14 April 2013

Меурчиња стварност

Секој си живее во свое меурче што го вика стварност. Ако некој ти го пукне (те разобличи, ти каже нешто што не е во склад со тоа како сакаш да ги гледаш работите) се лутиш. Прошка е кога ќе сфатиш дека всушност ти ги прошириле видиците.

Децата на Загор Те-неј што научиле да свират бас и сајзери на таа тема.

06 March 2006

Интернетско-планинарски асоцијации


Човек ќе тргне на едно место, ќе се најде на сосема десетто. Како почна моето денешно играње асоцијација на Интернет (за планините, малку трпение).

За читање вести и она што ми е занимливо на Интернет го користам „Гугл ридер“ (Гугл има многу фин црно-бел дизајн, ми лежи), бесплатен читач на RSS feed-ови (повеќето сајтови - па и овој блог - имаат страница којашто ако се внесе во читачот на РСС, тој ја проверува што има ново од последната посета и дава список најнови статии и написи на сајтот од последната посета навака - може историјатот да иде до времето на запишувањето за услугата, ама немам време да копам толку длабоко). И таму најмногу вести (и занимливости) наоѓам од
digg.com (десно во поврзници - „мрежно копаничарење“). Е, таму гледам, списанието Вајад (Wired) направило избор на најшизички предмети во последниот мартовски број. И, таму, покрај каминот на вода (што чини 50.000 долари и бара тотално прежичување на електричната инсталација дома - му треба да има 60-амперска инсталација - а во Македонија стандардно е едно броило да држи до 40 ампери) видов дека некој тип патентирал ...
светулки во шише :). Ставиш три батерии во едно као капаче за шише, го вклучиш, и можеш да го користиш како ламба за читање или како батерија. Генијално! Е, истите тие „гјото дизајн“ направиле исто толку генијален држач за пиење од шише со една рака (проблемот кога ти се пие вода додека возиш точак - како да го одвртиш капачето). Добро било и за планинарење, па ги претставиле во некое
американско списание за планинари Бекпакер.ком. А, таму, пак, во рекламата на списанието, гледам нивниот уредник за приказни (feature editor) му текнало да помине
7 национални паркови за 7 дена додека го ранел бебето на цуцла :). Подетално - кликнете на седумките - па ќе видите дека се зезнал малку што отишол со другарка-фотограф (планинарењето знае да биде мошне напорно на психички план), но успешно го извршил планот и поминал вкупно околу 2500 км во возење и 50 км во пешачење!

И мојата прва реакција беше „леле, маршрута“, арно ама, прво ми текна на едно мое патешествие со побратимот Мите пред 10-тина години. Отидовме со воз до Битола (176 км - со воз 220). Од железничка до Копанки, планинарскиот дом на Пелистер што е над хотелот Молика, бевме пешки. Тоа се 13 км пешки, од кои 7 се угоре - висинска разлика 1000 метри (качување на Водно од Центар е 600 метри). Преспивање во Копанки, па до врвот на Пелистер и преку него до планинаркиот дом на Големо Езеро. Тоа се уште 3 километри - висинска разлика 500 (угоре) + 300 метри (удолу), ама по срт. Ни се погоди врвовите да бидат во облаци и се сеќавам на неверојатната тишина до горе (доживување слично на седење во глува соба - ги слушаш само ритамот на срцето и шумот на јурењето на крвта. И бревтањето :). Преноќување на Големо Езеро и утредента пешки до Крани, на Преспа. Уште 12 км (за малку ќе заакавме за Грција во тоа облаците), висинска разлика 1000 метри. Тазе лепешки од мечки што уште чуреа - само двапати. Во Крани подостанавме малку и се вративме со автобус, ама ако се споредиме со господинот уредник, имавме 400 км возење и 28 км пешачење (маршрутата Битола-Пелистер-Г. Езеро-Крани ја препорачувам на сите - тоа е еден од поубавите предели во Македонија.)

Добро, ај младешки подвизи. Туку, летоска направивме нешто слично со жена ми (трудна петти месец) и децата (5 комада во распон од 1 до 9 години). Пак отидовме до Битола (го прогласивме за центар на авантурата) и оттаму секој ден одевме на друго место. Комбето имаше 900 км на бројчаникот кога се вративме. За 5 дена - еден ден бевме до Зрзе, втор ден Отешево, трет ден до Пелистер, четврти ден - пак Преспа. Пелистерскиот марш беше најнапорен (и најубав за децата, првпат да бидат толку високо, со ранци на грб и со точен временски распоред - на планина нема шега :). Од паркингот под Молика свртевме круг преку Пали Снопје (се чита заедно), па назад (угоре) кон Копанки и долу до комбето. Само клинците поминаа 10 километри тој ден.

