08 February 2006

Немир и гнев

Cartoon Muslim protests...

Баш цртанофилмски муслимански протести, само што не е смешно.

Веднаш ограда... Бидејќи не гледам вести и не читам весници, информациите ги цицам од радио и од Интернет. МРТВ се многу коректни во вестите и никаде не чув „пророкот“ Мухамед, за разлика од странските шпионски радија на македонски каде што го упророчија. Оградата ми е: Исламот го сметам за заблуда (прераскажано и погрешно сфатено христијанство од страна на еретички монаси што се мавтале по Арабија во тоа време во комбинација со тотален еготрип, троа опортунистички заклучоци за лични цели и еден куп суеверија - посовршена идеологија за владеење со народните маси не постои) и после Христос нема Пророци со големо П - сите крстени во името на Света Троица се повикани да бидат пророци на Вистината.

Второ - МПЦ многу убаво настапи со изјавите на архиепископот Стефан и митрополитот Наум, и точно е дека треба да се внимава на чувствата на другите луѓе, ама уште поубаво е објаснето како верско чувство НЕ МОЖЕ да се навреди на порталот на Премин.

Навредено е нечие его - што обично предизвикува гнев - и сега муслиманите покажуваат сила (слики од лондонските протести - од блогот на брат ми што случајно се нашол меѓу нив). Споменав во коментар кај кибиц, ќе објавам и тука - прексиноќа на Би-Би-Си слушав некоја будала што се нарекува имам што бара карикатуристите да им се екстрадираат на муслиманите да им суди муслимански суд! „Каква би била евентуалната казна?“, прашува водителот. „Па, најверојатно ќе бидат осудени на смрт, ама тоа не е важно, бидејќи и вие барате терористи да ви се екстрадираат за да им судат ваши судови“!!!

Логичен ви е аргументот? По таа логика јас може да барам секој муслиман (атеист, агностик, гностик, Евреин... додади кого сакаш) што за Исус ќе каже дека бил обичен човек да биде предаден на Црковен Суд за да се анатемизира. ИдиЈоти.

Од другата страна исто будали. САД уште не ја исклучува можноста за воен напад врз Иран, а тој иранскион претседател како да го сака тоа. Ќе се повторам - многу ме потсетува на Милошевиќ. Или чавка му го испила мозокот, или е многу добро платен.

Мене протестите и нивниот повод (погледнете само КОГА биле објавени карикатурите) ми се доказ за нешто друго - за состојбите на луѓето што не ја бараат вистината, туку го следат тоа што им одговара на телесните (психолошките) желби и на своето, наместо на Божјото. Не ми се допаѓа ни „милитантниот секуларизам“, како што беше наречено однесувањето на ЕУ од страна на о, толку праведните и нелицемерните САД и Британија, ама барем во него е зачувано правото на слобода на личноста... дури и до грев.

Боже, сврти го ова на добро.

5 comments:

Драган Зајковски said...

Ќе се обидам да не се повторам од коментарот кој го оставив на мојот блог во врска со твоето пишување.

Прво, за Мухамед - дали бил или не пророк. Од чисто научен аспект, неговиот живот и дело се доста контрадикторни. Очигледно е дека се работи за негов обид преку религиска реформа да постигне политичко обединување на бедуинските племиња во една централизирана држава. Оттука преку објавувањето на новото религиско учење, Мухамед истото го ставил во целосна функција на политичкото обединување на бедуините во една држава. Тоа и бил еден од основните мотиви за појавата на неговото учење.
Притоа, Коранот во голема мера е сличен со Библијата т.е. Стариот Завет. Ако се знае дека најстарите досега познати старозаветни библиски текстови се дадирани негде во втората половина на I век (свитоците од Мртвото море) кои пак претставуваат преписи на многу постари оригинални текстови, а од друга страна Коранот е пишуван во VII век, јасно е дека Мухамед при пишувањето на истиот користел многу епизоди од Библијата. Сепак, наспроти ова, секој има право на религиска слобода, вклучително и муслиманите. Ако за нив Мухамед е пророк, ние не мора да се согласуваме, но задолжително мора тоа да го почитуваме. Впрочем и Стариот Завет во многу има примеси од сумерската и бабилонската митологија. Само како пример ќе го земам потопот. Потопот за прв пат се јавува во митот за Гилгамеш кој пак има сумерско потекло.

