06 March 2006

Интернетско-планинарски асоцијации


Човек ќе тргне на едно место, ќе се најде на сосема десетто. Како почна моето денешно играње асоцијација на Интернет (за планините, малку трпение).

За читање вести и она што ми е занимливо на Интернет го користам „Гугл ридер“ (Гугл има многу фин црно-бел дизајн, ми лежи), бесплатен читач на RSS feed-ови (повеќето сајтови - па и овој блог - имаат страница којашто ако се внесе во читачот на РСС, тој ја проверува што има ново од последната посета и дава список најнови статии и написи на сајтот од последната посета навака - може историјатот да иде до времето на запишувањето за услугата, ама немам време да копам толку длабоко). И таму најмногу вести (и занимливости) наоѓам од
digg.com (десно во поврзници - „мрежно копаничарење“). Е, таму гледам, списанието Вајад (Wired) направило избор на најшизички предмети во последниот мартовски број. И, таму, покрај каминот на вода (што чини 50.000 долари и бара тотално прежичување на електричната инсталација дома - му треба да има 60-амперска инсталација - а во Македонија стандардно е едно броило да држи до 40 ампери) видов дека некој тип патентирал ...
светулки во шише :). Ставиш три батерии во едно као капаче за шише, го вклучиш, и можеш да го користиш како ламба за читање или како батерија. Генијално! Е, истите тие „гјото дизајн“ направиле исто толку генијален држач за пиење од шише со една рака (проблемот кога ти се пие вода додека возиш точак - како да го одвртиш капачето). Добро било и за планинарење, па ги претставиле во некое
американско списание за планинари Бекпакер.ком. А, таму, пак, во рекламата на списанието, гледам нивниот уредник за приказни (feature editor) му текнало да помине
7 национални паркови за 7 дена додека го ранел бебето на цуцла :). Подетално - кликнете на седумките - па ќе видите дека се зезнал малку што отишол со другарка-фотограф (планинарењето знае да биде мошне напорно на психички план), но успешно го извршил планот и поминал вкупно околу 2500 км во возење и 50 км во пешачење!

И мојата прва реакција беше „леле, маршрута“, арно ама, прво ми текна на едно мое патешествие со побратимот Мите пред 10-тина години. Отидовме со воз до Битола (176 км - со воз 220). Од железничка до Копанки, планинарскиот дом на Пелистер што е над хотелот Молика, бевме пешки. Тоа се 13 км пешки, од кои 7 се угоре - висинска разлика 1000 метри (качување на Водно од Центар е 600 метри). Преспивање во Копанки, па до врвот на Пелистер и преку него до планинаркиот дом на Големо Езеро. Тоа се уште 3 километри - висинска разлика 500 (угоре) + 300 метри (удолу), ама по срт. Ни се погоди врвовите да бидат во облаци и се сеќавам на неверојатната тишина до горе (доживување слично на седење во глува соба - ги слушаш само ритамот на срцето и шумот на јурењето на крвта. И бревтањето :). Преноќување на Големо Езеро и утредента пешки до Крани, на Преспа. Уште 12 км (за малку ќе заакавме за Грција во тоа облаците), висинска разлика 1000 метри. Тазе лепешки од мечки што уште чуреа - само двапати. Во Крани подостанавме малку и се вративме со автобус, ама ако се споредиме со господинот уредник, имавме 400 км возење и 28 км пешачење (маршрутата Битола-Пелистер-Г. Езеро-Крани ја препорачувам на сите - тоа е еден од поубавите предели во Македонија.)

Добро, ај младешки подвизи. Туку, летоска направивме нешто слично со жена ми (трудна петти месец) и децата (5 комада во распон од 1 до 9 години). Пак отидовме до Битола (го прогласивме за центар на авантурата) и оттаму секој ден одевме на друго место. Комбето имаше 900 км на бројчаникот кога се вративме. За 5 дена - еден ден бевме до Зрзе, втор ден Отешево, трет ден до Пелистер, четврти ден - пак Преспа. Пелистерскиот марш беше најнапорен (и најубав за децата, првпат да бидат толку високо, со ранци на грб и со точен временски распоред - на планина нема шега :). Од паркингот под Молика свртевме круг преку Пали Снопје (се чита заедно), па назад (угоре) кон Копанки и долу до комбето. Само клинците поминаа 10 километри тој ден.