Ги мислев Америте пок`ниња како планинари (добро, човекот извозил бајаги за 7 дена), ама гос`н уредник направил нешто што јас го немам направено - фоторепортажа како тема на бројот во својот весник :). Да знам другпат што да правам кога идам во авантури.

За крај, Симеон покрај каменот-срце кај Ластојчин Камен.

15 February 2006

Средба = среќа

Си бил еден преведувач. Мајстор на својот занает. Живеел во културниот центар на светот. Преводите ги работел совесно и со страв Божји (оти бил верник) и не му недостигале ни работа, ни пари. По пар децении такво работење, дошло и признанието, нормално. Царот му пуштил абер дека е одбран во елитното друштво за најголемиот преведувачки потфат дотогаш - 70 врвни преведувачи да го преведат Светото Писмо од еврејски на елински, тогашната „лингва франка“. Секој добил по една книга да преведе и да редактира друга книга преведена од свој колега - за да нема ни најмала грешка. Секој добил краен рок, посебни одаи и целосно издржување плус хонорар за време на траењето на работата - да нема никаква грижа на светот и да си ја заврши работата на раат.

И, преведувачот седнал да работи. Си бил здрав, прав, верник, си ја познавал терминологијата и немал посебни проблеми со преведувањето. Односно, немал додека не дошол до 6-тото поглавје на книгата на пророк Исаија, 12 стих, каде што еврејскиот оригинал велел - буквално - „И девојка ќе зачне и ќе роди син“. Девојка овде го има старото значење на зборот, не денешното - односно девица. И, преведувачов го гледа стихов и не може да го преведе девојка со девојка. „Кај се видело и чуло девица да зачне? Мора авторот да мислел „млада жена“. Така ќе пишам“. И таман што го ставил перото на пергманетот, кога го заслепила сјајна светлина. Се појавил ангел Божји и му рекол - „Да не си се осмелил да смениш ни јота во преводот - пишува девојка, преведи девојка. И бидејќи си неверен, нема да видиш смрт додека пророштвото не се оствари“ - и исчезнал. Преведувачот, премрен, послушал. Го превел девојка со девојка и денес го имаме елинскиот превод на Стариот Завет (Септуагинтата) што е поточен и од оригиналот. И по завршувањето на преведувањето баталил и преведување и сè, се преселил во Ерусалим и се посветил на Бога.

Преведувач се вика Симеон, денес го знаеме како св. Симеон Богопримец. Царот се викал Птоломеј Филаделф (од македонската династија што владеела со Египет од александровиот генерал Птоломеј до Клеопатра VII, онаа што пуштила змија да ја апне откако го убиле Јулиј Кесар). Културниот центар на светот се викал Александарија.

И на денешен ден - кога св. Симеон имал 330 години - пророштвото на ангелот се остварило. Додека бил во ерусалимскиот Храм на молитва, во него влегла Девојката со својот Син - стар четириесет дена.

Човек што 300 години чека да се случи нешто не можел да не Го познае. Целиот радосен, заборавајќи на прастарите коски, пришол и го зел бебето и заблагодарил што Господ конечно го ослободува од службата (животот земен). Неговата молитва Црквата Божја ја кажува на секоја вечерна служба. Неговата молитва е израз на најголемата среќа што може да ја доживее човек- кога ќе се сретне со крајниот друг, инаков - Бог. Среќа што само ја насетуваме кога ќе се сретнеме вистински со друг човек - со суштество што ни е сродно по создание, а различно по личност. Средба на две срца во вистината.

За неверните Томи - како може човек да живее 330 години? - Просто, нашиот живот е во Божји раце. Дали ќе биде долг или краток, блажен или мачен - зависи од тоа како му служиме. Со Него 330 години се рај, а без Него и 3 минути можат да бидат пекол.

10 February 2006

Кој го мајмуносува човекот?

Дел од прекрасната статија на порталот на Премин за лажноста на еволуционистичкото учење:

А, сега да разгледаме едно елементарно научно прашање: какви се доказите за еволуцијата на човекот? Студирајќи историја на универзитетот, имав можност да ја изучувам историјата на првобитното општество, и паметам како предавачот ни раскажуваше прекрасни приказни за различните предци на човекот, кои беа набројувани околу дваесетина. Но, јас никако не можев да разберам, каде се реалните докази за вистинското постоење во далечното минато на сите видови на тие животни: нив на студентите никој не им ги покажа.

