06 March 2006

Интернетско-планинарски асоцијации


Човек ќе тргне на едно место, ќе се најде на сосема десетто. Како почна моето денешно играње асоцијација на Интернет (за планините, малку трпение).

За читање вести и она што ми е занимливо на Интернет го користам „Гугл ридер“ (Гугл има многу фин црно-бел дизајн, ми лежи), бесплатен читач на RSS feed-ови (повеќето сајтови - па и овој блог - имаат страница којашто ако се внесе во читачот на РСС, тој ја проверува што има ново од последната посета и дава список најнови статии и написи на сајтот од последната посета навака - може историјатот да иде до времето на запишувањето за услугата, ама немам време да копам толку длабоко). И таму најмногу вести (и занимливости) наоѓам од
digg.com (десно во поврзници - „мрежно копаничарење“). Е, таму гледам, списанието Вајад (Wired) направило избор на најшизички предмети во последниот мартовски број. И, таму, покрај каминот на вода (што чини 50.000 долари и бара тотално прежичување на електричната инсталација дома - му треба да има 60-амперска инсталација - а во Македонија стандардно е едно броило да држи до 40 ампери) видов дека некој тип патентирал ...
светулки во шише :). Ставиш три батерии во едно као капаче за шише, го вклучиш, и можеш да го користиш како ламба за читање или како батерија. Генијално! Е, истите тие „гјото дизајн“ направиле исто толку генијален држач за пиење од шише со една рака (проблемот кога ти се пие вода додека возиш точак - како да го одвртиш капачето). Добро било и за планинарење, па ги претставиле во некое
американско списание за планинари Бекпакер.ком. А, таму, пак, во рекламата на списанието, гледам нивниот уредник за приказни (feature editor) му текнало да помине
7 национални паркови за 7 дена додека го ранел бебето на цуцла :). Подетално - кликнете на седумките - па ќе видите дека се зезнал малку што отишол со другарка-фотограф (планинарењето знае да биде мошне напорно на психички план), но успешно го извршил планот и поминал вкупно околу 2500 км во возење и 50 км во пешачење!

И мојата прва реакција беше „леле, маршрута“, арно ама, прво ми текна на едно мое патешествие со побратимот Мите пред 10-тина години. Отидовме со воз до Битола (176 км - со воз 220). Од железничка до Копанки, планинарскиот дом на Пелистер што е над хотелот Молика, бевме пешки. Тоа се 13 км пешки, од кои 7 се угоре - висинска разлика 1000 метри (качување на Водно од Центар е 600 метри). Преспивање во Копанки, па до врвот на Пелистер и преку него до планинаркиот дом на Големо Езеро. Тоа се уште 3 километри - висинска разлика 500 (угоре) + 300 метри (удолу), ама по срт. Ни се погоди врвовите да бидат во облаци и се сеќавам на неверојатната тишина до горе (доживување слично на седење во глува соба - ги слушаш само ритамот на срцето и шумот на јурењето на крвта. И бревтањето :). Преноќување на Големо Езеро и утредента пешки до Крани, на Преспа. Уште 12 км (за малку ќе заакавме за Грција во тоа облаците), висинска разлика 1000 метри. Тазе лепешки од мечки што уште чуреа - само двапати. Во Крани подостанавме малку и се вративме со автобус, ама ако се споредиме со господинот уредник, имавме 400 км возење и 28 км пешачење (маршрутата Битола-Пелистер-Г. Езеро-Крани ја препорачувам на сите - тоа е еден од поубавите предели во Македонија.)

Добро, ај младешки подвизи. Туку, летоска направивме нешто слично со жена ми (трудна петти месец) и децата (5 комада во распон од 1 до 9 години). Пак отидовме до Битола (го прогласивме за центар на авантурата) и оттаму секој ден одевме на друго место. Комбето имаше 900 км на бројчаникот кога се вративме. За 5 дена - еден ден бевме до Зрзе, втор ден Отешево, трет ден до Пелистер, четврти ден - пак Преспа. Пелистерскиот марш беше најнапорен (и најубав за децата, првпат да бидат толку високо, со ранци на грб и со точен временски распоред - на планина нема шега :). Од паркингот под Молика свртевме круг преку Пали Снопје (се чита заедно), па назад (угоре) кон Копанки и долу до комбето. Само клинците поминаа 10 километри тој ден.

Ги мислев Америте пок`ниња како планинари (добро, човекот извозил бајаги за 7 дена), ама гос`н уредник направил нешто што јас го немам направено - фоторепортажа како тема на бројот во својот весник :). Да знам другпат што да правам кога идам во авантури.

За крај, Симеон покрај каменот-срце кај Ластојчин Камен.