Ги мислев Америте пок`ниња како планинари (добро, човекот извозил бајаги за 7 дена), ама гос`н уредник направил нешто што јас го немам направено - фоторепортажа како тема на бројот во својот весник :). Да знам другпат што да правам кога идам во авантури.

За крај, Симеон покрај каменот-срце кај Ластојчин Камен.

6 comments:

Anonymous said...

Ух, како ме погоди.
Пелистер ептен си го сакам. Пред некоја година одевме од Брајчино до Големо Езеро, ама поголема група, па се изнауживавме. Следниот ден, интернационална екипа, јас, Словенка, Чех и Французинка(на другите им се спиеше), бевме и до Пелистер, на врвот, кај што ти се чини дека "ќе паднеш на небо".

А, летоска, пак, од Неолица, планинарскиот дом до Големо Езеро, едно 20тина километри, по срт, по облаци чекоревме, буквално.

Мноооогу си го сакам Пелистеро. :)

Поздрав.

Unknown said...

Александаp,
digg = копање,
digg не е копаничаpење, сpамота е да се вpеѓа занаетот на македонските копаничаpи, тоа се големи уметници со темелни вештини во pезбаpството, а не амали со мотика и копач.
Следниот пат кога ќе одите на Пелистеp, пpед да се качите, посетете го обновеното Училиште за копаничаpи на Македонија во Битола.

Unknown said...

Дpуго, нема везе со темава, чисто технички:
Ти фали "<" пpед !doctype .... на почетокот на template - от што го коpистиш за блогов, па затоа пpед да се вчита стpаната секогаш ти се појавува едно гpозно:
!DOCTYPE html PUBLIC "-//W3C//DTD XHTML 1.0 Strict//EN" "http://www.w3.org/TR/xhtml1/DTD/xhtml1-strict.dtd">

Клео said...

Влатко,

тогаш од Големо Езеро баш се спуштавме со некоја група што имаше дојдено од Преспа дотаму. Многу убо за шетање. А другава маршрута не ја знам, ќе треба да ми сканираш карта :)

Лондонер,

dig = копање, две „г“ dig добива за да биде кратко „и“ пред „г“ (значи, во digger и digging, инаку би се читало „дајгер“). За значењето на digg во digg.com - види подолу.

Второ, копање и копаничарење имаат ист корен - копа. Секој градски сленг си има игри со зборови, па и јас, како градско дете, си дозволувам такви работи. Можеше да биде и „мрежно копкање“, ама тоа има друга конотација. Мене и онака „копањето“ по мрежата ми личи на длабење (резбање - или на англиски wood carving - длабење). А digg во конотација на digg.com значи друго - нешто што кај нас може да се преведе со „легнување на срце“ (иако dig има и други значења).

Благодарам за советот со наводната заграда (заграда од наводници).

Anonymous said...

Добро утро,

поарна карта од оваа не најдов. Можеш да си замислиш дека планинарскиот дом Неолица е на 1400-и-нешто-м.н.в., се оди преку село Лавци, едно саат, саат ипол пешачење, домарите се ептен љубезни, има фини услови.

Е, сега: од замислената Неолица(некаде над Лавци), тргнуваш до најцрвеното(до срт). Значи, врв Неолица-Црн Врв-Скрково-Муза-Големо Езеро.
Не се сите обележани, немам сега време да барам, ама оставам малку на имагинацијата.

А, да, линкот...
http://www.bitolaonline.com/images/maps_images/03hipsometrija.jpg

Поздрав.

Клео said...

Фала, Влатко,

добро ми го нацрта патот (а отприлика и го имам тој дел од Баба во главата) иако само еднаш сум бил од Нижеполска страна. Да даде Господ здравје, ќе прошетаме и оттаму.