Всушност, ископаните научни сведоштва во полза на еволуцијата на човекот се состојат од: ископани остатоци од неандерталец (многу примероци); синантроп (неколку черепи); т.н. јавански, хејделбергски и пилтдаунски луѓе и пронајдоците во Африка (сите тие се крајно фрагментарни) и не многу други остатоци. Така, сите ископани сведоштва за еволицијата на човекот можат да се сместат во ковчег со размер на мал гроб, а и потекнуваат од месности многу оддалечени една од друга, при отсуство на веродостојни искажувања барем на релативна (а, камо ли апсолутна) возраст и без никакви укажувања на тоа, како тие разни луѓе помеѓу себе се поврзани по род или потекло.

Освен тоа, еден од тие еволуциони предци на човекот, пилтдаунскиот човек, како што подоцна се покажа, бил намерен фалсификат. Интересно е тоа што језуитот Тејар Де Шарден бил еден од откривачите на пилтдаунскиот човек - факт кој може да се најде во повеќето учебници. Тој го открил забот на тоа фабрикувано создание, кој веќе бил обработуван со намера да се корегира возраста на пронајдокот. Тоа откритие и било токму онаа алка што недостасува помеѓу човекот и мајмунот, заради што пилтдаунскиот фалсификат и бил сочинет од човечки и мајмунски коски. Тејар Де Шарден имал врска со откритието, но главно со интерпретацијата на некој пронајдоци на јаванскиот човек, кои биле фрагментарни. Важно, каде и да бил, тој наоѓал сведоштва, кои точно одговарале на неговите очекувања - а, имено, дека човекот произлегол ­од мајмунолики суштества.

Ако објективно со проучат сите ископувани сведоштва во полза на еволуцијата на човекот, тогаш ќе се покаже, дека убедливи или некакви разумни докази за таа еволуција - нема. Сите научни работи по овој проблем се сведуваат на полуфантастични измислици со невистинита реконструкција на устројството и битот на архаичните човекови општества, непотврдени со реални археолошки пронајдоци и други документирани извори. Но, сепак е општоприфатено дека постојат докази за еволуцијата, бидејќи луѓето сакаат да веруваат во тоа; тие веруваат во атеистичката материјалистичка философија, која бара човекот да биде настанат од мајмунолико суштество. Од сите ископани луѓе само неандерталецот (и, секако, кромањонецот, кој пак, може да се смета за современ човек) е вистинит; но, и тој е просто homo sapiens, различен од современиот човек не повеќе колку што современите луѓе се различни помеѓу себе. А, цртежите на неадерталскиот човек во учебниците по историја на првобитното општество се само мечти на уметниците кои претпоставуваат како би требало да изгледа примитивниот човек, поаѓајќи од еволуциската теорија.


Целиот напис е тука.

08 February 2006

Немир и гнев

Cartoon Muslim protests...

Баш цртанофилмски муслимански протести, само што не е смешно.

Веднаш ограда... Бидејќи не гледам вести и не читам весници, информациите ги цицам од радио и од Интернет. МРТВ се многу коректни во вестите и никаде не чув „пророкот“ Мухамед, за разлика од странските шпионски радија на македонски каде што го упророчија. Оградата ми е: Исламот го сметам за заблуда (прераскажано и погрешно сфатено христијанство од страна на еретички монаси што се мавтале по Арабија во тоа време во комбинација со тотален еготрип, троа опортунистички заклучоци за лични цели и еден куп суеверија - посовршена идеологија за владеење со народните маси не постои) и после Христос нема Пророци со големо П - сите крстени во името на Света Троица се повикани да бидат пророци на Вистината.

Второ - МПЦ многу убаво настапи со изјавите на архиепископот Стефан и митрополитот Наум, и точно е дека треба да се внимава на чувствата на другите луѓе, ама уште поубаво е објаснето како верско чувство НЕ МОЖЕ да се навреди на порталот на Премин.

Навредено е нечие его - што обично предизвикува гнев - и сега муслиманите покажуваат сила (слики од лондонските протести - од блогот на брат ми што случајно се нашол меѓу нив). Споменав во коментар кај кибиц, ќе објавам и тука - прексиноќа на Би-Би-Си слушав некоја будала што се нарекува имам што бара карикатуристите да им се екстрадираат на муслиманите да им суди муслимански суд! „Каква би била евентуалната казна?“, прашува водителот. „Па, најверојатно ќе бидат осудени на смрт, ама тоа не е важно, бидејќи и вие барате терористи да ви се екстрадираат за да им судат ваши судови“!!!

Логичен ви е аргументот? По таа логика јас може да барам секој муслиман (атеист, агностик, гностик, Евреин... додади кого сакаш) што за Исус ќе каже дека бил обичен човек да биде предаден на Црковен Суд за да се анатемизира. ИдиЈоти.