Второ, убеден сум дека ако мотивот за објавувањето на карикатурата на Мухамед била увертира во идна инвазија на Иран, тогаш е постигнат спротивен ефект. Карикатурата ги обедини муслиманите како ретко кога досега во последниве 20 години.

трето, мислам дека следна на удар ќе биде Сирија, а не Иран. Но не пред да се „потсмири“ ситуацијата во Ирак. Откога ќе се постигне привидна стабилност во Ирак, на мета ќе дојде Сирија. Тоа се моите прогнози. Ако во меѓувреме нешто не се смени на Блискиот Исток.

Клео said...

Ако се знае дека најстарите досега познати старозаветни библиски текстови се дадирани негде во втората половина на I век (свитоците од Мртвото море) кои пак претставуваат преписи на многу постари оригинални текстови...

Оп, неинформираност (или потпирање врз погрешни извори на информации).

Методот по кој Црквата е сигурна во вистинитоста на Светото Писмо (и на Стариот и на Новиот Завет).

1. Го пишувале луѓе, боговдахновени од Светиот Дух, го потврдила Црквата (и старозаветната и новозаветната). Ова нема да го земеш ко научен доказ, затоа одиме на...

2. Не знам дали ти е познато - денешната еврејска Тора не е истата што била пред 11 век. Доказ за тоа, меѓу другото, се и „свитоците од Мртвото Море“. Црквата го знае тоа подолго време. Од каде сега ова? Црковни извори - житието на св. Симеон Богопримец (се слави на 3/16 февруари). „Во времето на Птоломеј Филаделф - египетски цар од династијата на Птоломеите - Симеон бил избран како еден од седумдесеттемина да го преведат Стариот Завет (Тората - Петокнижието и другите пророчки книги) од еврејски (хебрејски) на елински (што некои милуваат да го викаат старогрчки)“. За Симеон Богопримец, кого го сметам за заштитник на преведувачите (поради една ПОМИСЛА да смени значење на превод живеел 300 години) другпат. Тој превод денес е познат како „Септуагинта“ (преводот на седумдесеттемина). Врз основа на него се извршени сите подоцнежни христијански преводи на Светото Писмо - Вулгатата кај латините и старословенскиот превод на седумчислениците (св. Кирил, Методи, Климент, Наум, Сава, Горазд и Ангелариј). Еврејските рабини во 11 век почнуваат да го менуваат Писмото како реакција на христијанството - особено деловите што укажуваат на тоа дека Исус Христос навистина бил Помазаникот што се чекал. Откривањето на кумранските ракописи по толку години само ја потврди вистината што ја чува Црквата.

Впрочем и Стариот Завет во многу има примеси од сумерската и бабилонската митологија. Само како пример ќе го земам потопот. Потопот за прв пат се јавува во митот за Гилгамеш кој пак има сумерско потекло.

Омилен аргумент на умовите што стојат зад изворите што си ги читал. Министерството за пропаганда на СССР имал цел еден оддел за атеистичко претолкување на историјата - од таа фабрика е и тврдењето (со мала голема помош на западните божем спротивставени колеги).

Ковчегот на дедо Ное се паркирал на Арарат и оттаму е проширено целото човештво. Затоа Сумер и Месопотамија се првите места од кадешто се шири цивилизацијата. Нормално дека имале писмо пред Евреите.

