив да дознаам повеќе од учени луѓе, каде е грешката на Николај Берѓаев, зошто бил екскомунициран(ако бил...). Почнав да ја читам "За човековото ропство и слободата", и мисалм дека учењето за Личноста му е коректно, барем до кај што стигнав јас. Ќе сија поправам грешката :).
Инаку, и Св.Григориј Нисски прочитав дека забегал во еден момент, ама заради претходниот труд, Црквата го признава како еден од Светите Отци.
Така што... инаку, Каломирос(освен некоја статија против екуменизмот) и Зизиулас ги немам читано, но, да сме здрави и живи...
Поздрав.

Anonymous said...

Еј, јако.
Читав порано, ми се чини ми падна в раце USA TOday, а можеби беше некој друг американски весник. Имаа посветено тема на број-EOC. Тогаш, а тоа беше пред некои 7-8 години, ме фасцинира како неправославните(ми се чини Православието зеде замав и во Англија во истото време)повторно го "откриваат" Православието.

И да, заборавив да сие потпишам на минатите неколку постови, ама мислам дека јасно беше. :)