Од другата страна исто будали. САД уште не ја исклучува можноста за воен напад врз Иран, а тој иранскион претседател како да го сака тоа. Ќе се повторам - многу ме потсетува на Милошевиќ. Или чавка му го испила мозокот, или е многу добро платен.

Мене протестите и нивниот повод (погледнете само КОГА биле објавени карикатурите) ми се доказ за нешто друго - за состојбите на луѓето што не ја бараат вистината, туку го следат тоа што им одговара на телесните (психолошките) желби и на своето, наместо на Божјото. Не ми се допаѓа ни „милитантниот секуларизам“, како што беше наречено однесувањето на ЕУ од страна на о, толку праведните и нелицемерните САД и Британија, ама барем во него е зачувано правото на слобода на личноста... дури и до грев.

Боже, сврти го ова на добро.

05 February 2006

Жртвата како најголема љубов

„Никој нема поголема љубов од оваа: да ја положи душата своја за своите пријатели (ближни).“ Јован, 15,13.

Не само во војна, туку во секојдневниот живот.

Тоа го направи Христос на Крстот, на тоа сме повикани и ние.

И кој ме потсети на тоа? Не само претходната дискусија за самураите, туку и два филма што зборуваат токму за ова и што ги гледав деновиве - „Ефектот на пеперугата“ и „Дони Дарко“. Жртвата е единственото и крајно решение што го менува светот. Откажувањето од своето за да му се направи место на Бог да дејствува.

02 February 2006

Самураите и христијанството

Неверојатно што ќе најдеш во тоа „Нешенел џиогрефик“. Едно рамкиче од декемврискиот број 2003-та.

„Христијанството била главна религија во феудална Јапонија подолго од 50 години. Заедно со мускетите на португалските трговци кон средината на 1500-тите години, пристигнале и езуитските мисионери коишто го ширеле христијанското слово на најсиромашните селани, како и на самурајските земјопоседници што биле желни да добијат пристап до странските пушки и трговијата. Во 1559 год. еден езуитски презвитер допатувал во престолнината Кјото и го убедил шогунот Ашикага Јошитеру да им даде заштита и ослободување од даноците на мисионерите во целата земја. Христијанството се ширело до крајот на владеењето на Ода Нобунага, еден од великите јапонски самурајски водачи и до 1580 год. веќе имало околу 150.000 покрстени души. Во поголемите градови никнувале цркви и богословии, а самураите оделе по улиците со бројаници. Во битка, христијанските воини носеле крстови на штитовите и, додека се судирале мечевите, на бојните полиња одекувале извиците „Језу“ и „Санта Марија“.

Тие извици биле придушени во 1587 год., кога наследникот на Нобунага - Тојотуми Хидејоши - наредил езуитските презвитери да си одат од земјата во рок од 20 дена и целосно ја забранил нивната вера. Причината за овој ненадеен едикт не е јасна. Може бил загрозен од моќните христијански земјопоседници. Иако многу езуитски презвитери си отишле, забраната во голема мерка не била спроведувана. Десетици езуити продолжиле да проповедаат на речиси 300.000 следбеници, меѓу кои биле и некои од најблиските офицери на Хидејоши. Таквото прогледување низ прсти траело до 1611 год., кога службениците на Токугава Иејасу повторно ја отфрлиле христијанската вера. За три години црквите биле уништени, мисионерите биле затворени, а христијанските земјопоседници биле протерани. Многу христијански самураи ги изгубиле својата земја и својот статус, иако нивната вера се одржала до Шимабарскиот Бунт во 1637-38 год. Една група христијански самураи безземјаши се приклучиле на селанскиот бунт против еден суров земјопоседник во западна Јапонија. 20.000 души со месеци успешно бранеле еден напуштен замок од владината војска за која се смета дека броела 100.000 војници. Откако изгубиле илјадници војници, властите биле принудени да ги замолат холандските воени бродови да го бомбардираат замокот. Христијанските знамиња со врежани имиња на светители и зборовите „слава на благословените свети тајни“ паднале, бунтовниците биле масакрирани, а христијанските самураи конечно биле поразени.“

Да го цитирам Мики Манојловиќ од „Андерграунд“ - „Нема рата док брат не убије брата“. :(

Тотално изрезилено во преводот

По повод ткн. „превод“ на Chronicles of Narnia: The Lion, the Witch, and the Wardrobe од К. С. Луис на АЕА и Време.