Аврам излегува од Ур (Месопотамија) за да дојде до Палестина. Од Исак потекнуваат Евреите, од Исмаил Арапите (и муслиманите - тоа им го признаваме. Со напомена дека Исмаил бил вонбрачно дете - но мајка му Агара добила ветување од Бога дека од него ќе излезе силен народ - како што можеме да видиме денес). Евреите првпат добиваат писмена традиција во времето на Давид и Соломон (врвот на Израилската држава) - и дури тогаш било запишано дотогашното предание што се пренесувало УСНО од колено на колено (и во кое немало произволни толкувања како во народните приказни, затоа што светото предание се пренесува неизменливо - се учи наизуст од тие што ги бива за тоа и се кажува какво што е - пак ќе ги земам муслиманите како пример, имаат луѓе што го знаат целиот Коран напамет). Приказната за потопот е пренесена од Сим, Хам и Јафет на сите нивни потомци и тоа е колективно сеќавање на човештвото. Мене Гилгамеш ми е само потврда на библијското сведоштво - со тоа што Библијата е боговдахновено дело, а Гилгамеш потекнува од луѓе што го подзаборавиле Едниот Вистински Бог.

Второ, убеден сум дека ако мотивот за објавувањето на карикатурата на Мухамед била увертира во идна инвазија на Иран...

Не реков дека тоа е мотивот. Непомјаникот не е креативен, знае само да имитира - така што тоа му било најзгодно да ги буцне своите слуги. Само дошло згодно - ѕирни го временскиот распоред на настаните. Трипати е долевано масло на огнот и третиот пат им успеа.

А тоа, дали ќе биде Сирија или Иран - може само да нагаѓаме. Како страстен играч на Цивилизација на Сид Маер (којашто би ја ставил како задолжителен предмет на студиите по политикологија, а Богами и по историја) можам само да гледам како играат играчите - обичен пацер што отприлика ги знае правилата. На крај може и еци-пеци-пец да прават, дотаму е дојдена работата, за жал.

Unknown said...

Линкот до сликите не работи. Oва ќе работи.
Сликите не се мои, туку од колегата Бен, тој беше на Оксфорд Стрит кога се случи протестот и веднаш ми ги имејлира, а јас ги качив на блогот.

Клео said...

Благодарам, Лондонер,

поправено е и во постот (така ми е кога не ги проверувам поврзниците).

Драган Зајковски said...

Според твоето објаснување потопот е колективна меморија кај народите од Истокот. ако потопот е историски факт тогаш зошто го нема во колективната меморија, т.е. во митологијата на северно европските народи (Келти, Викинзи, Словени, и мал милион други антички етникуми)? Мит за потопот нема ниту кај абориџините? Нема ниту археолошки докази за потврда на истиот.

Знам ќе речеш, „од каде мит за потопот кај Маите“, но нивниот мит за потопот е сосема различен од оној кај Сумерците, Семитите и Хелените.

Второ, навистина сериозна полемика предизвикува и автентичноста на „урското“ старозаветно потекло на Хебреите. Ако ја прифатиме за условно точна тезата за нивното доселување во Египет тогаш најверојатно тоа се датира во времето на навлегувањето на Хиксите. Хебреите, најверојатно, заедно со Хиксите навлегле го Египет, притоа сеуште без сигурен одговор на прашањето од каде. Значи науката не може со сигурност да каже од каде дошле т.е. каде е нивната прататковина. Досегашните археолошки ископувања на локалитетот Ур во Ирак не можат да го потврдат старозаветното пишување.

Дури има и некои научници кои доста аргументирано ја негираат целата епизода околу египетското ропство и егзодусот, тврдејќи дека Хебреите всушност се староседелци во Палестина. Тврдат дека до миграција воопшто не дошло. Во овој контекст ќе ја спомнам Прошиќ и нејзината феноменална „Порекло Пасхе“. Се работи за магистерски труд одбранет во Сиднеј во 1995 г. Таа користејќи го компаративниот метод при користењето на археолошките и наративните извори, тврди дека воопшто немало миграција на хебрејско население од Египет, или ако имало тоа било многу мало и незначително и дека не се работи за хебрејско туку за протохебрејско население кое потоа, по нивното доселување во Палестина, се претопило во хебрејскиот мнозински етникум. Таа смета дека епизодата со Егзодусот се јавува во митската историска свест на Хебреите многу подоцна.

Трето, ако цврсто стоиш на библиското толкување на потеклото на расите и народите, тогаш од каде потекнуваат Абориџините, Индијанците и Ескимите? Од кој син на Ное? Или во антиката не била откриена Америка и Австралија, па затоа ги нема во библиската генеалогија.