Клинците дома се пресреќни - баба синоќа видела реклама на Сител дека последниот хит на Дизни/Буена Виста „Хрониките на Нарнија: Лавот, Вештерката и Креденецот“ конечно ќе игра во кино и во Скопје! Иако филмот го гледавме на ДВД (добра кино-копија :) и во варијантите на Би-Би-Си (во четири дела) и еден цртан (многу послаб) - им реков дека конечно доаѓа еден филм вреден да се види во кино и ќе ги носам.

За што се работи? Хрониките на Нарнија се дело на Клајв Стејплс Луис, Британец (англосаксонец, всушност) што од агностицизам (учење што вели „ОК, има Бог, ама јас не му се мешам во работата, нека не ми се меша ни Тој во мојата - нејќу да знам за Него“) станува христијанин - и тоа хардкор. Преобратувањето му дава голем креативен поттик и тој не само што пишува бројни теолошки огледи (имате поврзница горе на името), туку и почнува да пишува „фикција“ или „белетристика“ со христијанска тематика. Бил член на друштвенцето „Инклингс“, чиј најпознат член (кај нас) е Џ. Р. Р. Толкин (авторот на „Господарот на Прстените“) и од чија дружба произлегле и „Хрониките на Нарнија“ во седум книги. Како љубители на бајки, другарите се обложиле кој ќе напише подобра христијанска бајка. „Прстените“ сте ги гледале и можеби сте ги читале, време е да ја откриете „Нарнија“.

Јас ги открив летото Господово 2004, ги голтнав седумте книги за седум дена и им ги раскажував на децата после ручек, на трпеза, или приквечер, покрај огинче во дворот, и волшебноста на тој свет и мојата одушевеност ја префрлив и на нив. Што е толку убаво во книгите? Христијански и длабоко теолошки по себе, привлечни се и за луѓе што не се интересираат многу за таа димензија затоа што многу добро функционираат како класични бајки (подобро од „Господарот на прстените“, според мене).

Е, сега следи заплетот. Луис починал 1963 година, Бог да го прости, што значи дека во Европа неговите наследници имаат право на авторски дивиденди до 2013. Во САД до 2062. И, бидејќи сакав се да биде во ред, и бидејќи морав да ги преведам книгите од што ми се допаднаа, ги побарав авторските права од Харпер Колинс уште истото лето. Не ги добив, бидејќи немам никаква врска со АЕА и Време, што ми беше соопштено некаде во ноември 2006 (после 16 месеци по првата преписка) под изговор дека другиот понудувач имал подобар маркетиншки план. Ај, важи, нема проблем. Фала Богу што ќе излезе книгата на македонски, си реков.

Е, ништо од тоа. Книгата излезе, ама не на македонски. „Подобриот понудувач“ имал подобра маркетиншка понуда (можеби), ама заборавил производот да го направи убав и скапоцен. Преводот на насловот е: Авантурите во Нарнија: Лавот, Вештерката и ОРМАНОТ!!!

Ај, Авантурите во Нарнија убаво звучи - привлечно е маркетиншки. Ама што има привлечно во преведувањето на "wardrobe" (плакар, шифоњер, креденец, ОРМАР) со ОРМАН? Очигледно, преведувачот ни знае англиски, ни знае македонски. Ниту го гледал, ниту го читал „Волшебното самарче“, кадешто дејствието се случува на Караорман (црна ШУМА), а „шумкарите“ и „бандитите“ на секоја втора страница се кријат во „орманот“.

И, што сега? Ќе оди филмот, на децата ќе им се допадне (ќе ви се допадне и вам, ако сте по бајките), ќе ја побараат книгата - и ќе добијат уште еден „глуп бестселер“ бидејќи ОД СТАРТ ПРЕВОДОТ НЕ МУ ЧИНИ! Мене тоа ми е исто ко да се продава сирење со бруцелоза - отпрвин не ти е ништо и сирењето има супер вкус, ама кога ќе те фати болеста, едвај ќе се излечиш (ако се излечиш).

Сега сум во искушение да го шлапнам мојот превод на првиот дел (двапати прочитан, еднаш со проверен правопис и лекториран) на мрежава, ама не е тоа тоа. Бог вели „не враќај зло за зло“ и толку. Ми останува да се надевам дека нешто евентуално ќе се поправи во следните продолжетоци (дека ќе го повлечат овој бедниов превод, тешко) и дека прекрасната содржина ќе ги засени лошо преведените работи. И да го издадам комплетот во 2013 год. кога книгите на Луис ќе бидат во јавна сопственост.

П.С. Ова ќе го поврзам со полемиката што се разви по едноиздавачкиот „саем на книгата“ на Матица каде се стигнува преку овој блог.